СРЕБРЕН ПОТОК
1969
современа книжевност
поезија
Кај Андреевски може да се забележи склоност да ги групира своите песни околу одредени мотиви, односно да ги варира клучните мотиви и симболи и да ги поставува во извесни соодноси како точки на поврзување на неговиот поетски опус. Често песните имаат свои парници или дури и по неколку комплементарни варијации на одреден мотив (на пр. „Дојдовме“ и „Тие доаѓаат“ или „Крај езеро црна песна“, „Крај езеро сина песна“ и „Крај езеро бела песна“). Тоа важи и за групацијата од пет песни во проза („Ноќ“, „Утро“, „Пладне“, „Долго пладне“ и „Вечер“) обединети под заеднички наслов „Отворен ден“, во кое поетот ги отсликува етапите на деноноќието, односно психолошкиот профил на лирскиот субјект во однос на протекувањето на времето. Значењето на Андреевски за развојот на лирската песна во проза во македонската литература го истакнува и Петко Дабески во поговорот на неговата антологија на македонската песна во проза: „Првите три песни во проза на Цане Андреевски, ’Рамења’, ’Волшебница 1, 2, 3’ и ’Желба’, објавени во збирката Добрина (1956) се всушност првите лирски (исказни) песни во проза во македонската книжевност. Во нив се отсутни нарацијата и микрофабулата, па и драмските елементи среќавани во првите три песни во проза на Конески објавени една година порано. Неговите песни во проза се речиси флуидни, без микрособитијност, создадени од нешто што не може да се прераскаже, својствени само за ретки автори во доверлив однос со спонтаноста, одбојни кон скрибоманијата, уверени во благата моќ и смисла на поетството“. (С. С.-Е.)
Дабески, Петко. 2013. Поговор кон Бденија и виденија – Антологија на македонската песна во проза. Скопје: Антолог; Иванов, Благоја, 1969. „Еден можен пристап кон поезијата на Цане Андреевски“ во: Андреевски, Цане: Сребрен поток, Скопје: Мисла, стр. 5-14; Ивановски, Иван. 1965. „Цане Андреевски: ‘Свечености’, Кочо Рацин, Скопје“. Културен живот, год. X, бр. 2-3, стр. 45-46.