• Наслов

    БАЛКАНОТ НЕ Е МРТОВ

  • Автор

    ДЕЈАН ДУКОВСКИ

  • Година на издавање

    1992

  • Категорија

    современа книжевност

  • драма

Опис на делото

Врз митот за македонскиот маж, јунак над јунаците каков што е ликот Спасе, и митот за верната и свесна македонска жена, столб на македонското семејство каков што е ликот Анѓа од драмата Македонска крвава свадба од Војдан Чернодрински, сублимирано согледана во реченицата „Умрев, ама Турчинка не станав“, се создава и надоградува драмата Balkan is not Dead или магија Еделвајс на Дејан Дуковски, постмодерна драма кој се карактеризира со иконокластичен однос кон ваквата слика.
            Процесот на демитологизација на „вистината“ за македонскиот човек започнува со текстот цитат кој за своја предлошка ја има драмата на Војдан Чернодрински – Македонска крвава свадба. Односот на овие два текста може да се дефинира со постапката наречена рециклажа, при која делови од претходниот текст се монтираат со нови елементи. Од првата верзија на Чернодрински останале ликовите и нивните врски, но сега во колаж-комбинација со исечоци од други приказни (Елени и Кемал Ататурк, Едис, Икономо...). Неповрзаните секвенции ги обединуваат љубовниот мотив и цветот еделвајс, кој се одликува со реткост и необична убавина затоа што „по леденото доба расте само на Алпите“. Драмата Балканот не е мртов е креативна интерпретација на драмата Македонска крвава свадба, во која преку интертекстуална игра го претвора националниот судир во космополитски хаос при што се проблематизираат односите на моќта, сексуалноста и етичките начела.
            Македонска крвава свадба е во знакот на националните, верските и политичките судири на две непомирливи страни: македонската и турската, односно христијанската и исламската. Во неа е тематизирана појавата на грабнување на македонски девојки и жени од страна на османлиските моќници.  Текстот на Дуковски се надоврзува на тој историски контекст, но не останува заробен во него, туку го проширува и приопштува така што на преден план избива односот моќ – стигматизација, исклученост, и како последица на тоа се јавуваат конфликт и недоразбирање. Тој трага по можни решенија и со тоа ја надминува историската рамка, минатото го посегашнува, го прави актуелно во современи услови. Драмата ја става на показ сингуларноста на настанот вон каков било конечен контекст. Чинејќи така, трага по историјата на нештата кои се неисториски (чувството на љубов).
Непомирливоста на двете страни, видена преку манифестација на дискурсот на моќ на едниот етникум над другиот, се задржува во првиот дел од текстот, предадена преку отсуството на директен дијалог помеѓу моќникот (Осман-бег) и потчинетиот (Македонката). Тоа е отсуство го манифестира субординираниот однос на едниот врз другиот. Разговорот се одвива со посредник, слугата Расим. Сличен однос на посредно искажана желба/наредба на моќникот има во низа сцени, меѓу кои е и сцената на убедување на Цвета да се потурчи. Посредникот во дијалогот сега се претходно потурчените Македонки. Во следот на настаните, со губењето на позицијата на моќник, Осман-бег директно ѝ се обраќа на Цвета. Дијалогот меѓу нив ги губи обележјата на стигматизираност и не претставува само формално обележје, туку прераснува во вистински дијалог, комуникација на два рамноправни лика. Во драмата се одвива и процес на деконструкција на стереотипите, како на пр. забраната на брачни односи помеѓу двајца од различна вероисповед, тематизиран во неостварената љубов помеѓу ликот Кемал Ататурк и Елени.
Паралелно со рушењето на стереотипите кои имаат врска со општествено-социјалното живеење, Дуковски го руши и стереотипот во литературата: како на македонскиот маж – јунакот над јунаците сега се претставува како слабак, заслепен од омраза и нерационален бунтовник кој на гротескен начин го губи својот живот, така и на македонската жена – верната, беспомошна жена сега е рационална и самосвесна, сподвижник на промените што следат.

Односот меѓу драмите на Војдан Чернодрински и Дејан Дуковски се остварува на идејно ниво, првиот е идеолошки исклучив во сите насоки зашто не гледа и не сака да спознае можен излез од кризата освен преку беспоштедната борба на спротивставените страни, додека Дејан Дуковски настојува да ги претстави претпоставките за можен дијалог меѓу двете страни. Симболичниот израз на тој дијалог е цветот еделвајс, цвет кој е исклучително редок и кој може да се сретне само на недостапните, планински предели во Европа и Азија, а токму поради реткоста е заштитен со закон, односно неговото кинење е забрането. Во текстот на Дуковски тој се јавува често и е поврзувачки лајтмотив за сите љубовни врски што завршуваат трагично. Заедничкиот контекст на Балканот, на цветот и на љубовта е парадоксален, пред сè поради тоа што на Балканот му се припишува синтагмата „буре барут“. Двата реалитета од насловната синтагма, Балканот и еделвајсот, имаат амбивалентно значење. Во текстот на Дејан Дуковски Балканот е место на злосторство и неостварена љубов. Тој живее и ќе живее со своите меѓуетнички предизвици, зашто еделвајсот на Балканот не ја остварува својата симболичка вредност – знак на љубов и хармонија. Така е на колективен план. 


Библиографија

Павловски, Борислав. (2000). „Драмскиот rimake на Македонска крвава свадба“, во: Војдан Поп Георгиев Чернодрински – живот и дело, Скопје: Институт за македонска литература.

Георгиевска-Јаковлева, Лорета. (2008). „Малцинствата во драмата Balkan is not dead од Дејан Дуковски“, во. Книжевноста и културната транзиција, ИМЛ, Скопје, стр. 99-111