• Наслов

    СВАДБАТА НА МАРА

  • Автор

    ВЛАДИМИР КОСТОВ

  • Година на издавање

    1980

  • Категорија

    современа книжевност

  • дело роман

Опис на делото

Општествените девијации во социјалистичкото општество, кое за многумина требало да донесе правда, добиваат една од најсилните претстави во овој роман на Костов. Заедно со Големата вода [l2] (1984) на Живко Чинго[l3]  спаѓаат во едни од најуспешните гротескни тематизации на социјализмот во книжевната продукција во Македонија.
Романот вешто и успешно игра со две позадини (норми) кои се превреднуваат во него: со општествено-културната позадина со одредени хиерархиски вредности и со соцреалистичката уметничка постапка.
За предмет на свој интерес Костов ја има социокултурната средина во втората половина на XX век. Основата на приказната ја чини нормата „бракот како суштина на животот“. Настаните што се случуваат се во контекст на истиснување на оваа норма, и тоа видени во моментот кога новиот животен идеал не е ни на повидок. Распаѓањето на стариот идеал без воспоставување нов придонесува романот, на сите нивоа, да се доживее како гротескно писмо.
Ликот Мара треба да стапи во брак. Со самото тоа што името на ликот е содржано во насловот на романот, тој лик добива семантички повластено место. Такво место има и почетокот на романот, како граница на стварниот и уметничкиот свет, во случајов описот на станот во кој живее таа и амбиентот во кој се одвива целото дејство, со исклучок на свадбената церемонија како место на недефиниран однос меѓу јавното и приватното и меѓу природата и цивилизацијата. Името алудира на народната изрека „Луда Мара“, што, во комбинација со нејзиниот надворешен изглед на денот на свадбата (свечен фустан со смешна шапка), ликот го прави гротескен, а самата церемонија на свадбата е своевиден карневал. Изреката „Луда Мара“, земена од поширокиот социокултурен код, семантички оптоварува – асоцира на човек кој отстапува од вообичаените норми на однесување. Отстапувањето во однесувањето на Мара е „вишокот филантропија“, која не се казнува зашто нема законски пропишана казна, па оваа иронизирана „објективизација“ околу неа придонесува да се развијат низа гротескни елементи.
Гротескна е и самата свадбарска поворка што се организира според истиот принцип: смалување, снижување на возвишеното. Животните (на пример петелот кој оди на чело на поворката) и барабанот кој ја најавува, наликуваат на циркус и се во дисхармонија со возвишените чувства на Мара. На тој опис се приклучува и самиот чин на венчавање, кој личи на судење поради неможноста да се сфати ситуацијата која поттикнува и полициска интервенција.
Превреднувањето во романот може да се објасни со терминот „културен јунак“ на Мелетински – оној што за прв пат се стекнува со некое добро за луѓето и обично има лик противник со демонски и комични карактеристики, т.е. има сериозен јунак и негова демонско-комична варијанта. Во романот Свадбата на Мара демонското и комичното не се спротивставени, па „културниот јунак“ Мара ги спојува во едно двата антиподни лика. Како последица на преплетувањето на комичното и сериозното (ефектот на гротескното) нормата како воспоставен закон и надминувањето на таа норма, во случајов – брачната норма како суштина и уметноста како слика на животот а не на идеите, ја доведуваат под прашање. Притоа, посредно се проблематизира и етичката норма – да се биде обичен човек, па херој. Мара има намера да биде творец на нови норми, а со тоа е издигната на ниво на митолошки крал, а со оглед на карневализацијата на текстот, таа е крал на будалаштината, крал на лудите, па така поминува од крал во кловн. Така, романот напредува како отфрлање на нормите што ги поставува самата Мара, а кои во длабинската структура се исчитуваат како совпаѓање со дадената социокултурна и општествена средина.
За конечниот епилог важен е ликот Благородна. Дихотомијата живот – смрт најмногу доаѓа до израз во сцената кога поетот Секула, играјќи си театар, е застрелан од Чопела и паѓа мртов. Чопела го убива Секула, т.е. лагата, а Мара се соочува со својот пријател писател кој треба да го опише животот каков што е – измамник. Од тоа сознание се онесвестува, а покрај другите ѝ приоѓа и Благородна, па сцената алудира на жената која може да предизвика и смрт, но и да го возобнови животот. Токму затоа околу неа се намножени донжуани. Разрешница дава Илија со масовно претепување, па наместо страв предизвикува громогласна смеа, резултат на разобличената норма. Никој не е поштеден од таа смеа, па ни Мара.
Во романот среќаваме многубројни ликови, меѓу кои: натрапници, грешници, заблудени по кариера, луѓе недоволно разбрани во својата средина. Тие ликови не се психолошки изнијансирани зашто немаат таква функција, туку се гротескни за да се исцртаат пропустливите линии меѓу доброто и злото, меѓу грдото и убавото, меѓу сонот и јавето, меѓу идеалот и разочарувањето, меѓу реалното и надреалното, и во крајна линија меѓу развратништвото и духовната сиромаштија. (Л. Г. Ј.)

 [l1]хиперлинк
 [l2]хиперлинк

 [l3]хиперлинк  


Библиографија

Лорета Георгиевска, Јаковлева. (2002). „Гротеската и македонскиот роман, Свадбата на Мара“, во Алегоријата и гротеската во македонскиот роман, ИМЛ, Скопје, стр. 165-176

 Силјан Омаж за Владимир Костов  https://www.mkd.mk/node/504228