• Наслов

    АВТОБИОГРАФИЈА

  • Автор

    МАРКО К. ЦЕПЕНКОВ

  • Година на издавање

    1896

  • Категорија

    народно творештво

  • автобиографија

Опис на делото

Во 1896 година, две години по публикацијата на Прличевата, Марко Цепенков ќе ја напише својата автобиографија на дваесет и четири двострано испишани листови хартија, со црно мастило и ситен, искосен и читок ракопис. Без наслов, напишана на прилепски говор, шеесет и две години ќе им биде непозната на читателите, сè додека не биде откриена во архивот на Бугарската академија на науките (Ф. 11, оп. 2, арх. Едд. 54), од страна на проучувачот на македонскиот фолклор, Кирил Пенушлиски, кој ракописот на Цепенков ќе го публикува првпат во Македонија, во списанието Македонски јазик (Скопје 1958, кн. 1-2, стр. 109-145). Цепенковата и Прличевата автобиографија го претставуваат врвниот дострел на автобиографскиот жанр, кој доживува особен подем кај македонските преродбеници во последните две децении од XIX век. Особеното значење на Цепенковиот автобиографски испис е чистиот македонски, прилепски говор на кој е напишана, што воедно е одлика на сето творештво на Цепенков.
 
 Автобиографијата на Цепенков живо и драмски, онака како што говорат и од него запишаните приказни, ја раскажува приказната на неговиот живот. Таа е кусо четиво, налик на подолга приказна, каква што е, на пример, приказната Силјан Штркот. И како што приказната за Силјан Штркот е приказна за односот на таткото и неговиот непослушен син Силјан, така и автобиографијата на Цепенков во голема мера е приказна за односот на таткото и синот, за нивната блискост, заемната поддршка, но и разидувањето во поглед на големата страст на Марко Цепенков – неговото посветено и неуморно запишување приказни на штета на заработувачката и семејната благосостојба. Како што Силјан ќе се витоса преку мориња и планини кај што го води судбината, така во даден миг Марко Цепенков ќе го остави дуќанот и ќе тргне во непознатата неизвесност, кон Софија, каде што дотогаш никогаш не бил, и криејќи ги своите ракописи во дисаѓите на границите, на двапати храбро се соочува со опасноста да заврши в затвор ако му ги пронајдат. Драмските сцени на кавгите со татко му се особено живо предадени, но особено интересно е што во даден миг Коста Цепенков, во една од многубројните препирки, го споредува сина си со непослушниот син од приказната за Дуња Ѓузели, кој го прокоцкал имотот на татка си. Можеби се надевал дека неговиот син, заслепен од светот на приказните, ќе има повеќе слух за неговите зборови и поуки ако му се обрати токму со јазикот на приказните.
 
За волја на вистината, меѓу таткото и синот во животната сторија на Марко Цепенков, има многу повеќе сродности и блискости. Притоа, помалку е важно што Марко Цепенков му возвраќа на татка си дека и тој во младоста, на сличен начин, бил заведен од ловот. Пресудно е што и двајцата се потомци на стариот Марко Цепенков, прочуен песнаџија во нивниот крај, татко на Коста Цепенков и дедо на нашиот собирач. Несомнено, обајцата ја имаат наследено дарбата од него. Коста Цепенков е исто народен песнаџија и поради тоа „нунко“, кум, во повеќе села, како и неговиот татко, та од него младиот Марко ќе ги запише и првите приказни. Истата дарба меѓу петте деца на стариот Марко ја имала наследено само уште неговата ќерка Дафина, Дафа Цепенкова, сестра на Коста, мажена во Крушево, која исто така се спомнува како кажувачка од која се запишани 160 песни, како и тоа дека знаела неброено повеќе (Цепенков 1972, Том X, стр. 392-393). Разликата меѓу членовите на неговото семејство и него е што тие ги меморирале песните и приказните, притоа умееле убаво да ги кажуваат, а тој не паметел, туку во тишина ги запишувал и развил вонредна умешност живо да раскажува, така што на читателот му изгледа како текстот да говори. Вонредното раскажувачко мајсторство ја одликува не само прочуената приказна Силјан Штркот, туку исто толку и Цепенковата автобиографија.
 
Автобиографијата е испишана како кажување во единствен здив за неговото раѓање како преродбеник под крошната на големите песнаџии, во време-невреме кога образованието и книгата се луксуз, а маката, арачот и беспарицата го принудуваат човекот постојано да мигрира во разни места и земји во потрага по минимум живејачка, како и да се приспособува на условите и потребите на пазарот. Општествените околности и историските случувања во Македонија и на Балканот се назначени во контекст на портретирањето на таткото Коста Цепенков, низ речиси анегдотски кажувања за постојаната мена на живеалишта и професии во неговиот живот, при што не се наведуваат години. Историските настани се предадени во т.н. „соседски контекст“, како усни кажувања во кои соговорниците споделуваат исто знаење и претпоставки, па ги препознаваат настаните за кои станува збор. Така на пример, кога Марко Цепенков раскажува за животот на татко му во Влашко, во ликот на Сулџер Тодор треба да се препознае името на командантот Тудор Владимиреску (Sluger), командант на Етеристичкото востание во Романија во 1821 г., а подоцна, во приказната за џенгот (битката) кај Севастопол, треба да се препознае Руско-турската војна (1853 – 1856).
 
Иако испишана во еден здив, и без наведување години, автобиографијата во концизен след реди неколку основни теми. Првиот мотивски комплекс на портретирање на таткото како песнаџија воедно ги открива и општествените околности во Македонија и регионот во тој контекст. Вториот мотивски комплекс се однесува на условите во образованието: тогашното училиште, учителите, скапотијата да се дојде до ретките книги што Марко со радост ги голта и откако ќе биде принуден да го напушти училиштето и да чиракува. Чиракува најпрвин со татко му во разни места, а потоа учејќи го кројачкиот занает, а паралелно и на своја рака, ги учи и писмата на јазиците кои тогаш се говорат во Македонија. Драмските епизоди од училницата во раскажувачкиот стил на Цепенков, своевиден простонароден реализам, добиваат напати комичен призвук. Истите или слични случки од училницата имаат сосема инаков тегобен призвук во раскажувањето на Прличев во неговата автобиографија, којашто е напишана во стилот на своевиден психолошки реализам. Третиот мотивски комплекс во Цепенковиот животопис е црковното прашање и борбата за народен јазик во богослужбата што тој, според тогашните околности го нарекува „бугарски“, зашто во тоа време (и во судската практика) човек се идентификувал во народноста и верата според општествено зададените разлики: „Грк или Бугарин?“, „патрик или егзарх?“. Притоа, со „патрик“ се означувала припадноста на Цариградската патријаршија и грчката богослужба, а со „егзарх“ припадноста на Егзархиската автономна црква и црковнословенската богослужба. Четвртиот тематски комплекс е посветен на многудеценискиот ангажман на Цепенков да собира и запишува народни умотворби, поттикнат од собирачката дејност на Димитар Миладинов во периодот кога тој учителствува во Прилеп. Петтиот мотивски комплекс се однесува на периодот кога Цепенков заминува во Софија за конечно да ја реализира својот животна замисла и да ги отпечати собраните фолклорни материјали. Во овој период во Македонија било не само неможно печатењето на словенски јазик туку и погубно, што Цепенков го илустрира со неговото итарпејовско лукавство при пренесувањето на македонските ракописи преку границата, кон тогаш веќе ослободената територија на Бугарија, која од 1870 г. има црковнословенска богослужба, а од 1878 г. и автономност.
И покрај тоа што Цепенков по првата здобиена чест во Софија (чиновничката служба) за неговите заслуги на собирач, по некое време останува без работа и животот го завршува во беда и сиромаштија, со оштетен вид од макотрпната работа над ракописите. Тој е среќен и задоволен човек, кој со восклик го завршува својот животопис: „Еј боже мој, боже мој, си велев сам со себе, вистина зборојте твои сет вистинцки, што си кажал во Евангелието: Б̶арајте  ̶ да најдите, клукајте  ̶ да ви отворат и сакајте да ви даат’“. Негова единствена желба и молитва, изречена во завршните стихови, и натаму останува можноста да продолжи да запишува, за да го остави во завет народното знаење за поколенијата, а со тоа и споменот за себе: „Да ‘и пеи и ми вели: / „Бог да прости деда Марка/ Што ѝ пишал тие нешта/ Од нашите прадедои/ И за сега да се знаи“.
 
Автобиографијата на Цепенков е непроценливо значајно и особено занимливо раскажано сведоштво не само за животот и делото на овој преродбеник туку и за општествените македонски преродбенски околности и на родната почва и во услови на емиграција во Бугарија. Меѓу автобиографските сведоштва од овој период Цепенковиот текст е скапоцен и поради раскажувачкиот стил, но секако и заради живата македонска реч со која е запишан. (Н. А.)

Библиографија

Аврамовска, Наташа. 2004. „Марко Цепенков – автобиографија“ во: Автобиографијата во македонскиот литературен 19 век. Скопје: Институт за македонска литература, Менора.;  Маџунков, Митко. 2000. „Штркот единак и неговото јато“, http://makedonija.rastko.net/delo/11718.; Конески, Блаже. 1954.„Марко Цепенков“ во: Современост бр. 3, Скопје. Преобјавено во Македонскиот XIX век, во: Собраните дела на Конески, Том VI, стр. 265-280. Скопје: МАНУ (достапно на http://koneski.manu.edu.mk/).; Цепенков, Марко К. 1972. „Автобиографија“ во: Македонски народни умотворби, Книга десетта, стр. 299-345. Скопје: Македонска книга.