• Наслов

    МОТОРНИ ПЕСНИ

  • Автор

    НИКОЛА ВАПЦАРОВ (ЈОНКОВ)

  • Година на издавање

    (1939)

  • Категорија

    современа книжевност

  • дело поезија

Опис на делото

Моторни песни е првата поетска збирка на Никола Јонков Вапцаров во која тој на индивидуален – вапцаровски начин – го доловува духот на своето време, исполнето со мрачна атмосфера на барутот, машините и незадоволните народни маси, подготвени да го жртвуваат својот живот за посветла иднина. Неговата поезија е препознатлива по јазикот на кој твори (родниот бански дијалект), „кој по многу свои црти (вокална система, лексика) му е поблизок на денешниот македонски литературен јазик, додека по одделни други својства (акцент, новонастанати зборови) му е поблизок на бугарскиот литературен јазик“ (Тодоровски 1979: 27).
Доминантна тема во збирката Моторни песни е конкретното живо човечко суштество обременето од потребата да ја каже вистината за себе (песните „Татковина“ и „Земја“), да ја сподели правдата (песната „Шпанија“) и да живее подобро (песните „Пролет во фабриката“, „Ложачкоинтелигентна“).
Збирката е поделена во четири циклуси: „Песни за човекот“, во кој се обработуваат проблемите на обичните луѓе („Вера“, „Пролет“, „Романтика“, „Спомен“, „Писмо“, „Песна за човекот“, „Фабрика“ и др.); „Песни за татковината“, преку овој циклус Вапцаров се претставува како македонски патриот („Земја“, „Татковина“, „Комитска“, „Татковина имам“, „Елтепска“, „Мајка“, „Песна“ и др.); „Песни“ – циклус со непосредна интимна исповедна лирика („Ложачкоинтелигентска“, „Љубовна“ и др.) и „Песни за една земја“, циклус кој се однесува на Шпанската граѓанска војна („Шпанија“, „Сон“, Песна за другарот“, „Песна за една жена“, „Писмо“ и др.)
Идејно-тематската разновидност на збирката говори за еден љубопитен, чувствителен и сестран автор кој се изделува од останатите. Но, тоа што најмногу го истакнува пред другите автори е тесно поврзано со специфичните особености на неговиот изразен стил (беседно-разговорен), во кој доминира едноставна и јасна лексика со оригинална интонација. Употребата на поголем број глаголи во споредба со придавки и именки доведува до динамичен стих со брз ритам и со брзо развивање на фабуларната ситуација. Чистата и прецизна метафора кај Вапцаров произлегува од секојдневните зборови и настојувањето на авторот тие да ја преземат функцијата на поетскиот збор (пр. зборовите: пролет, море, мрак со значење на младост, народ, тешкотии).

Збирката донесува непосредна интимна исповед на човек кој страда, но и искрено верува (песната „Вера“) во подобро утре залагајќи се за среќата и радоста на обичниот работник каков што е тој (песната „Фабрика“). Уште со оваа збирка Вапцаров се изделува од творештвото на своето време, афирмирајќи се како автор кој отвора нова, повисока етапа во соцреалистичката поезија и антифашистичката литература. Новото во поезијата на Вапцаров, според Гане Тодоровски, „не е само во мотивот и во идејниот став што го манифестира, ниту пак само во морално-етичката сила …, туку во творечкото и оригинално решавање на прашањето за јазикот, изразот и стилот на неговата поетска уметност“ (Тодоровски 1979: 39). (Ј. М.- Г.)  


Библиографија

Вапцаров, Ј. Никола. 1979. Творби. Избор и предговор Гане Тодоровски. Скопје: Мисла.; Вапцаров, Никола. 1986. Песни за татковината. Избор и превод Блаже Ристовски. Скопје: Мисла.; Деведесет години од раѓањето на Никола Вапцаров. 2001. Скопје: Институт за македонска литература.; Тодоровски, Гане. 2005. Книга за Вапцаров. Скопје: Штрк.