• Наслов

    ПРОРОКОТ ОД ДИСКАНТРИЈА

  • Автор

    ДРАГИ МИХАЈЛОВСКИ

  • Година на издавање

    2001

  • Категорија

    современа книжевност

  • роман

Опис на делото

Романот Пророкот од Дискантрија е објавен во времето на транзицијата по распадот на Социјалистичка Југославија и трага по корените на балканската и македонска современа тегобност. Тој е еден вид книжевен одговор на оспорувањето на легитимното право на една суверена и самостојна држава, членка на ОН, да се самоидентификува. Пишуван во времето на грчкото вето за прием на Македонија во НАТО и ЕУ, тој и денес е актуелен, имајќи го сега на ум бугарското вето за ЕУ, кое уште подлабоко и посуштински ги негира правата на Македонците за сопствен, посебен јазик и сопствен, различен од другите соседни народи – идентитет и тоа на земја, сега веќе членка и на НАТО.
Сместен во две временски рамнини – крајот на XI век (1081) и крајот на XX век (1999), тој се придружува на т.н. постмодерна историографска метафикција, т.е. на оној тип проза кој дијалогично го преиспитува минатото и го става во нов, современ контекст. Составен од два временски раздвоени дела раскажани од богомилскиот духовник Василиј Нежил, првиот како реминисценција на времето во кое живеел и кое е под знакот на византиската асимилација на автохтоната култура на македонска почва, вториот од аспект на воскреснатиот учител во современа Македонија, романот поставува суштински прашања за балканскиот идентитет, за вековната заемна омраза и за поделбата на културите на цивилизирани и варварски.
Трагајќи по корените на константната стигматизација, Михајловски всушност ја промислува воспоставената слика за туѓинецот, во конкретниов случај за охридскиот архиепископ Теофилакт, дотогашен ѓакон на великата црква „Света Софија“, како непријател. Припишувајќи му го првичното негирање на името на Словените, преку алегориски клуч, говори за современата заткулисна поделба на светот на: цивилизирани и варвари, големи и мали, моќни и немоќни, фаворизирани и онеправдани, правоверни и еретици, како причина за современите конфликтни состојби. Централен проблем во романот е прашањето за начинот на легитимирање на правото на македонскиот народ за сопствен, посебен идентитет во контекст на минатото и традицијата. Во тој процес Михајловски го фаворизира знаењето, но не како систем од хиерархизирани вредности, туку како систем кој отвора дијалог со минатото.
Низ ретроспекција на минатите настани изнесени во форма на сеќавање, нараторот и главниот лик, пророкот Василиј, ја ресемантизира сликата за време на владеењето на Теофилакт, трагајќи по корените на непријателството. Земајќи го за појдовно она што историски е утврдено како мисија на Теофилакт – асимилација на автентичната култура на македонска почва од страна на византискиот достоинственик, Михајловски трага по чувствителната димензија на нетрпеливоста на Теофилакт како страв од непознатото и од Другиот.
Така, Михајловски внесува промени во „големата нарација“ – христијанството како обединувачки, творечки елемент на идентитетот на Словените на Балканот, а оттука и на Македонците. Тој момент на промена е плурален и внесен во игра како конфронтација на христијанското и богомилското учење, поврзан со историите на доминација и експлоатација, а не со големата христијанска приказна за спасението. Од аспект на неколкувековната дистанца, нараторот, некогашен пророк, токму во сличностите на некогашното и сегашното, на непријателите, на желбите, го бара спасот на т.н. угорнина од ѕидот, метафоричен топос за Македонија не само како географски простор туку и како естетизиран, хронотопичен простор со сопствен идентитет во кој е вграден и ѕидот. Михајловски упатува на рабовите на историјата за оттаму, од тие рабови, просторот на Македонија да го наративизира и со тоа да му даде име и за да ја делегитимизира силната тенденција на губењето на врската меѓу името, просторот и идентитетот.
Во стереотипизираната црно-бела слика предадена во бинарни опозиции во парот ние/тие, добри/лоши, Михајловски внесува нијанси, непријателството го заменува со сојузништво, монологот со дијалог. Тој го менува дискурсот на веќе воспоставената матрица на историјата и на фолклорот, која создава криза и го полни со нови функции кои го проблематизираат идентитетот, и оној на Теофилакт и неговите наследници, односно сегашни современици, и оној на Нежил и неговите наследници, современици. Токму кризата, конфликтот го проблематизира идентитетот и на оние што го градат и на оние што го рушат ѕидот.

Сепак, Пророкот од Дискантрија, односно од неименуваната земја, односно земјата именувана како This Countrey – Дискантрија, земјата без име, го прави дијалогот нерамноправен и токму затоа неможен. (Л. Г. Ј.) 


Библиографија

Георгиевска-Јаковлева, Лорета. 2008. „Историјата – идентитетот – името“ во: Лорета Г. Јаковлева. Книжевноста и културната традиција. Скопје: Институт за македонска литература.

Шелева, Елизабета. 2001. „Дијалог – кантрија: земја и дијалог“. Наше писмо бр. 14.

Ѓорѓиева-Димова, Марија. Наративните мемории како места на кoлективната меморија (наративната продуктивност на фигурите на меморија низ примери од македонскиот роман)“, http://www.stephanos.ru/izd/2014/2014_5_02.pdf