• Наслов

    МИШО ИШО ШО О

  • Автор

    ЈОВАН ПАВЛОВСКИ

  • Година на издавање

    1972

  • Категорија

    современа книжевност

  • поезија

Опис на делото

МИШО ИШО ШО О (1972), поетска збирка за деца од Јован Павловски. Уште при самото нејзино појавување критиката забележува дека станува збор за стихозбирка која со своите иновативни стилско-изразни постапки, како и со поместувањето на тежиштето од дидактичкото кон игривото, донесува новини во македонската книжевност за деца. За оваа поетска збирка Павловски ја добива наградата на Радио Скопје за најдобра книга за најмлади.

Стихозбирката започнува со обраќање на авторот кон децата – читатели, со кое ја најавува игривата и метафоричната димензија на делото: „Кога велам: птица, мислам на листови од орев, а гледам долга улица со автомобили и сообраќајници. Кога велам: молив, мислам на јагленокопачи и рудник, а гледам стари жени во паркот. И така секој ден е со мене: се испреплетуваат она што го гледам, она што го мислам и она што го говорам, па сето тоа прилега на убав сон во кого се случуваат чудни, мошне чудни нешта. Како овие:“ (Павловски 1972: 5), а по тие две точки следат триесет и трите песни групирани во четири циклуси: „Караница – бараница / нашла Ана – тапаница!“, „Мишо ишо шо о!“, „Чесен збор, тоа воопшто не е можно!“ и „Продавница на детски играчки“.

Павловски во песните создава сугестивни поетски слики кои ѝ импонираат на детската фантазија, со јазик кој им е близок на децата, дури и кога претставува вешт лингвистички експеримент, токму затоа што со својата иновативност ја поттикнува детската имагинација.

Проникнувањето на филозофското промислување со светот на играта во Мишо ишо шо о е потенцирано во текстот „Јазикот на играта“ („Језик игре“, објавен во белградскиот в. Борба на 09.09.1972), во кој Миодраг Друговац заклучува дека Павловски „пронашол свој агол на гледање на т.н. аркадија на детството, тргнувајќи од претпоставката дека игратае зачетник на сѐ во животот, што значи дека и најкомпликуваните филозофски и животни проблеми можат да се објаснат со нејзиниот едноставен и благороден јазик“ (цит. сп. Друговац 1986: 367). Определувајќи го местото на оваа поезијата во актуелниов контекст, Иван Антоновски заклучува дека таа „може да биде интересна и соодветна и за потребите на детето на нашево дигитално време“ (Антоновски 2022: 414). (Г. С.)

 


Библиографија

 Антоновски, Иван. 2022. „За еден запоставен сегмент од опусот на Јован Павловски,“ во: Павловски, Јован. Сок од простата (јубилејно издание), стр. 407-416. Скопје: МИ-АН; Друговац, Миодраг. 1986. „Блиски нешта,“ во: Повоени македонски писатели 2, стр. 365-385. Скопје: Наша книга; Смилевски, Веле. 1972. „Поезијата како интригант (Јован Павловски: Мишо ишо шо о)“. Стремеж, год. 17, бр. 3, стр. 195-196.