• Наслов

    СУВОДОЛИЦА

  • Автор

    ПЕТАР Т. БОШКОВСКИ

  • Година на издавање

    1962

  • Категорија

    современа книжевност

  • поезија

Опис на делото

СУВОДОЛИЦА (1962), поетска збирка од Петар Т. Бошковски. Делото за првпат се појавува во издание на „Нолит“ од Белград на македонски јазик, со напореден препев на српскохрватски јазик. Поетскиот субјект во песните од ова дело ги контемплира мистериите на светот и тивката тегобност и трагиката на постоењето предизвикани од вечната борба меѓу доброто и злото, проникнати со моќни поетски слики во кои доминираат суровиот пејзаж, традицијата и фолклорните мотиви.

Напишана во слободен стих, со згуснат јазик и цврста архитектура на песната, стихозбирката е составена од три циклуси: „Записи“, „Летно зграфито“ и „Наезда“. Како што заклучува критиката осврнувајќи се на тематиката која со себе ја носи ова дело, „уште во првата песна од Суводолица, во „Постела од чардак“, најавено е тоа барање на одговорите за вистините на светот, тоа љубопитство што го носи несоницата, стремежот кон објаснувањето на прокобната магија на потајот“ (Мицковиќ 1973: 26). Низ песните од стихозбирката присутна е нераскинливата врска помеѓу еросот и танатосот, честопати изразена преку симболите на земјата и крвта, или преку природните појави. Во „Врнеж“ дождот го преобликува дотогаш сушниот пејзаж и ја овозможува средбата на естетските поларитети, при што времето се доживува низ една речиси еротска димензија („летото ја соблекува / краставата кошула на сушата / Се открива сета убавина на времето / пред нашите малечки прозорци / уголгола и топла се капе“), и се открива каузалната врска меѓу суровоста на природата и човечката суровост („што грди псовки си пуштивме / за една змија вода во браздата“). Осврнувајќи се на третиот циклус од стихозбирката, Матеја Матевски вели дека станува збор за „песни во реторичен замав, со ритмичен склад на повремено римување. Циклусот поаѓа од опсесијата на жената и љубовта, за да ги бара корените преку афирмација на сопствениот идентитет, дека во творештвото поетот е сепак сам на себеси предок и покрај сета генеалогија на помнежот“ (Матевски 1998: 132-133).

Оценувајќи ги естетските достигнувања на стихозбирката Суводолица, Влада Урошевиќ вели дека станува збор за поезија која „крие во себе возбудливо двојство. Едноставните појави што таа ги опејува – ветрот, маглата, дождот – излегуваат низ неа од своите секојдневни рамки и добиваат големи размери: тоа веќе не се обични појави, не се слики на нештата на кои сме навикнале; туку непроменливи, метафизички слики на вечните ситуации, полни сфаќање за нивната бесконечна повторуваност и повторливост во времето и просторот“ (Урошевиќ 1969: 10-11). (Г. С.)


 

Библиографија

Матевски, Матеја. 1998. „Творештво со естетски константи,“ во: Светлината на зборот, стр. 129-144. Скопје: Матица македонска; Мицковиќ, Слободан. 1973. „Петар Т. Бошковски или аскетичко барање на смислата,“ во: Толкувања, стр. 23-34. Скопје: Мисла; Урошевиќ, Влада. 1969. „Петар Т. Бошковски или Меѓу земното и надземното,“ во: Бошковски, Петар Т. Суводолица, стр. 5-15. Скопје: Мисла; Чаловски, Тодор. 1998. „Една книга повторно меѓу нас: Суводолица од Петар Т. Бошковски,“ во: Критички видувања, стр. 140-145. Скопје: Наша книга.