• Наслов

    ЦРНО СЕМЕ

  • Автор

    ТАШКО ГЕОРГИЕВСКИ

  • Година на издавање

    1966

  • Категорија

    современа книжевност

  • дело роман

Опис на делото

Романот Црно семе е посветен на борбата на човекот, во екстремни услови на тортура и терор, за зачувување на својот идентитет и на својот физички и психички интегритет. Настаните се случуваат за време на Граѓанската војна во Грција (1945 – 1949) кога припадниците на комунистичкото движење, меѓу кои и Македонци, биле тероризирани на т.н. „острови на смртта“, концентрациони логори формирани од монархистичката власт, наменети за физичко и психичко измачување до степен кој може да го смисли само поматен човечки ум. Режимот во Грција во периодот за кој станува збор, изделува една „сомнителна“ група луѓе, и Грци и Македонци, ги сместува во специјални логори, обидувајќи се од нив да изнуди признание дека се откажуваат од Комунистичката партија. За Македонците, пак, има дополнителен услов. Тие треба да се откажат и од својот национален идентитет. Токму македонските затвореници, кои се и најбројни, се во фокусот на вниманието на романот. Тој е потресна слика за методите на присила преку насилство. Голем дел од нив одбиваат да потпишат такво признание, па со мачење и тортура треба да се скршат и да се преобликуваат во лојални поданици на кралот и на Грција.
Црно семе е морничава феноменологија на насилството како закана и како реализација од неговите најмонструозни видови. Но, истовремено Црно семе е и апотеоза на добрината и на човечноста кои не можат да ги скршат никакви сили на злото. Оттука, во овој роман ликот жртва ниту пропаѓа ниту победува. Ширењето на злото во човекот, отелотворено во ликовите Колумбакис и Маки, не го спречува дејствувањето на доброто, отелотворено во ликовите Доне Совичанов (или Адонис Совичанис) и Христо (Христос), па така во романот нема визија дека злото надвладеало и дека нема место за борба. Ликовите жртви живеат во деградиран свет и основниот принцип по кој дејствуваат е да се сочуваат себеси како недеградирани личност во деградираниот свет. Тие не очекуваат ништо добро, но тој силен песимизам не го прави човекот целосно беспомошен. Она што ги држи е идејата, која има конструктивен принцип, како онаа на Доне, дека тој е обичен селанец и не е комунист и не може да се откаже од нешто што никогаш не бил. Акцијата во романот е насочена кон остварување на таа идеја, а истрајноста во нејзиното спроведување носи нешто прометејско.
Централниот лик Доне е изграден врз архетипскиот елемент на комплетна ќелавост, налик на библискиот Каин, значи физички обележан и токму затоа издвоен како „омилен“ на неколкуте офицери, подофицери и војници, своевидни садисти, за демонстрација на монструозните методи на измачување. Иако злото над неговата глава е човекот, потпората да се истрае повторно се бара во него. Таков е неговиот однос кон Христо (повторно заснован на библискиот архетип, кој не само во името туку и во делото се поврзува со божјиот син, преземајќи го, на одреден начин, гревот врз себе со градењето на црквата), кон Парис и кон Ангелина (неговата законска жена, земска убавица низ чиј лик и еротски занес ја доживува слободата, успевајќи смирено и стоички да го издржи мачењето), па дури и кон Марко (кој не успева да издржи, го потпишува ливчето и станува предавник). На логиката на Марко дека душата не треба да се измачува до тој степен поради еден „мочан“ потпис, Доне ја спротивставува својата логика на зачувување на идентитетот по секоја цена. Таа логика изразува свест за изборот на ропството и физичката болка заради потврда на самиот себеси и на сопствениот идентитет.
Во односите што се воспоставуваат меѓу ликовите Доне и Христо наспроти претставниците на режимот, се реализира идејата дека човековото достоинство не може да го скрши и најстрашната форми на насилство. Со тоа се гради и ставот за судир помеѓу два непомирливи света: светот на безумното насилство и светот на хуманоста. Во тие релации се реализира и идејата за важноста на зачувување на националниот идентитет за што не е превисока никаква цена. Така, за Христос не е важна болката од повреденото око, за него е најважно „да не ти ја расипат душата“. Колку има вистина во таа констатација се покажува во случајот на Марко, кој потклекнува и потпишува, но предавството му носи нови, не помалку болни измачувања кои не се физички. И Христо не ја издржува тортурата, но не се предава. Бега во безумие, па во црквичето во логорот, во мигови на лудило, почнува да ги крши иконите и поради тој иконокластички чин е обесен. Последните негови зборови се: „Мојата земја… каде е мојата земја?“ Така идејата на Доне да се истрае зашто не сака да потпише нешто што тој не е, се спојува со идејата на Христо да се истрае заради сопствената земја, заради сопствениот национален идентитет.

Токму на темата чување на човековиот идентитет кој го подразбира и националниот идентитет, Георгиевски ѝ дава универзална смисла. (Л. Г. Ј.) 


Библиографија

Вангелов, Атанас. 1967. „Ташко Георгиевски: Црно семе“. Културен живот бр. 4, стр. 27.

Георгиевска-Јаковлева, Лорета. 1998. „Неостварливоста на љубовта кај Црњански и кај Георгиевски“ во: Феноменот Љубов во балканските литератури и култури: зборник на трудови од научната работилница одржана на Молика 23-26.IV 1998. Скопје: Институт за македонска литература, стр. 147-152.

Kramarić, Zlatko, 2010. „Suverenitet bez teritorijalnosti: (identitet, moć, otpor - na primjeru romana T. Georgijevskog Crno sjeme) во: Меѓународен македонистички собир: реферати од научниот собир одржан 29-31 август 2008 г. во Охрид. Скопје: Филолошки факултет „Блаже Конески“, стр. 537-552.

Матевски, Матеја. 1980. Враќањата на Ташко Георгиевски“ во: Георгиевски, Ташко. Црно семе; Црвениот коњ. Скопје: Мисла, стр. 297-300.