• Наслов

    МАРА ВОПЕРКАТА

  • Автор

    ЕВТИМ СПРОСТРАНОВ

  • Година на издавање

    1894

  • Категорија

    преродбенска книжевност

  • поема

Опис на делото

Мара паднала жива-мртва: „Уста д’имам да не зборвам, / Раце д’имам да не фашчем, / Нодзе д’имам да не ‘одам... / Стамболджица – баба стара, / Вешчица е, сè та знаит“.
 Поемата „Мара Воперката“ од Евтим Спространов, испеана во шекспировски дух, е посветена на Македонија и на македонското судбинско прашање: Да се биде или не? Истовремено авторот се доближил и до една стара народна тажачка: „Нит умират / нит стануват / ниту Бога / душа дават“.
Варијанта на поемата била објавена под наслов „Оплакувањето на Мара“ во СбНУ, кн. XI, 1894 г., во одделот на народни умотворби, во 555 стиха. За оваа мистификација на Спространов прв известил Гане Тодоровски, кој истакнал дека Марко Цепенков, Васил Икономов, Трајко Китанчев и Евтим Спространов се конгенијални воведувачи на македонскиот јазик во литературата, дека не се обични мистификатори на народни умотворби, иако не ќе можат да ја избегнат дефинитивно ни таа етикета. Во понатамошната презентација на „Оплакувањето на Мара“, Г. Тодоровски прави споредба на поемата со тажачките што ги објавил М. Цепенков, при што нагласува дека кај Спространов се работи за свесно и мошне евидентно оддалечување од народниот урнек. Според него, тажачките во својата суштина толку многу се потпрени врз вредностите на индивидуалниот интерпретатор што дури прашање е дали егзистираат како показ на колективниот народен певец. За понатамошната презентација и анализа на поемата ќе го користиме текстот во ракопис од фондот на Спространов, при БАН, Ф. 36к, ар. ед 1007. Поемата е испеана во 1519 стихови, насловена „Мара Воперката“. Поемата не е поделена на глави, туку тече без прекин како во народните епски песни; ја одликува одличната поставеност на содржината, текот на композицијата тече преку наизменични тажења, поточно на секое едно тажење на мајка ѝ следува едно тажење од некоја друга жена. Притоа, преку нивните оплакувањата поетот ја соопштува содржината на поемата, а лиризмот е истакнат преку чинот на редењето. Размерот на стихот, односно метричката стапка е четиристопен хореј, т.е. осмерец. Изворот на поемата е народната тажачка песна, но според Г. Тодоровски поради својата филолошка подготвеност Спространов свесно прави оддалечување од народниот урнек, при што прави едно коректно облагородување на народната песна и нуди едно усовршување на најтипичната импровизација во народната поезија – на тажачката песна.
Поемата е посветена на Македонија која симболично е претставена во ликот на Мара Воперката, бидејќи поемата била објавена во 1894 г., а закопувањето на живата Мара било извршено 50 г. пред тоа, значи кон средината на XIX век кога Србија, Грција и Романија ја добиле својата независност, а политиката го најавувала и ослободувањето на Бугарија, при што судбината на Македонија била неизвесна. Раѓањето на Мара било 20 години пред нејзиното закопување, а тоа е во 20-тите години од XIX век што се совпаѓа со почетокот на борбата и раѓањето на балканските држави. Во поемата Спространов дал целосна слика на општествениот, економскиот, политичкиот и секојдневниот живот во Македонија во XIX век. Тажењето на мајката на Мара е тажење за Македонија и за нејзината неизвесна состојба: Да постои или не? Во тажењата на другите жени се опеани судбините на мајките, на младите македонски девојки кои биле потурчувани или мажени по желба на родителите, судбините на македонските момчиња кои биле убивани насекаде и во секој момент. На мајсторски начин се прикажани поделеноста, разединетоста на македонскиот народ, влијанието на пропагандите, аспираторските желби на соседите итн. Поемата е раскажана во прво лице, од страна на Мара, која започнува со самооплакувањето на својата судбина. Преку исповедните тажни чувства соопштува дека била оставена сама на себе, ја опејува својата самотија, поради што легнала болна, но притоа размислува како да најде сила да стане, да се излечи од болеста. Тагата на нејзините родители била огромна бидејќи таа им била една, замена за неа немало, па ја носеле на гледачки, бајачки, доаѓале луѓе, носеле понади, се молеле на Господ да ѝ даде здравје, ама ништо не помагало. Дошла стара баба Стамболџица со цел да ѝ помогне, но од тоа што ѝ го направила состојбата на Мара се влошила, паднала жива-мртва: „Уста д’имам да не зборвам, / Раце д’имам да не фашчем, / Нодзе д’имам да не ‘одам... / Стамболджица – баба стара, / Вешчица е, сè та знаит“. Всушност, тоа се туѓите пропаганди кои под превезот на „братската помош“ започнале со агресивната асимилација врз македонскиот народ и ја подготвувале поделбата на Македонија. Таа на главата на Мара ѝ ставила ѓум со врела, жешка вода, ѝ го стегала вратот со вретено, лицето ѝ го горела, била целата во жар и оган фрлена. Започнала агонијата, паѓањето на Мара во дупка без дно, без газер, во страшната темнина, „Умре, викет, и отиде / Душата ни, сѫрцето ни!“. Една баба ѝ ги затворила очите, но не биле сосем дозатворени, па започнала да ги гледа подготовките за нејзиниот погреб. Пуста Мара сè гледала и дознавала, ама немала сила нешто да направи, да не биде жива закопана. Ги поминала претпогребните обичаи, ја направиле невеста за во гроб, за во црна земја. Ја тажеле и ределе, а таа само се чудела дали навистина жива ќе ја закопаат. Всушност, тоа е периодот кога Македонија по Берлинскиот конгрес (1878) со нереализирањето на чл. 23 останала во незавидна положба, а на нејзините соседи со помош на монархистичките сили им било овозможено тие да ги пројават своите интереси за неа. Во тој период Македонците биле оставени сами на себе, поради што низа автори во своите дела во тој период повикувале на обединување на македонскиот народ и на колективно, револуционерно движење.
Спространов на извонреден начин ги реди наизменично тажењата, во кои го слика животот, т.е. патилата на македонскиот народ, судбината на македонските мајките кои само тргале маки, ронеле солзи, немале да видат добро и среќа за своите деца. Мајка ѝ на Мара редела, ја молела да стане, да не оди во црна земја, ги повикала другарките на Мара да ја викнат да седне со нив, да везе, да плете, да пее, да испеат невестинска песна, па потоа Мара да ја однесат од кај што никој не се вратил, да ја стават во црна земја: „Да iе даиме на цѫрвите / Да ie ъдет бели меса, / Да iе пиiет цѫрни очи, / Да разсипет тѫнка става / Да изгорит клето сѫрце, / Мое сѫрце гламносано“. Мара ја проколнувала Стамболџица за тоа што ѝ го сторила, да ги слуша тагите и да ги гледа болките. Вниманието ѝ било одземено од тажењето на другите жени кои ги кажувале своите болки, маки, од кои Мара (Македонија) кажала неколку: „Слушаите ме, паметвите / Коа била и шчо била / Ваша Мара Воперката“. Следува редењето на стрина Петка која го оплакувала својот најмал син Трајко, кој среде ден, на улица сред чаршија, бил убиен од проклетиот душман – Турците. Овој мотив во народните песни не е забележан, па со неговото воведување Спространов прави новина. По тажењето на Петка, дошол гробарот за да ѝ земел мерка на Мара, за „новата куќа во која жива ќе ја стават. Потоа следи тажењето на клета Стојна, која била како смрт престорена, не од старост, не од болест, туку од маки и јадови. Нејзината ќерка Рада била грабната, па била жива-мртва: „Моа Рада како Мара?!“. Со настапувањео на ноќта жените заминале, но се собрале други луѓе за да ја чуваат Мара, по што следува опис на обичајот – ноќното чување на мртовец. Со зазорувањето започнале нови тажачки од страна на мајка ѝ која ја повикувала Мара да стане, но таа не станувала, па мајката ја посакувала сопствена смрт наспроти животот на ќерка си. Во тажењето на тетка ѝ биле проколнати наречниците што ѝ нарекле таква судба. Тажачката на куца-Панда ги открива чувствата на девојка која родителите ја омажиле во туѓина, со што авторот врши критика на патријархалните догми. Јадовите си ги кажала и Дона – сиротица и вдовица, преку чија индивидуална судбина е претставена колективната судбина на македонскиот народ. Ова тажење е слика на општествената, социјалната и политичката состојба во Македонија. Оставена сама на себе, немала со кого да проговори, па се прашувала зошто живее, зошто се мачи? Чии гревови отплаќа, чии клетви ја фатиле? Деновите ѝ биле ноќи, а ноќите пекол: „/ Зашчо ми се синои мене, / Зашчо ми се кьрки мене, / Кога немет меж себе / Нито слога, нито любов?“. Едниот тргал на една страна, другиот на друга, а третиот барал само материјални добра, незаинтересиран за својот род. Затоа го молела Бога да ги слушне нејзините клетви, бидејќи честа ѝ била опцуена, стоката ограбена, синовите истепани, ќерките обесчестени, кои „братъ имет, братъ немет“, бидејќи другарувале со душманите, нејзините чеда не мислеле на неа, комшиите сеир гледале и сакале да ја грабнат, да им биде робинка и ним да им слугува. По неа започнала да тажи и Зиа, чие срце горело, а душата ѝ била поцрнета, оти само гледала како нејзините чеда немаат мир и љубов, меѓу себе само се карале, брат со брат не се сакал, за што ги обвинила „мунафиците“ кои направиле да умираат од маки и од јадови. Клепалото се огласило, поп Стојан дошол и мајката на Мара повторно започнала тажачка со обраќање до попот, молела да ѝ ја остави, да не ѝ ја земаат на сила: „Остаите ъ, ах душмани !…“. Но, четворица ја кренале, а при погребувањето Мара се прашувала и се ребрела како да им каже дека жива ќе ја закопаат, кога никој не ја гледал, никој не ја прашувал. Ја ставиле во гробот, ја покриле. Повторно започнале мајкиното и теткиното оплакување. Мара го слушнала тропотот на земјата врз неа, го слушнала и заминувањето на луѓето. Местото било тесно и темно, не можела да се мрдне. И тогаш започнала нејзината агонија: што ќе прави ако ѝ се пуштат повторно жилите? Почнала борба сама со себе. Колку време траела таа борба не знаела, сè додека Мара не слушнала шум и удари, додека капакот не се отворил. Пред неа стоеле двајца вооружени мажи! Најпрвин се здрвила, но потоа помислила дека Господ ѝ ги пратил „куртулите: арамиите и убијците“. Тие започнале да ја раслекуваат, да ја мрдаат, да ја туркаат, и во еден момент душата ѝ се повратила, жилите ѝ се отпуштиле, морници ѝ поминале од главата до нозете, па се затресла, се задишала, се закашлала. На констатацијата дека е „жива“, двајцата избегале, а Мара излегла од гробот. Неколку денови се криела, а потоа излегла и се покажала дека е жива; дека била нема, ама прозборела; била „улок“, но промрдала; била мртва, но оживеала. И така започнале да ја викаат Мара Воперката.
Поемата „Мара Воперката“ има литературно-историско значење. Во неа авторот го надминува клишето на народната тажачка, внесува и понова содржина која не се сретнува во народните песни, до израз доаѓаат неговите вредности како индивидуален интерпретатор. Со поемата и со другите литературни творби напишани на македонски народен јазик (песни, поеми, раскази, патописи) Спространов се потврдува како значаен автор за развојот на македонската литература, а воедно припаѓа и на групата „претходниците на Мисирков“ кои се обидувале да ги издигнат централните македонски дијалекти на степен на литературен јазик. (В. М. Х.)

  


Библиографија

 Миронска-Христовска, Валентина. 2004. „Поетски опус – Поеми“ во: Литературното дело на Евтим Спространов. Скопје: Институт за македонска литература, стр. 293-302; Тодоровски, Гане. 1985. „Белешка за Евтим Спространов“ во: Македонската правостоина. Скопје: Мисла, стр. 346-385.