• Наслов

    ИДЕНТИТЕТ

  • Автор

    ЈОВАН ПАВЛОВСКИ

  • Година на издавање

    1974

  • Категорија

    современа книжевност

  • поезија

Опис на делото

 ИДЕНТИТЕТ (1974), поетска збирка од Јован Павловски. Претставува пресврт во поетскиот опус на авторот, преку пренасочувањето на неговата поетика од лиризмот на првите стихозбирки кон прашањата на идентитетот и проникнувањето на историјата и современоста.

Стихозбирката е составена од три циклуси: „Идентитет“, „Патување“ и „Сами“. Осврнувајќи се на спецификите на композициските аспекти на делото, Петар Т. Бошковски забележува дека „првиот и вториот циклус на книгава се поставени во историски контекст, при што акцентот е ставен на колективниот идентитет. Поетските ликови како со времеплов се пробиваат низ витлите на времето и низ историските пластови и според конвергенцијата на судбините се препознаваат со ликовите на предците, каков што е примерот во првиот циклус, или со ликовите од легендите како што е во третиот циклус посветен на легендарни женски фигури при што конвергенцијата се отсликува врз мотивот на самотијата“ (Бошковски 1997: 269).

Во песните од првиот и вториот циклус лирскиот субјект се идентификува со судбината на претходните поколенија. Уште во првата песна од стихозбирката „Менување“, олицетворена е таа метаморфоза на свеста на поетското Јас кое ги минува временските граници и се доживува како учесник во Карпошовото востание и таа промена како да дејствува и во сферата на физичкото: „Во таква состојба кога сѐ е изменето (...) / мене како да ме погодува заскитан куршум / од некои времиња што изминале)“ (Павловски 1974: 8). Таквата идентификација продолжува и во останатите песни, било во форма на преземање на идентитетот (Самуилов војник во песната „Улица“) било низ евоцирање на судбината на предците (како во песната „Предци“). Песните од вториот циклус се суптилно портретирање на интеракцијата помеѓу урбаниот живот и историските слоеви кои суштествуваат како палимпсест под современата егзистенција. Во третиот циклус од стихозбирката специфичен белег дава директното обраќање на поетскиот субјект од сегашноста кон женските ликови од минатото, по кои се именувани песните („Билјана“, „Трпана“, „Деспина“, „Анче“, „Сирма“), а кои реферираат на конкретни историски личности или ликови од македонското народно творештво.

Определувајќи го местото на стихозбирката Идентитет во контекст на македонската литература од повеќедецениска временска дистанца, Катица Ќулавкова ја потенцира одликата на уникатност во однос на она што тогаш претставува општоприфатена поетска тенденција: „во времето на македонската метафора, кога преовладува егоцентричниот поглед на свет, свртеноста на поетот кон себе, Јован Павловски прави еден тивок пресврт: тој ја најавува и ја постулира поетиката на идентитетот, актуелизирајќи идентитети на македонски митски, легендарни, народни и историски ликови и личности“ (Ќулавкова 2022: 319). (Г. С.)


 

Библиографија

 Бошковски, Петар Т. 1997. „Поетските кругови на Јован Павловски,“ во: Есеи и критики, стр. 257-266. Скопје: Матица македонска; Мартиновски, Владимир. 2017. „Симбиоза на поетското и научното во творечката лабораторија на Јован Павловски.“ Спектар бр. 69, стр. 17-21; Таутовиќ, Радоица. 1976. „Јован Павловски: Идентитет.“ Културен живот, год. 21, бр. 3-4, стр. 34-35; Ќулавкова, Катица. 2022. „Поетското творештво на Јован Павловски видено низ призмата на неговите митски, историски и поетски слики,“ во: Павловски Јован. Сок од простата (јубилејно издание), стр. 311-320. Скопје: МИ-АН.