• Наслов

    ЛЕБЕДОВАТА ПЕСНА

  • Автор

    АДЕМ ГАЈТАНИ

  • Година на издавање

    1982

  • Категорија

    современа книжевност

  • поезија

Опис на делото

 ЛЕБЕДОВАТА ПЕСНА (1982), поетска збирка од Адем Гајтани, првично објавена на албански јазик во 1980 г. под наслов Kënga e mjellmës, а потоа препеана на македонски од страна на Матеја Матевски. Во оваа стихозбирка кулминира поетиката на Гајтани која ги обединува митското доживување на светот и егзистенцијата во секојдневието, која ја открива присутноста на убавината во минливите нешта, која во соочувањето со смртта ја предочува уметноста како победа над исчезнувањето и во која навеваат арс поетичките промислувања. Станува збор за последното дело во опусот на Гајтани за кое му е доделена наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата.

На почетокот од стихозбирката е песната по која е насловена книгата, која има профетски карактер, а по неа следат седум циклуси: „Зелениот пастув“, „Калеидоскоп“, „Кружи по планетата“, „Паноптикум“, „Градови“, „Време“ и „На езерскиот брег“. Во песните од првиот циклус, преку преплетување на ликови и мотиви од албанската народна поезија, словенската митологија, локации поврзани со Стара Грција и директно (Превер) или индиректно (Лорка) реферирање на европски поети, Гајтани создава свет во кој убавината и чувството за минливоста постојат во кохезија, и во него егзистира постојана интеракција помеѓу природата која е на дофат на раката и космосот. Во вториот циклус, составен од песните „Оганот“, „Водата“, „Воздухот“, „Земјата“ и „Земја без граници“, поетот поаѓа од својствата на т.н. класични елементи и ги развива своите медитации за животот и смртта. Двете песните кои го сочинуваат третиот циклус, „Автомобил“ и „Тротоарот“, ги обединуваат урбаните и митските слики. Во песните од четвртиот циклус, преку суптилната сензитивност за цикличноста во природата, за светот на секојдневието и светот на легендите, се евоцира лирското доживување на постоењето. Песните од петтиот циклус претставуваат лична рефлексија на поетот на четири града: Атина, Рим, Стамбол и Ленинград. Некои од песните од шестиот циклус ги допираат најличните преживувања и трепнежи на поетот, кога на суптилен, почесто алузивен, а понекогаш и на директен начин проговорува за својата болест, за болеста на сопругата, за помислата што ќе биде со нивната ќерка по нивната смрт. Во последниот циклус, со песните „Удавената“, „Бохињско Езеро“, „Весна и јас“, „Рибите од Бохињ“, „Мојот гулаб“, „Откритие на една маѓесна убавица во пирамидата“ и „Фатаморгана“, Гајтани од лирска перспектива ја доловува метафизичката димензија на заокружувањето на човековото постоење.

Стихозбирката Лебедовата песна го заокружува поетскиот опус на Адем Гајтани, и е најзначајна во неговото творештво. Осврнувајќи се кон високите естетски вредности на ова дело, Тодор Чаловски констатира дека станува збор за поезија која, „автохтона во исказот, поливалентна и непосредна во својата лирска медитација“, го потврдува својот автор како „поет од формат“ (Чаловски 1998: 148-149), додека Ефтим Клетников истакнува дека „во наслутениот трагизам во овие стихови има и една скриена свест за апсолутно изедначување на поетот во смртта со Песната, која го продолжува животот на својот создавач и ги множи своето богатство и тајни во времето“ (Клетников 1985: 229-230). (Г. С.)

 

Библиографија

Клетников, Ефтим. 1985. „Лебедовата песна на Адем Гајтани.“ Орион, стр. 226-230. Скопје: Наша книга; Старова, Луан. 1982. „Поет на убавината и заедништвото,“ во: Гајтани, А. Лебедовата песна, стр. 79-84. Скопје: Култура; Чаловски, Тодор. 1998. „Поет со длабок лирски сензибилитет (Адем Гајтани: Лебедовата песна),“ во: Критички видувања, стр. 146-150.