Поет, писател за деца, раскажувач и антологичар.
Со својата рефлексивно-исповедна поезија од педесеттите и шеесеттите години на минатиот век има автентичен влог во развојот на македонската литература. Меѓу првите пишува лирски песни во проза, а посебно се истакнува и со квалитетна литература за деца.
Завршил Филозофски факултет (Историја на книжевностите на народите на Југославија) во Скопје. Работел како новинар и уредник во редакции на списанија за деца и млади (Пионерски весник, Титов пионер, Млад борец). Учествувал и во уредувањето на книжевните списанија Млада литература и Разгледи. Најголемиот дел од својот работен век го минал како новинар и уредник во Радио Скопје, и тоа во секторите за култура, уметност, образование и забавно-ревијалната програма и како уредник за историографијата на Радио-телевизија Скопје. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1957 година. Добитник е на наградите: „Кочо Рацин“, наградата на Радио-телевизија Скопје на СВП, „Книжевен жезол“ на ДПМ и „Ванчо Николески“ на ДПМ.
Андреевски почнува да објавува поезија во педесеттите години од минатиот век (прво за деца, а потоа и за возрасни), кога се конфронтираат поетичките доминанти на градителско-патриотската и интимистичката поезија. Обете оставиле трага и врз неговиот израз, но неговиот поетски сензибилитет ја остварил својата оригиналност, продлабочувајќи ги обете истовремено пеејќи и за личното и колективното, обединувајќи и патриотски, и градителски, и љубовни, и пејзажни и стварносни мотиви. Неговата антологиска поема „Дојдовме“, иако пред сè се чита во патриотско-градителски код, претставува опевање на универзалната непомирливост и хуманистичкиот подвиг, та затоа и станува инспирација за македонскиот композитор Томислав Зографски, кој според нејзините стихови создава композиција за мешан хор, оп. 95 во 1980/1981 година. Уште од првата објавена стихозбирка со наслов Добрина, поетскиот профил на Андреевски се обликува како потенцирано хуманистички и етички. Низ неговите стихови струи една оптимистичка вибрација од „пределот на нежноста“, една доверба во љубовта и можната праведност, така што Димитар Митрев во 1960 г. пишува за него дека: „не ги одбегнува етичките побуди, а ги бара и ги искажува со непринудена отвореност. Затоа, зборот ‘добрина’ често се обновува во текстот на тие песни и станува нивен лајтмотив“. Подоцна, во 1987 г., Петар Т. Бошковски реферирајќи на оваа забелешка на Митрев, го нарекува Андреевски „поет на добрината“ (Бошковски 1987: 61). Поетскиот свет на Андреевски добива изразени контури во библиофилското издание на стихозборката Сребрен поток од 1969 г., во која се обединети и повторно објавени песните од претходните негови збирки. По многу години, во почетокот на дваесет и првото столетие, Андреевски го фокусира својот поетски интерес врз традиционалната јапонска стихувана поетска форма хаику и во 2007 г. ја објавува збирката Дождот.
Творештвото за деца на Цане Андреевски зазема видно место во македонската литература. Во него длабокиот хуманизам на суптилен начин добива и воспитно-дидактична димензија. Поезијата и прозата за деца и млади зазема голем дел од неговиот опус и се одликува со нагласена игривост и хумор, како и со почит и разбирање за детскиот поглед на свет. Ненаметливо, со вешто приспособен стил и јазик, Андреевски ги проширува спознајните и емотивните хоризонти на децата и го поттикнува нивното созревање. Автор е на многу радиодрами и телевизиски игри за деца, емитувани на програмите на Македонската радио-телевизија.
Спојот на неговиот книжевен и новинарски ангажман доживува висок степен на реализација во подготовката на една значајна документаристичка книга, преку која генерациите имаат можност да го запознаат одблиску великанот, општественик и книжевник, Блаже Конески. Тоа е книгата Разговори со Конески која за прв пат се појавува во 1991, а потоа доживува и доработки и преизданија и се вбројува меѓу највредните прилози за изучување на ликот и делото на Конески.
Цане Андреевски е приредувач и на една антологија на македонска љубовна лирика, објавена во 1979 година. (С. С.-Е.)