• Наслов

    ПОЛИТИЧКИ КОРЕКТНА ПОЕЗИЈА

  • Автор

    ЕЛЕНА ПРЕНЏОВА

  • Година на издавање

    2014

  • Категорија

    современа книжевност

  • дело поезија

Опис на делото

Збирката Политички коректна поезија на Елена Пренџова е изразено урбана поезија, посветена на современото (грдо) градско живеење. Составена е од три поетски циклуси: „Политички коректни песни“, „Хејтерски“ и „Преселби, шетања, раѓања, родендени и други прослави, но и таги“. Самиот наслов на збирката и поднасловите се провокативни сами по себе, но и укажуваат на основното конструктивистичко начело – разноликоста. Насловот на последниот циклус е невообичаено долг и наративен. Такви се насловите и на некои од песните, како „Секоја ера си има свој генијалец осуден на ерес“, „Да бевме јас и Тенеси Вилијамс современици, немаше да пишуваме за мачки“, „Тогаш кога имаш време да размислуваш за животот, имаш најмалку време да го живееш“, наспроти, да речеме, насловите од типот „Црна дупка“ или „Невиност“. Првите ги мапираат доминантните состојби од кои е засегната авторката, а вторите – доминантните чувства. Наспроти шокантните состојби на „духот на времето“ како доминантна тематска преокупација, тонот на песните е смирен и произлегува од сознанието дека човекот треба да живее токму во таквиот свет, давајќи им на чувствата и афектите полн простор и израз. Таа ослободеност од налогот на нормата (општествена или поетичка) ја реализира и преку различни стихувани облици: од кратки, лапидарни забележувања на мигот, некои и во стилот на хаику поезијата, до наративни ситуациски фрагменти. Оттука и отвореноста како една од доминантните карактеристики на оваа поезија. Но, ако треба да се посочи што е она што овие разнородни, „отворени“ стихови ги прави кохерентна целина, се чини таквиот обединувачки елемент е категоријата време, промислено и испеано како синестезија на општественото (политичко) и личното (доживеано и проживеано) време. Тоа во поезијата на Пренџова е поделено, од една страна, на туѓо, нивно време, кое го мерат и го класифицираат, едновремено тоа е и најпосакуваното и најнедостапното време кое го продаваат и го купуваат за пари, а од друга страна, тоа е наметнато време кое гуши, создава немир, се трупа, всушност се троши. За лирскиот субјект ваквата поделеност на времето го носи сознанието дека скапоценото, никогаш доволно време на современоста е само измама пред вечноста. Оттука и завршниот стих на песната „Време“ – „трампам време за вечност“ – како да ја собира во едно основната семантичка нишка на оваа поезија –  запрашаноста на поетското јас пред минливоста и вечноста, изразена преку категоријата време во контекст на современите услови. Токму од таа позиција лирското јас го вреднува светот и, што е уште поважно, ја дава својата визија за него и за човекот во него. А штом станува збор за вреднување, тогаш политичкото е неминовно, па насловот Политички коректна поезија има функција на еден вид „упатство“ на авторката за толкување на песните. Со изборот на насловот Пренџова прави еден вид јазично-семантичка игра, која смета на востановената норма на „немешање“ на политичкото и уметничкото, едновремено рушејќи ја со јасната иронија (преку лексемата „коректна“). Тоа укажува дека секој став, следствено и поетскиот, е нужно политички. Така тријадата поставена во насловот политика – коректност – поезија е субверзивна, видена во однос на стожерниот, среден, а со тоа и поврзувачки елемент во самата релација. Средниот елемент ја руши тријадата однатре и токму „коректноста“ е на удар на оваа поезија, деконструирајќи ја самата семантика на поимот и соочувајќи го читателот со неговата опачина. Така, на пример, песната „Ако ѝ го згрешиш името на првиот состанок, нема да има нареден“ може да се чита во два кода: општествено-политички и интимен. Првиот состанок ја дава временската рамка на почеток, кој пак има и митска димензија. Оттука, почетокот или првичноста е рамката од која би можела да се толкува песната, остварена во двете семантички полиња: општественото – преку експлицитното споменување на спорот со Грција во врска со името на државата и личното – преку неможноста двата лика да се именуваат со вистинското, лично име: „Ти никогаш не ме ословуваш по име / а Јас секогаш го заборавам твоето“. Разрешницата е иста на двете нивоа: наредна средба нема да има затоа што разбирањето / договорот се невозможни. Сепак, иднината (вечното време кое следи) е отворена затоа што, како што вели авторката: „Ти можеш да ме викаш како сакаш / Јас и без тебе знам која сум“. И не е случајно што токму со овие два стиха се означува и крајот на книгата. Со завршницата која јасно го определува стабилизираниот идентитет (личен и општествен) се отвора можната (би рекла утопистичка) иднина, до која се доаѓа само преку личниот влог во себеидентификацијата. Токму околу тој личен влог се врти сѐ во оваа поезија: и потрагата по себеосмислувањето, и женскоста и битисувањето, условени од актуелните состојби на современото живеење. Поезијата на Пренџова „игра“ на лизгав терен каде што секогаш постои опасност социјалното и родово ангажирано пеење да премине во баналност. Меѓутоа, овде секојдневното е видено од иронична дистанца, со вешта игривост преточена во луциден коментар: „Одбивам да носам розови гаќи / сексистички се/ одбивам да носам градник месо боја / расистички е / црната и белата не се бои / најдобро ми прилега сопствената кожа / дури и одрана („Политички коректна песна“). Во случајот на поезијата на Пренџова станува збор за посветеност на процесот на пишување, на неслучајни, т.е. обмислени комбинации на зборови со нагласено разбирање на врската помеѓу лингвистичкото и поетското, секојдневното и возвишеното, општественото и личното, неретко обоено со феминистичко-еротски нијанси, кои ја чинат естетиката на ова писмо со сопствена и веќе препознатлива поетика. (Л. Г. Ј.) 


Библиографија

Младеноски, Ранко. 2012. „Деконструкции и рефлексии“. Современост бр. 1, стр. 168-170.

Мијаковска, Марина. 2014. „Коректно поетско писмо“. Синтези бр. 36, стр. 66-67.

Таневски, Ѕвонко. 2014. „Политички коректна поезија на Елена Пренџова и нејзиното место на мапата на поновата и помладата македонска алтернативна поетска сцена“ во: Пренџова, Елена. Политички коректна поезија. Скопје: Матица македонска, стр. 121-128.