• Наслов

    СЕМЕЈНА ФРЕСКА

  • Автор

    ЗОРАН КОВАЧЕВСКИ

  • Година на издавање

    (1976)

  • Категорија

    современа книжевност

  • дело роман

Опис на делото

Семејна Фреска е роман првенец од Зоран Ковачевски посветен на генеалошкото стебло и опстојувањето на едно македонско печалбарско семејство, кое се проследува од Балканските војни до седумдесеттите години на XX век. Во него на прв план избиваат егзистенцијалните и моралните дилеми на семејното стебло, социјалната и регионалната сложеност што ја наметнува историското време, предадени низ призмата на главниот јунак – сведок и коментатор кој ги раскажува настаните со реалистичка сугестивност.

Романот Семејна фреска нè воведува во една поширока преокупација на авторот, присутна и во неговиот втор роман Летачи на метли да остави сведоштво за македонските семејства кои напуштајќи ги родните огништа (с. Лабуништа и с. Вевчани) доаѓаат во Белград за да ја продолжат својата животна судбина во нови околности кои имплицираат различни (социјални, економски, психолошки и интимни) односи од претходните. Во него се провлекуваат приказните за пријателите и девојките на нараторот Веселко – јунаците (Даринка, Љубомирски, Наѓа, Ирина, Нена, г-ѓа Ержика) од белградската ретроградната интелектуална средина испреплетени со кажувањата за судбините на многуте роднини (баби, тетки, стриковци, стрини, дедовци, братучеди, братучетки), срочени во една богата наративна фреска. Преку нивните трагични судбини предизвикани од ситните грешки, се отвора претставата за едно некогашно аристократско, раслоено белградско семејство на кое му припаѓале трите тетки на нараторот (Милица, Мара и Воведа) со кои тој гради топли интимни односи. Се споменуваат и епизодите од настаните во семејството на стрикото, курирот од „Југоштампа – Душан Пелинковски и неговата многудетна фамилија: противењето на братучедата Sвездичка за присилната мажачка; упорноста на паметната братучеда До да се школува; трагичната судбина на разгалениот братучед Це – единственото машко во таа фамилија, кој откога на петгодишна возраст го прегазил камион, се оддал на боемски живот и завршил во италијански затвор обвинет за трговија со дрога. Потоа се редат приказните за животот на главата на семејството – бабата Темјана од с. Вишни, која останувајќи рано без маж сама ги одгледала двата сина: Душан, кого го пратила на печалба во Белград кога имал десет години, и Ѓорче – таткото на нараторот кого го пратиле во Богословското училиште во Битола, но тој наместо поп станал професор по филозофија и руски јазик во гимназијата во Охрид. Помал дел од романот е посветен на роднините од фамилијата на мајката Ели (по потекло од Охрид, чиешто школување било прекинато со мажачката и почетокот на војната), бидејќи како што вели раскажувачот: „роднините на мајка ми, како и во поранешните држави биле маргинални личности. Младинците ги зачленувале во фашистичката организација Браник’. Свршените гимназијалци оделе на студија во Софија... (Ковачевски 1976: 124). Прелистувајќи ги семејните албуми, раскажувачот Веселко говори градски со непретенциозна интелектуалност, сликајќи го животот на своите предци ангажирано и аналитички, со бројни сцени во кои доминира микрокосмосот.

Иако самиот раскажувач Веселко Пеленковски во романот вели: „Ова се страници за мене, иако се чини дека јас сум на страна, секој ред и збор зборува за мене. И затоа не му дозволувам никому да рече дека ова е фантазија, далеку од секоја вистина, од секој свет и од виделината. Исто така го предупредувам секого дека овде нема историја, ни други човечки судбини, освен мојата судбина. Ова е мојата автобиографија... (Ковачевски 1976:  131). И покрај искажаното, кое е своевидно алиби за автентичноста, сепак станува збор за биофикциски роман во кој покрај галеријата ликови од потесното и поширокото семејство на раскажувачот се спомнуваат и историски личности (Војо Станиќ, Андон Дуков, Ангелко Крстиќ, Моша Пијаде) испреплетени во сеќавањата на низа ликови, кои со своите необични сведочења и анегдоти оставаат впечаток дека станува збор за субјективизирана имагинарна структура. Авторот Ковачевски го избегнува баналното исповедно раскажување преку воведување на бројни нови недоволно обликувани протагонисти како сведоци во настаните, сведувајќи ја на тој начин нарацијата на своевиден запис за случувањата. Често ја користи и постапката на соголување на деталите, набројување и редење на низа нови епизоди и релации со роднините, со што неговото раскажување се зацврстува и тој станува хроничар кој своето кажување го насочува кон целта да остави запис за својата семејна лоза.

Од критиката овој роман е оквалификуван како роман хроника „која има своја слоевитост (семејна, социјална и наративна) (Георгиевски 1983: 330), но и како „трактат за тоа како настанува еден роман, метафора за писателската амбиција... (Друговац 1990: 623). (Ј. М.-Г.) 


Библиографија

 Георгиевски, Христо. 1983. „Депетизација на животот“ во: Македонскиот роман 1952 1982. Скопје: Мисла, стр. 326-332; Друговац, Миодраг. 1990. „Зоран Ковачевски“ во Историја на македонската книжевност ХХ век. Скопје: Мисла, стр. 621-623