За време на Граѓанската војна во Грција, заедно со илјадници македонски семејства, бил принуден да го напушти родниот крај, Егејска Македонија. Живеел во емиграција, а од 1946 година живеел во Југославија. Завршил гимназија и студирал на
Филолошкиот факултет во
Скопје. Работел во редакцијата на весникот „
Млад борец“, во издавачките куќи „Мисла“ и „Македонска книга“, бил член на редакцијата на списанието „
Современост“ и уредник во
Македонската телевизија. Бил член на
МАНУ од
1983 година. Со литература почнува да се занимава во педесеттите години, соработувајќи со македонските весници и списанија. Во 1957 година, на 23-годишна возраст, ја објавува својата прва книга, расказите
Ние зад насипот, со која во македонската книжевност ја отвора т.н. егејска тема.
Ташко Георгиевски зборува за трагичните прогонства и преселби на
егејските Македонци, нивните несреќи и раселувања по Граѓанската војна во Грција (1945 – 1949). Тоа се ликови на прогонети луѓе кои бегаат од смртта, долго престојуваат на железнички станици и во возови, живеат во постојан хаос и економска беда, ликови без внатрешна поткрепа бидејќи се изместени од својата родна почва, од познатиот простор. Тоа се ликови чија главна карактеристика е психолошки пустош заради малтретирања, разделби и осаменост, постојано распнати меѓу напорот за интеграција во новите средини и поривот за враќање во родното огниште.
Во расказите на Георгиевски често се инкорпорирани личните спомени, независно дали станува збор за предградијата во кои живеел, за ситуациите во кои егзистенцијата била неизвесна или за издвоеноста и обележеноста на една цела заедница именувана како Егејци.
Романсиерскиот опус е посветен на судбината на човекот (од Егејска Македонија) кој фрлен во вителот на војната, прогонуван од злото и судбината, постојано е подложен на деструкција и уништување. Во центарот на вниманието на сите романи е потрагата по изгубениот идентитет. Од ваквата поставеност на темата произлегуваат и останатите крупни теми: селидбите и враќањата (
Рамна земја, Црвениот коњ), борбата против злото и осаменоста, поврзувањето со предците и коренот, љубовта. Ликовите во романите се соочуваат со терор, насилство и зло. Од првиот роман
Луѓе и волци, каде злото е видено во погрешниот личен избор од незнаење, од роман во роман тоа се мултиплицира. Во
Ѕидови и
Црно семе теророт е производ на човековиот поматен ум, а во
Време на молчење и Рамна земја злото добива космички димензии, претставено во сцената на испразнетото село и изгладнетите оѕверени мачки, а во вториот – во сликата на маглата и студот. Ликовите во романите го минуваат времето во затвори и логори, по бараки и возови, физички и психички измалтретирани до крајни граници. Во услови кога жените се разделени од мажите, родителите од децата (
Ѕидови, Време на молчење), на помош доаѓа само имагинацијата, светот на сонот и надежта (
Змиски ветер). Тоа се ликови чии животни судбини се означени со најдлабоки трагедии, луѓе кои талкаат од место до место бидејќи немаат вистинска татковина. Во сите романи дејството не запира додека јасно не се формулира желбата за враќање на родното огниште. Токму ваквата концепција, од една страна, овозможува поврзување на романите во циклус, а од друга, градење на ликовите по една специфична постапка, т.н. чувствен копнеж, карактеристичен за Аџигого, Јана, Доне Софичанов, Борис Тушев, Пелагија, Демостен и др. Таа овозможува и отворање кон пошироката историска ситуација, но и обликување на дадената реалност преку оддалечување од конкретните случувања. Перцепцијата на ликовите и нивната внатрешна реалност претежно се одвива во предвербалното подрачје: во нивната перцепција се сменуваат слики на облици и појави кои добиваат симболичко значење. Таквата перцепција има психолошки мотивиран набој, што ја овозможува и внатрешната драма. Оттука може да се констатира дека драмата во романите на Георгиевски се случува околу ликовите, но и во нивната душа. Фактот дека настаните му се блиски на авторот, на некој начин ја одредува и гледната точка и перспективата на нараторот, т.е. таа се наоѓа во светот на бегалците. Од таа позиција просторот се дели на свој и туѓ, а ликовите на бегалци и небегалци. Опозициите свое : туѓо, познато : непознато, блиско : далечно карактеристични за овој опус, имаат свој корен во биографските и историските факти. Оттука, романсиерскиот опус на Георгиевски се доживува како еден, речиси документарен циклус посветен на прогонот. Тоа се романи за одбраната на човековото достоинство и вербата во љубовта како единствен спас од теророт како универзален трагизам со кој се соочува прогонетиот.
Добитник е на наградите: „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Стале Попов“ и „Рациново признание“. (Л. Г. Ј.)