• Наслов

    ОДМОЛЧЕНА

  • Автор

    РИСТО ЛАЗАРОВ

  • Година на издавање

    2003

  • Категорија

    современа книжевност

  • автор поезија

Опис на делото

поетската збирка Одмолчена (2003) на Ристо Лазаров е добар пример за ‘поетски реализам’. Тоа е поезија исполнета со инсерти од стварноста и алузии на социјалната и политичката историја и сегашност. Со висока доза гнев, јад и горчина, поетот ги евоцира траумите од распадот на некогашната југословенска општествена и културна заедница. Она што се случуваше последната деценија на XX век на просторите на некогашната југословенска федерација (распад на државата, меѓуетнички и меѓурелигиски војни, бомбардирањето на Србија во 1999 година, воениот конфликт во Македонија од 2001 година, масовните миграции, влезот во ЕУ) се рефлектира во песните од збирката Одмолчена. Таа е лирска хроника на југословенските трауми напишана од автор кој е вешт и во новинарството и во поезијата. Тоа се одразува на тематски и стилски план. Тематската преокупација е експлицитно впишана во самите наслови, поднаслови, па и во текстурата на песните, меѓу коишто спаѓаат: „Крајот на дваесеттиот век, Кога го бомбардираа Белград“, песна напишана март 1999 (2009, 67); „Мостовите на Нови Сад – на Ѓорѓе Балашевиќ“, (2009, 68); „Хотел Москва“ (2009, 69); „Лешочкиот манастир“ (88-89) и други. Филозофската премиса на којашто се повикува оваа збирка е сумирана во двата стиха од песната „Лешочкиот манастир“ (2009, 89), кои се завршни и гласат: „историјата навистина се повторувала / а старите песни станувале нова стварност“. И во поезијата, имено, може да се искажат мудрости, како онаа од песната „На Кајмакчалан“ (2009, 110): „...војната е лабораторија / за промена на судбината“.
Освен гнев, во песните од оваа збирка има нагласена носталгија и меланхолија по загубениот свет, свет кој веќе прерасна во култен симбол на слободата. Носталгијата по југословенската златна доба во суштина е носталгија по еден општествен амбиент кој овозможуваше секој да се занимава со своите приоритети, на пр. писателот со читање, пишување и разговори за книжевноста, спортистите со спорт, за разлика од постјугословенската доба кога сите се занимаваат прво со политика, после со сè друго. Како оваа, така и неколку други подоцнежни збирки на Ристо Лазаров би можеле да се читаат како една голема елегија по златната доба на „нашата младост“.
Денес, кога миграциите се вообичаен и светски модел на опстанок, кога македонската дијаспора е побројна од македонската матична заедница, оваа тема е присутна и во поезијата. Се создава еден вид нова „печалбарска“ или мигрантска поезија и книжевност дури и кога авторот не е мигрант, но ја споделува мигрантската судбина со своето семејство („Писмо до син ми во туѓина“, 2009, 78-80; „Писмо до другар ми во туѓина“, 81-83). Опевајќи ја траумата на македонската емиграција, Ристо Лазаров го нарекува македонскиот народ „смачкано племе“ (Препки, 2014, 47). Во збирката Одмолчена (2003), мигрантската тема е испреплетена со југословенската и македонската („македонската крвава постмодерна“, во песната „Писмо до брат ми во туѓина“, 2009, 76-77). Тој на поетски начин ја повикува сликата на тивкиот прогон и го изразува зазорот од исчезнување на народот кој, иако приврзан со векови за својата татковина, денес е соочен со искушението на асимилацијата во други народи и нации. Тој ги споделува амбивалентните чувства на македонските иселеници ширум светот. Дијаспоричната поезија на Лазаров е обележана од елементи на елегичност, баладичност и епистоларност. Песните во коишто има печалбарски парфем и одек на траумите на македонското иселеништво во Австралија и Чешка, имаат облик на ритмична и драматична нарација во којашто се испреплетуваат епски и лирски елементи.
Мигрантските песни на Лазаров претставуваат наша, македонска варијанта на поетски блуз и на политичка поезија. Тоа не ја оспорува нејзината естетска димензија, затоа што поезијата никогаш не врши само естетска функција туку и други, навидум споредни функции: културна, образовна, конфесионална, терапевтска, забавна, социјална, револуционерна, национална... Ако еден поетски опус или збирка има и политичка димензија, таа е легитимен предмет на толкување.
Во оваа поетска книга се наоѓа и една од антологиските песни на Ристо Лазаров, „Чевли за татко ми“ (2009, 97-98), во којашто интимното збогување со таткото добива универзална димензија на збогување со една неповратна епоха. Во оваа песна се вкрстуваат чувствата, доживувањата, симболичните предмети и сеќавањата на малите – големи настани во животот. Песната е фрагмент кој има капацитет да ја долови целината на една културна и семејна традиција. Таа е едновремено и реалистична, и наративна, и проштална и ритмична.

Поетот Лазаров е ослободен од илузијата дека песната треба да биде апсолутно плод на имагинацијата и отсјај на некоја апстракција. Таа е обратно од таквиот модус на поетското изразување. Затоа поезијата на Лазаров е „битова“ (семејна, мемоарска, епистоларна, секогаш во дослух со некоја матрица на стварноста и, во таа смисла, на миметичноста) сенка на реалноста. Како илустративна за ова својство на поезијата на Лазаров ќе ја наведеме песната „Ако некогаш пак наминеш во Скопје“ (2009, 103-107). Тоа е можеби една од ретките песни кои со таква дескриптивна или евокативна страст го запишуваат скопскиот простор-време од крајот на XX и самиот почеток на XXI век. (K. Ќ.) 


Библиографија

Толкувања: поетскиот свет на Ристо Лазаров. Скопје: Дијалог, 2009.