• Наслов

    ТЕЛОТО ВО КОЕ ТРЕБА ДА СЕ ЖИВЕЕ

  • Автор

    ПЕТАР АНДОНОВСКИ

  • Година на издавање

    2015

  • Категорија

    современа книжевност

  • дело роман

Опис на делото

Иако пред себе го има искуството само на романот Очи со боја на чевли, романот Телото во кое треба да се живее е исклучителен роман во чија структура психолошкото и алегоријата се испреплетуваат на начини кои произведуваат сложени врски и полисемиски значења. И во контекст на македонското романсиерско искуство и во контекст на романсиерскиот опус на Андоновски, овој роман зазема значајно место со неговата несекојдневна комбинација. Тој суптилно ги следи процесите на криминализирање на правдата, длабоко понирајќи во личната способност на носителите на правниот поредок.
Романот ја раскажува приказната за шеесетгодишната судијка Бригита во моментот кога таа, спротивно од вообичаената практика, добива сложен случај. Таа треба да пресуди дали триесет и двегодишниот маж, осомничен за силување и убиство на неговата девојка, е виновен или не. Читателот ја запознава во моментот кога таа, наспроти чувство на страв и несигурност, станува свесна за моќта што ја има и тоа ѝ предизвикува задоволство. Но, наместо комуникацијата меѓу судијката и осомничениот да се одвива во судницата, таа се случува преку пораки на мобилниот телефон на Бригита. Четири од нив се однесуваат на делови од нејзиното тело, а петтата го дефинира односот меѓу двата лика. Крајот на романот носи неочекувана пресвртница – сознанието дека таа самата си ги пишува пораките.
Дејствата што се случуваат во романот можат да се опишат како отстапка од вообичаеното и не се поврзани со свесната одлука на ликот, туку се реакција на неговата афектираност. Токму афектот, а не емоцијата која речиси отсуствува кај Бригита, ги поттикнува нејзиниот избор и акциите. Слично како и во Очи со боја на чевли, тоа создава конфузија која се доживува како неповолност. Бригита е сложен лик, обележана од чувството на среќа/радост поради стекнатата моќ, која, како што вели авторот, ја облагородува, ја прави посигурна. Во такви околности таа почнува да ги добива необичните пораки од осомничениот. И токму тука се расплетува целата сложеност на хероината, која под притисок, преплашеност до смрт и вознемиреност, сфаќа дека сликата што ја има за себе е заблуда, дека таа всушност е некој друг. Зашто, стравот и конфузијата, карактеристични за Бригита, бараат промена, препознаена во изливите на смеа, како ослободувачка сила и задоволување на желбата.
Другоста е почетна позиционираност на Бригита. Таа се чувствува немоќна, како субјект со недостаток, поради непотврденоста во семејството и фрустрациите што ги предизвикува таа непотврденост (нејзината релација со таткото е споменот дека тој заминува со друга жена, затоа што не може „да сака жена со такво тело“, одредување кое се пренесува и на Бригита, а релацијата со мајката е зачувана како спомен за забраната за мастурбација, како општествено непожелен вид сексуалност). Тоа предизвикува посложени релации во односите на луѓето околу неа (љубовна врска без емоции со Томас, оженет, хирург и осуденик за негрижа, со колешката Вера, со која доживува случајно хомосексуално искуство и со безимениот осомничен за убиство, кој за Бригита е последната шанса да се потврди). Сите тие врски можат да се толкуваат и како отпор на субјектот, отпор во кој Бригита сака да се пресоздаде себеси од лик со недостаток во лик со предност.
Тематизирањето на немоќта се одвива преку следење на процесот на искусување во секојдневните практики од кои ликот се информира, а се карактеристични секојдневните практики својствени за дадена средина. Во нив се испитуваат можностите за замената на законот на таткото со законот на правото, симболички изразен во моќта на Бригита да пресудува. Таа замена е еден вид „незавршена преобразба“, па преминува во гротескна моќ која само ја потврдува немоќта на ликот. Почетната позиција на Бригита е: таа е судијка, таа има моќ да пресудува, таа е среќна. Или поточно, таа би можела да биде среќна откако ќе ја изведе (а не да ја докаже) ослободителната пресуда за осомничениот. Изведбата, пак, упатува на можноста дејствувањето на Бригита да се види како театарска претстава (слична постапка има и во романот Лето во кое те нема, каде ликот Владо го глуми ликот Иван, третиот во љубовната врска) во која се изведува трансформација на насилникот во жртва. Оттука, моќта е еден вид театар, каде ликот Бригита го изведува својот перформанс на преобразба, односно ослободување. Но, наместо тоа, станува јасно дека токму она што се посакува е пречка за подемот на ликот. Под притисокот на практиката – во која законот на правото станува растеглив, каде насилникот и жртвата не се разграничени, а среќата е само ветување за среќа – грдото општествено тело се испишува на телото на Бригита. Така оптимизмот на Бригита е „суров оптимизам“ кој завршува со состојба на збунетост од самата себеси, збунетост која не сака да се соочи со тоа што е таа навистина.
Бригита не е среќна. Фантазиите (или пораките што ликот Бригита си ги испраќа самата на себеси), можат да се толкуваат и како неспособност за емоција и љубов. Во сите романи на Петар Андоновски[L2]  таа неспособност е производ на „нефункционалното семејство“, (квалификација од романот Лето во кое те нема, поврзано со ликот раскажувач) кое, пак, има општествена заднина и предизвикува негативни афекти. Конечниот неуспех на потрагата по среќа на ликот укажува на грдото општествено тело, во кое, поради непрепознавање, незнаење, лична фрустрација и криминализација на правдата, мора да се живее. Зашто напорите за надминување на патријархатот, во крајна линија, во сите романи на Андоновски, не водат кон демократија, туку кон криминогенизација. (Л. Г. Ј.)
 
 

 [L1]Хиперлинк: Петар Андоновски

 [L2]Хиперлинк: Петар Андоновски 


Библиографија

 

Бојаџиевска, Маја. 2015. „Телото и моќта“ во: П. Андоновски: Телото во кое треба да се живее. Скопје:  Или-Или.

Георгиевска-Јаковлева, Лорета. 2018. „Новата наративност во романите на Петар Андоновски“. Спектар бр. 71, стр. 41-62.

Алаѓозовски, Роберт. 2015. „Телото на страста: Кон книгата Телото во кое треба да се живее: токсични цветови на деликатниот морал“. Наше писмо бр. 79/80, стр. 53-58.