• Наслов

    СОК ОД ПРОСТАТА

  • Автор

    ЈОВАН ПАВЛОВСКИ

  • Година на издавање

    1991

  • Категорија

    современа книжевност

  • роман

Опис на делото

 СОК ОД ПРОСТАТА (1991), роман на Јован Павловски. Зазема особено место во обемниот опус на Павловски, но и во македонската книжевност како со својата естетска вредност така и со фактот дека станува збор за првиот постмодернистички и првиот еротски роман напишан на македонски јазик.

Сок од простата го карактеризира жестоко портретирање на припадниците на генерацијата која се наоѓа во зрелото доба во времето на една голема општествена промена – распадот на социјалистичкото уредување, преку нивните соочувања со чувството на бесмисленост кое се јавува како резултат на општествените околности кои се последица на сеопштата ентропија поттикната од распаѓањето на политичкиот систем, и нивната, најчесто ирационална, потрага по излез од тој хаос. По својата структура Сок од простата претставува маестрално изведена симбиоза на роман и дневник (и коментари на дневникот), при што втората наративна линија (дневничките записи на главниот лик Ангел Биков и коментарите на нараторот, кој е близок пријател на главниот лик) не е подредена на првата, туку тие двете се надополнуваат и рамноправно коегзистираат во една единствена романескна целина.

Сижејната линија го следи главниот лик Ангел Биков, кој во 1986 година заминува од Скопје во Москва како претставник на претпријатието „Македонија – експорт – импорт“. Низ реминисценции и дневнички записи доловени ни се и неговите најрани формативни години кои тој ги минува во дисфункционално семејство, а потоа дел од детството го минува во дом за напуштени деца, кога со својата супериорната интелигенција се издвојува од своите врсници и постигнува успех во образованието. На своето заминување во Москва Биков гледа како на еден вид ослободување, колку од зачмаената општествена и професионална средина толку и од сопругата, која, како што наведува во своите дневнички записи, никогаш не го сакала, а и тој кон неа чувствува рамнодушност. Но, заминувањето во Москва ќе биде и согледување на цело едно општествено уредување, социјалистичкото, сеедно колку и да е разнородно од една до друга држава, во неговата последна фаза, во фазата на распаѓање.

Една од темите на романот на Павловски е отуѓеноста, која ги погодува сите главни ликови во делото, најчесто како последица на хаосот предизвикан од разградувањето на општествениот систем. Парадоксално, таа нивна отуѓеност се зголемува колку што повеќе тие се трудат да ги амортизираат ударите кои им ги задава сеопштата ентропија, иако тој парадокс има јасен каузалитет: тие наместо рационално да се соочат со отуѓеноста и да најдат начин да ја надминат, стануваат жртви на сопственото ирационално бегство од неа, преку начини кои ги водат во уште поголема алиенација, и кои најчесто имаат карактеристики на автодеструкција. Отуѓеноста помеѓу Биков и ќерките Снешка и Јана извонредно е доловена преку штуроста на нивните дијалози, а алиенацијата меѓу него и сопругата Васка – преку баналноста на темите кои се предмет на нивната конверзација. Фасцинацијата на Ангел Биков со Љубов Алексеевна, единствената жена спрема која чувствува не само страст туку и љубов, е константно одржувана веројатно од неговата увереност дека таа е рамнодушна кон него. Сознанието дека пропуштил да сфати што се затскривало зад наводната рамнодушност на Љубов Алексеевна, како и дека пропуштил да ѝ помогне во миговите кога таа се чувствувала беспомошна, па таа беспомошност ја натерала на обид за убиство, но и за сето она што ја очекува, има поразително дејство врз него, низ една душевна мачнина која ќе се зголемува во деновите што следат, сè до мигот на неговото самоубиство.

Со своето појавување Сок од простата е настан во македонската книжевна средина и веднаш е оценет како „полемичен роман против струјата“ (Старделов 1991: 350-352), „еретичко дело со многу предизвици на вкусот и моралот“ (Друговац 1991: 361), книжевно остварување кое „на главна врата ја внесува еротиката во современата македонска литература, ја внесува со достоинства на комплетно остварување кое ја има енергијата на неодоливата уметничка мотивираност“ (Бошковски 1993: 220). Денес, кога пионерскиот потфат како прв еротски и прв постмодернистички роман напишан на македонски јазик веќе не значи и ексклузивитет затоа што по него се појави цела низа од дела со сродна тематика и стилско-формациски обележја, во преден план доаѓа непобитната книжевна вредност на ова дело. (Г. С.)


 

Библиографија

Бошковски, Петар Т. 1993. „Од Ерос до Танатос во романот Сок од простата“. Современост бр. 7-8, стр. 212-220; Друговац. Миодраг. 1991. „Рецензии“ во: Павловски, Јован. Сок од простата. (второ издание), Скопје: Јован Павловски (издание на авторот), стр. 353-361.; Смилевски, Гоце. 2022. „Роман за еросот, отуѓеноста и општествената ентропија“ во Павловски Јован. Сок од простата (јубилејно издание), стр. 355-372. Скопје: МИ-АН; Старделов, Георги. 1991. „Рецензии“ во: Павловски, Јован. Сок од простата (второ издание), Скопје: Јован Павловски (издание на авторот), стр. 349-352.