• Наслов

    БЕЛАТА ДОЛИНА

  • Автор

    СИМОН ДРАКУЛ

  • Година на издавање

    1962

  • Категорија

    современа книжевност

  • роман

Опис на делото

 БЕЛАТА ДОЛИНА (1962),роман на Симон Дракул. Зазема централно место во опусот на Дракул и со својата карактеристична стилизација, која подразбира лиризирање на прозниот израз, претставува новина во тогаш актуелните модернистички тенденции во македонската проза.

Дејствието на романот е сместено во периодот по Втората светска војна, во времето на селските работни задруги. Главниот лик Змејко, кој е олицетворение на чесноста и пожртвуваноста, тргнува во самопрогонство при кое, одделен од луѓето во шумата, контемплира за суштината на човековата егзистенција, моралните вредности, нечесноста и човечката отуѓеност. Неговото доброволно одвојување од заедницата е предизвикано од големото разочарување кое е резултат на ерозијата на меѓучовечките односи во селската работна задруга. Неговите интроспективни согледувања се мотивирани пред сѐ од потребата што појасно да ги согледа состојбата во која се наоѓа и средината на која ѝ припаѓа, но и општеството во целина. Во романот постојано се проникнуваат лирската дескрипција на снежните предели во кои е сместено дејствието, и медитативната самоанализа и анализа на главниот лик, во кои како оски на кои постојано им се навраќа се интеракцијата меѓу луѓето и што е она што стои зад постепената деморализација на поединци од средината во која дотогаш живеел. Во тие мигови на интроспективност само како попатни појави низ неговата свест се јавуваат неговата сопруга Мара, синот Јовко и пријателот Дуко. Во тоа соочување на главниот лик со другите во својата свест, но и со суровата дивина во физичката реалност, Белата долина говори и за длабоката и суштинска врска со природата и за индивидуалното откривање на она што е исконско во човека. Високо оценувајќи го полицентричното обликување на ликот на Змејко, Слободан Мицковиќ пишува: „Секако може да се постави прашањето, да се постави под знакот на една афирмација: не се наоѓа ли во оваа книга најдоследно, најлогично и најцелосно создадениот лик во македонскиот роман?“ (Мицковиќ 1962: 859).

Милан Ѓурчинов сведочи за интересот што го предизвикало делото кај критичарите уште во првите месеци по објавувањето: „Бројните рецензии и осврти за него еднодушно оценуваат: добивме едно занимливо, успешно и значајно прозно остварување“ (Ѓурчинов 1983: 119). Потенцирајќи ја повеќеслојноста на овој роман, Вецко Домазетовски пишува дека „Белата долина ја примаме како проза на симболи, како проза на многубројни значења, како модерна проза со поливалентна структура“ (Домазетовски 1980: 110). (Г. С.)

 


Библиографија

 Андоновски, Венко. 1997. Структурата на македонскиот реалистичен роман. Скопје: Детска радост; Георгиевски, Христо. 2002. Македонскиот роман 1952 – 2000. Скопје: Матица македонска; Домазетовски, Вецко. 1980. Структурата на македонскиот роман 1952 – 1962. Скопје: Наша книга; Ѓурчинов, Милан. 1983. „Зошто Змејко ја одбра осаменоста“ во: Современа македонска книжевност, стр. 119-123. Скопје: Мисла; Крстески, Трајче. 2008. „Прогонетиот или самопрогонетиот?“ во: Дракул, Симон. Белата долина, стр. 5-13. Битола: Микена; Мицковиќ, Слободан. 1962. „Симон Дракул: Белата долина“. Разгледи бр. 10, стр. 855-859.