• Наслов

    ПРЕМЕСТЕН КАМЕН

  • Автор

    НИКОЛА МАЏИРОВ

  • Година на издавање

    2007

  • Категорија

    современа книжевност

  • автор дело

Опис на делото

книга поезија на Никола Маџиров, за која ги добива меѓународната награда „Хуберт Бурда“ и наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. Оксиморонската синтагма „преместен камен“ во контекст на поезијата на Маџиров би можела да се интерпретира на повеќе рамништа; во основа таа реферира на двете исконски и комплементарни потреби на човекот: да се вкотви некаде, да се вгнезди, да се вдоми, „да пушти корења“, но и да се преместува, да патува, да се движи во просторот и во времето, или барем – како што сведочи една песна на Маџиров – „да оди и да се враќа“ (Мартиновски 2007: 92). Оттаму, „преместениот камен“ ја претставува суштествената и универзалната состојба на човекот; тој не може да остане во една одредена точка во времето или просторот, туку напротив, „постојано талка ваму-таму“, помеѓу радоста и тагата, немирот и спокојот, говорот и тишината, „минатото и иднината, и конечно, помеѓу животот и смртта“ (Јоцумото 2010: 16). „Роден сум од грутка земја / затоа сум кршлив“ – читаме на едно место. Соочен со исчезнувањето, поетот своето постоење го сместува во меѓупросторот и меѓувремето, на границата „помеѓу видливото и невидливото, меѓу она што продолжува да постои и она што исчезнува“, како што забележува Гоце Смилевски во поговорот кон книгата (2007: 71). Еве неколку стихови за потврда: „Остаток од друг век сме ние“ („Кога времето ќе престане“); „Живеам меѓу две вистини / како неонка што се колеба / во празен ходник“ („Кога некој заминува, сè што е создадено се враќа“); „Душата како пердув / меѓу два прозорци ми патува“ („Само тоа го посакувам“); „Живеам меѓу реките, невидлив / како воздух меѓу расечен леб“ („Меѓу реките“); „Кон тивките простори од раѓање се движам / и под мене празнини се лепат / како снег што не знае дали на земјата / или на воздухот припаѓа“ („Дом“). Може да се рече дека чувството на откорнатост е главен белег на овој „преместен камен“ во поезијата на Маџиров и дека визурата на несовршеност и незавршеност на домот (микрокосмосот) и на светот (вселената, макрокосмосот), имплицира „празнина што постојано се исполнува со различни простори и места“ (Андоновски 2020). Според критиката, во претходните стихозбирки на Маџиров преовладува чувството на невдоменост, неприпадност, теснотија и „клаустрофобичност“ („тесно ми е во куќата / голема колку едно гнездо“ – читаме во песната „Дом“ од збирката Во градот, некаде), додека, пак, во Преместен камен носечка станува една номадска приказна: „...сè околу мене е во движење: / каменот секогаш во дом се претвора, / карпата во зрно песок“ („Од секоја лузна на моето тело“), иако нагонот за бегство му е иманентен на поетот уште од книгата првенец Заклучени во градот (песна „Имав три години“).

Како и во претходните поетски книги, Маџиров и овде продолжува да го негува култот кон едноставноста и хуманата димензија. Се работи за неговата препознатлива „детска перцепција“: љубопитноста, лудизмот и смелоста во поставувањето навидум едноставни, но суштествени прашања. „Само детството е мед / што не допушта туѓи траги во себе“ – читаме во песната „Откривање“. Перманентното присуство на детството и неговите траги се тематизирани и во песните: „Нечиј глас“, „Стрелки од часовникот“, „Сонцето спие во твојата утроба“, „Во земјата пред влезот“... Констатацијата дека „Некои работи остануваат трајни / како лепенка од детството / врз фрижидер“ е оној временски скок што го прави детството со посредство на поезијата. Детската, искрена и непретенциозна визура на светот е во дослух и со искуствата на Маџиров во доменот на хаику поезијата артикулирани и во плејадата поетски слики кои упатуваат на пробивот на сакралното (божественото) – во обичното и секојдневното. Овој поет умее да го извлече возвишеното од дофатливото, секојдневното, видливото. На пример: „рибарот откинува парче од небото / фрлајќи ја јадицата кон реката“ („Прекрасно летно заноќување“); „небото се отвора да направи провев / во нашите души“ („Небото се отвора“); „маглата виси над градот / како сведната глава на Богородица / од далечна фреска“ („Летање“); „Веројатно ангелите / на рамената си тетовираат луѓе“ („Тие и ние“)...

Може да се рече дека Маџиров е поет кој се вдахновува од сè и кој на сè му дава свој печат во своите минуциозни и суптилни стихови кои се израз на чувството на минливост, на сфаќањето за ефемерноста на сите нешта. Во оваа смисла, неретко, стиховите во Преместен камен ја артикулираат и потребата на поетот да отиде, да се премести отаде зборовите, во тишина, иако во истоимената песна („Тишина“) ќе констатира: „Не постои тишина во светот. / Монасите неа ја измислиле / секој ден да ги слушаат коњите и / падот на пердувите од крилјата.“ Несомнено, Никола Маџиров е редок поет посветен на поезијата со сето свое битие. (Л. К. Д.)

 

 


Библиографија

Андоновски, Венко. 2020. „Encyclopaedia poetica на 99 инкарнации на божественото.“ Поговор во: Ерол Туфан, Несоници (99 есеизирани поетизации на фактите за одредени уметници), Скопје: ПНВ Публикации, 93-99.; Bajsić, Tomica. 2009. „Noć čini anđele još čišćima“. Pogovor vo: Nikola Mađirov, Premješten kamen: izbor pjesama (prevod: Borislav Pavlovski). Zagreb: Fraktura, 89-92.; Јоцумото, Јасухиро. 2010. „Венечни ливчиња кои паѓаат од преместениот камен на крајот на историјата.“ XXII Поетска ноќ во Велестово, год. 11, бр. 11, 15-16.; Капушевска-Дракулевска, Лидија. 2007. „Поетски преместувања“ (Никола Маџиров, „Преместен камен“, Скопје, Магор, 2007). Културен живот. Скопје, бр. 1-2, 16-19.; Ковилоски, Славчо. 2007. „Времето (Н. Маџиров, Преместен камен, Скопје, Магор)“. Современост, год. 56, бр. 3, 141-143.; Мартиновски, Владимир. 2007. „Поетика на преместувањето (Н. Маџиров, „Преместен камен“. Скоје, Магор). Разгледи, год. 54, бр. 3, 90-94.; Смилевски, Гоце. 2007. „Просторот и времето на еден поетски свет.“ Поговор во: Никола Маџиров, Преместен камен. Скопје, Магор, 69-74.