• Наслов

    ЈАДРО

  • Автор

    ТОДОР ЧАЛОВСКИ

  • Година на издавање

    1984

  • Категорија

    современа книжевност

  • поезија

Опис на делото

 ЈАДРО (1984), поетска збирка од Тодор Чаловски, за која му е доделена наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. Во неа доминира рафинираниот и богат јазичен израз, карактеристичен за целокупниот опус на Чаловски, со кој тој го обликува и води дијалогот со традицијата, ги развива темите на копнежот и носталгијата и воспоставува интермедијални односи со другите уметности.

На почетокот од стихозбирката е песната „Запис“, во која симболот на јадрото е најавен не само во својата просторна димензија туку и како специфична временска категорија со свое, од поетот доделено, особено вредносно значење, по која следат шест циклуси: „Вертикален двиг“, „Ловот на невозможното“, „Сразена осама“, „Длабење во поникот“, „Монолог“ и „Место точка“. Во нив, преку поетски слики кои го евоцираат детството, детали од архитектурата и домашниот амбиент од Галичник или предели од Мијачијата, Чаловски суптилно им ги пренесува чувствата на носталгија и копнеж на читателите. Во нив се гради и дијалог со традицијата, со народното пеење и со творечкиот порив на народот изразен преку везот и ткаењето. Во неколку песни остварена е интермедијална комуникација со ликовната уметност: во песната „Тајните на езерото“ присутен е клучниот мотив од платната на Вангел Наумовски, песната „Кристалот на ослободената сенка“ е нијансирана од сликарската поетика на Танас Луловски, а во песната „Мраморани“ лирскиот субјект е во дијалог со животната патека на сликарот Ордан Петлевски. Посочувајќи ја врската меѓу народната традиција, ритамот и мелодичноста на овие песни, Матеја Матевски заклучува дека „пеењето на Тодора Чаловски има една мијачка, галичка елеганција, специфична за Мијачијата, нешто од бавните, стамени, длабоки, свечено занесени машки ора, едно суптилно созвучје и певливост на Тешкото“ (Матевски 2009: 19).

Стихозбирката Јадро зазема централно место во поетскиот опус на Тодор Чаловски и го потврдува како еден од најзначајните поети во генерацијата на автори родени по ослободувањето. Осврнувајќи се кон квалитетите на ова дело, Димитар Пандев истакнува дека секоја песна од неа „се заснова врз конкретно издвоен момент од животот и, со самото тоа, таа е синтеза на настани, судбини и траења“ (Пандев 1985: 406). (Г. С.)


 

Библиографија

 Апостолоска, Маја. 2008. „Откривање на поетското писмо на Тодор Чаловски,“ во: Чаловски, Т. Ѕидање сон (избор), стр. 5-15. Битола: Микена; Мартиновски, Владимир. 2010. „Портрет (колаж) на поезијата на Тодор Чаловски.“ Акт бр. 38/39, стр. 26-29; Матевски, Матеја. 2009. „Поезијата на Тодор Чаловски: посветеност на лирското.“ Акт бр. 35, стр. 19-20; Пандев, Димитар. 1985. „Стилските одлики на Јадро.Разгледи бр. 4, стр. 406-408.