• Наслов

    MAЏУН

  • Автор

    ВЛАДА УРОШЕВИЌ

  • Година на издавање

    2018

  • Категорија

    современа книжевност

  • роман

Опис на делото

Романот Маџун, слично на „Мојата роднина Емилија“ (1994), е еден од ретките кој ја користи детската перспектива како наративна стратегија за симболички да се конфронтираат светот на децата и светот на возрасните. Првиот е целиот во потрага на тајните, мистични, мистериозни врски во нештата од појавниот свет, вториот е предаден на осмислување на егзистенцијата. Двата, пак, имаат за цел да ја доловат атмосферата на едно време, и тоа не од аспект на објективен набљудувач кој од дистанца ќе опише што точно се случувало за да осветлат некои „црни места“ во историјата, туку за да се засили чувствената страна и читателот да се вовлече во настаните за тој лично да стане засегнат. Оттука, границата меѓу двата света, барем во првите два дела од романот, е пропустлива, порозна, па некогаш двата света се спојуваат, како што е тоа случај со просторот означен како лабораторија на дедото. Во светот виден со детски очи доминира личното, со кое мајсторски се доловува атмосферата на Градот во еден историски период, со сите нијанси на градското живеење, но и со невидливите, тајни врски на појавното во него, слично на првиот роман на Урошевиќ Вкусот на праските (1965). Како што главните ликови на првенецот, Олга и Драган, со потповршинските слоеви на својата свест го искусуваат и она што доаѓа од сферата на имагинарниот живот, така детската перспектива и раскажувањето во прво лице во Маџун се користи со цел да се дофатат слоевите на „неуловливото“ на едно минато време. Перспектива повикува минатото да се врати во сеќавањето, да се зачуваат неговите вкусови, мириси и нијанси, неретко потпирајќи се и на личното искуство на авторот. Маџун, иако не е автобиографски, може да се смета и за посебен вид мемоарска проза. Оттука, тој може да се прочита и како носталгичната врзаност за времето на детството и вредностите кои полека, но сигурно се забораваат.
Негувањето на таа специфична култура на сеќавање, видена во рамноправното учество на историското, биографското (личното), фактичкото и на мистичното, мистериозното и таинственото, романот го враќа кон фантастиката или поточно кон мистичното на Мојата роднина Емилија, т.е. кон пронаоѓањето на тајните, невидливи врски меѓу предметите, суштествата и појавите во светот што нè опкружува. Сепак, „Маџун“ на е фантастичен роман. Во него мистичното се користи за да се долови атмосферата на минатото на Градот, онаа што останала во сеќавањата на возрасен човек од времето на детството. Мистичното како да произлегува од големата временска дистанца меѓу доживеаното и раскажувачкото јас, од нештата кои неповратно се исчезнати и кои, токму затоа што се различни од сето она што го воспоставува редот на денешницата, се чинат мистични, фантастични. Урошевиќ нема намера да го претстави минатото како нешто фантастично, постапка која донекаде можеме да ја сретнеме во однос на иднината во научно-фантастичниот роман Дворскиот поет во апарат за летање (1996). Напротив, тоа е тука и реално, во сеќавањата на детето, легитимирано со кулинарските рецепти и рецептите за лекови, рекламите и пропагандниот материјал од тоа време. Овие „исечоци од стварноста“ од минатото се тука, слично како и детаљот во реалистичната проза, да ја потврдат веродостојноста на опишаното и во сегашноста да ги вратат вкусовите на минатото.
Страста за хибрид кај Урошовиќ е страст за експеримент, за нов начин на гледање на старите нешта, за инаков модус на постоење, конечно за нова форма која на крајот праќа нова порака. Со хибридноста, карактеристична за целиот негов опус, ненаметливо, суптилно се сопоставуваат двете временски рамнини, минатото и сегашноста (на пример кога зборува за Големиот народен готвач и за моделите во модните списанија кои се „фешан“). Пишувајќи за едно засекогаш завршено време, тој како да сака да потсети на некои традиционални вредности на кои се гледа со носталгија. Токму свесноста за неможноста на нивното присуство денес ја раѓа иронијата и кон минатото и кон носталгичната врзаност за него. На места, и тоа не така ретки, иронијата сосема исчезнува. Тоа се случува кога станува збор за коментарите и реакциите на имињата и настаните од светската култура и знаење. Романот како да нѐ соочува со засекогаш загубената љубопитност кон откривањето и карактерот на знаењето на денешниот човек, па и на денешната литература. Наспроти ваквиот тренд, Маџун негува своевиден „култ кон знаењето“ и тоа од секаков тип: од тоа кои намирници се потребни да се направи врвен кулинарски продукт, до тоа кој е Абраксас, па романот се остварува во доменот на љубопитноста и знаењето, а како последица на тој култ – опседнатоста со откривањето. Така се доаѓа до „тајните сили“ кои отвораат и затвораат цели светови и намери, нешто што во современоста како сосема да исчезнува.

Избраната „јас“ форма и очудената перспектива на детето раскажувач е подредена на замислата да се раскаже (нелинеарна, мозаична) приказна, поделена на три целини: Рајот на детството, Сјајот на детството и Крајот на детството. Ако во првите два дела сѐ тече спокојно, подредено на секојдневните интереси на детето наратор и на одлуката маџунот да му биде единствената храна, специфична метафора за потребата од духовна храна, со третиот дел, оној кој следува по посетата на циркусот Медрано, сѐ се менува: ритамот се забрзува, сликите и околностите добиваат свој заканувачки лик. Претстојната итна преселба не го менува само животниот простор: се менува начинот на живеење и добата. Сега ликот раскажувач, не само поради годините туку и поради околностите, претстојната војна, го зазема просторот на возрасните, односно станува возрасен. Детската перспектива се укинува, но останува она што таа го дава во вид на запис за еден засекогаш изгубен свет. 


Библиографија

Георгиевска-Јаковлева, Лорета. (2020). „Вкусовите на минатото“, Културен живот бр.73

Николовска, Оливера, „Раскажувачки Абраксас; стакато-интерпретација“, https://lektira.mk/kritika/raskazhuvachki-abraksas-stakato-interpretacija/.

Миљенко Јерговиќ: „Како Маџун на Влада Урошевиќ ме маѓепса, https://nezavisen.mk/miljenko-jergovikj-kako-madzhun-na-vlada-uroshevikj-me-magjepsa/.