• Наслов

    ПОСЛЕДНИОТ ЛЕТ НА ПТИЦАТА СЕЛИЦА

  • Автор

    БРАНКО ВАРОШЛИЈА

  • Година на издавање

    1968

  • Категорија

    современа книжевност

  • роман

Опис на делото

 ПОСЛЕДНИОТ ЛЕТ НА ПТИЦАТА СЕЛИЦА (1968), роман на Бранко Варошлија. Делото е прва објавена книга на авторот и негов единствен роман. Едно од најзначајните прозни остварувања на модернизмот во македонската книжевност.

Последниот лет на птицата селица,преку интроспективната свест на главниот лик, го отсликува апсурдниот свет во кој се одвива неговиот живот. Романот се одликува со едноставна и ефикасна романескна архитектоника изведена во четири целини: „Пролог: Свети Трипун“, „Прв дел: Големо патување“, „Втор дел: Сончевина“ и „Епилог: Нож“. Временски поставено во тогашната современост, со ретроспективни враќања во минатото, тоа претставува рефлексија на една ентропична општествена средина во која зад привидот на блискоста владее отуѓеност. Сижејната линија го следи главниот лик Мате, новинар во спортска редакција, кој во прологот, на празникот Свети Трипун, доаѓа на лозјето кое го има наследено од своите родители. Во рацете држи кафез со птица, симбол кој се однесува на неговото постоење, на потребата од слобода и чувството на апсурдната заробеност. И по прологот дејството на романот продолжува на лозјето, на кое Мате се наоѓа со својот син. Низ ретроспективни секвенции кои се одвиваат во свеста на главниот лик се запознаваме со неговото детство, со младоста, со времето кога е фудбалер. Во тој период од животот кога ја доживува спортската слава, ја запознава својата сегашна сопруга Биса. Таа во почетокот кон неговите емоции покажувала рамнодушност, резултат на нејзиното чувство за нивна интелектуална инкомпатибилност, а кое нема реална основа бидејќи нејзиниот заклучок произлегува од различните слоеви на општеството на кои припаѓаат нивните семејства. Разочараноста го води Мате да се опие ноќта пред финалниот натпревар, па следниот ден, иако доаѓа исцрпен и неподготвен на фудбалскиот меч, тој во последните минути го дава решавачкиот гол. Во мигот кога станува херој за љубителите на спортот, тој тргнува со Биса, кај која почнуваат да се продлабочуваат чувствата кон него, пеш по Македонија. Во делот „Сончевина“ отсуствуваат ретроспекциите. Мате се запознава со новите сопственици на соседното лозје, кои немаат деца, а лозарите набргу сопругот започнуваат да го викаат Јаловник. Откако бездетната жена ќе забремени од Мате, нејзиниот сопруг ќе реши да стави крај на животот на својот соперник. Во епилогот на романот, насловен „Нож“, убиството е доловено со кондензиран стил, евоцирајќи едновремено трагика, поетичност и апсурд.

Уште со своето појавување Последниот лет на птицата селица е високо вреднуван од страна на критиката во однос на останатите романи создавани во македонската книжевност во тоа време: „Она што е посебно драгоцено во овој роман од Варошлија, тоа е фактот дека меѓу сите романи што се напишани кај нас различни по мотиви и стил, по начин на градба и формат, Последниот лет на птицата селица се јавува како роман со многу романескно во себе, нешто што го среќаваме кај Кратката пролет на Моно Самоников во последната глава, а овде е присутно низ целата книга“ (Иванов 1968: 1664). Проценувајќи ги естетските вредности и местото на ова дело во контекст на современата македонска книжевност, Венко Андоновски бележи: „Треба јасно да му се определи место во врвот на модернистичката формација како тип роман во кој мотивациониот систем е сокриен не во постапките на ликот и односите со другите ликови, туку во макетата, во mise en abym-от. Тој mise en abym функционира како еден вид претпрограматор на постапките на ликот, како еден вид судбинска нужност, ананкаион во Аристотеловата смисла на зборот; фатум од кој не може да се избега, и кој носи трагична судбина за ликот“ (Андоновски 2008: 18). (Г. С.)


 

Библиографија

 Андоновски, Венко. 2008. „Кристален модернизам од камиевски формат“ во: Варошлија, Бранко. Последниот лет на птицата селица, стр. 5-23. Битола: Микена; Домазетовски, Вецко. 1988. Структуралните специфичности на современиот македонски роман 1952 – 1980. Скопје: Македонска книга; Иванов, Благоја. 1968. „Последниот лет на птицата селица“. Разгледи бр. 14, стр. 1664-1666.