• Наслов

    ИЗВЕШТАИ ЗА РИСОТ

  • Автор

    СЛАВЕ ЃОРЃО ДИМОСКИ

  • Година на издавање

    2016

  • Категорија

    современа книжевност

  • поезија

Опис на делото

поетска книга на Славе Ѓорѓо Димоски . Во ова доцнежно поетско дело на Димоски е на показ едно повеќе од успешно поетско писмо што во себеси ја содржи идејата за возвишеноста на природата, но, едновремено, и за невозвишеноста на општеството (односно културата) кое таа природа ја загрозува и ја доведува дури и до исчезнување. Ако кон ова дело се пристапи од гледна точка на епистемолошките и на енвиронменталистичките пристапи, како и од позиции на иманентно естетскиот пристап, тогаш несомнено се доаѓа до заклучокот за неговата особена книжевна вредност. Овој поетски ракопис, оттаму, претставува врвно остварување во рамките на современата македонска поезија, што во една пообемна претходна анализа се утврди со голема степен на извесност (Џепароски 2019: 93-106). За ова дело Венко Андоновски, пак, смета дека тоа е „можеби најангажирана книга поезија на Димоски“ (Андоновски 2023: 100).

Во песните од „Извештаи на Рисот се наѕира, и од заднината како да извира, едно претпоставено и самоуништувачко однесување на планот на природата, на човековата природа, но и на нацијата, државата и цивилизацијата воопшто. На тој начин „извештаите на Рисот“, за своето сопственото исчезнување, за физичкото и метафизичкото исчезнување на човекот, на природата, но и на културата, како во целина да се овоплотени во песната „Трет извештај: пораз“, која започнува како песна во проза и која ги опева настаните од Галичица од 1916 година, од времето на Големата војна и од времето на поразот и на мртвите: „Околу линијата на фронтот расфрлени трупови гнијат. Еве го поразот. Јас сум сигнал кој го нарушува ноќниот ритуал на беспомошните гласови на мртвите (...)“, а го доживува своето ирониско разрешување во следниве два завршни стиха од „извештајот“ на рисот: „Човекот војува. / Војува и против себе“ (Димоски 2016: 27). Оваа автодеструкција се манифестира и во песната „Петтиот извештај: конечно, исчезнуваме“, каде што исчезнувањето и уништувањето одат постојано заедно. Впрочем, во оваа песна е содржана клучната идеја што постојано варира безмалку низ сите песни од четирите циклуси – „Митологијата на Рисот“, „Три канони на Рисот“, „Извештаи на Рисот“ и „Смртта на Рисот“ – од ова несекојдневно поетско дело. Завршните стихови од оваа фасцинантна песна го засилуваат трагизмот на рисот: „Ќе има друг наследник / на нашите темни домови / Извештај на рисот: / Веќе нè нема. / Наследниците се други“ (Димоски 2016: 30).           

Од друга страна, клучната теза во пристапот кон оваа книга може да се супсумира во следново аксиоматско начело: во ова дело природата известува за културата: рисот (како лирски субјект) пее за себе и се самопоставува себеси во рамките и во контекст на културата. Ова се остварува со помош на зборот, но и низ цртежот, зашто книгата на Димоски е проткајана и со експресивните и експресионистичките цртежи на Сергеј Андреевски во кои рисот живее на страниците од книгата како интермедијална поткрепа на возвишеноста на природата, која постојано бара возвишено исчитување од страна на културата. Но, бидејќи културата ѝ налага ограничувања на природата, така и пеењето за возвишените нешта во извештаите на рисот се исполнети со чувството на меланхолија и на вина, кои ја разурнуваат убавината и среќата и создаваат афекција на болка што естетски се трансформира во возвишена болка. Oттаму, како што се пее во песната на Димоски „Прв извештај: мене ми ја обележаа територијата“, територијата на рисот постапно се смалува, се ограничува и ирониски-подбивно се сведува на мрачно и ноќно обележување на територијата. А токму „темнината“, „мракот“, „ужасот“ и „стравот“ и според Едмунд Берк и според Имануел Кант беа клучните одредби врзани за категоријата возвишено. И затоа возвишеното толку силно избива од секој стих на песните од книгата „Извештаи на Рисот“ – а особено од истоимениот циклус со петте песни – извештаи.

Ако на епистемолошки план книгата ја тематизира релацијата природа – култура, но и релацијата екологија – етика, секако, сево ова се остварува низ призмата на естетиката и со помош на зборовите кои иако се определуваат како двосмислени, немушти и поинакви, сепак го будат и го поткреваат чувството на возвишеното кај нас. На онтолошки план книгата создава еден нов естетски објект: едно синкретичко уметничко дело како поврзување на цртежот (сликарството) и на зборот (поезијата). Во него новите светови се во власта на складноста, убавината, добрината и вистината. Но, естетичката категорија убавина, постапно, од првиот циклус насловен како „Митологија на Рисот“, па преку вториот циклус „Три канони на Рисот“, преминува кон категоријата возвишено во третиот циклус „Извештаи на Рисот“, за дури возвишеното да премине и кон категоријата трагично во четвртиот и завршен циклус насловен како „Смртта на Рисот“.

Убавината, секако, болскоти и сјае во стиховите и песните на почетокот од книгата, во циклусот „Митологија на Рисот“. Воведната песна под наслов „Генеза на Рисот“ со своите иницијациски стихови лирски ни ја „претставува“ убавината на рисот, тој „витешки предок / на височините и духот“, таа „секајца света секајца / свирепа и кротка“ (Димоски 2016: 7) која во себе во своето двојство на потенцијалност и актуалност (аристотеловскиот dynamis-energeia), ја содржи и убавината и возвишеноста на височините и на духот. Во следните песни од овој прв циклус, во песните „Митологија на Рисот“, „Окованиот Рис“ и „Загубениот свиток“ како да сме сведоци на едно движење од убавото кон возвишеното, проследено со митската борба на рисот со змијата („Митологијата на Рисот“) и на рисот со орелот („Окаваниот Рис“), каде што е повеќе од јасна алузијата во однос на антрополошкото и хуманистичко „прометејство“ на рисот кој, дури и во својата „окованост“, постојано е подготвен за војна со орелот: „Јас сум окованиот рис од македонија / врз сурите карпи од внатре што татнат / орелот е мисла што ме гледа во очи / пред да ми откине парче со железниот клун / од моите разбранети гради (Димоски 2016: 11). Сепак, во завршната песна од овој циклус под наслов „Пораката на Рисот“ (Димоски 2016: 13) се огласува убавината на рисот, која успева да го победи темното и мрачно ирониско-возвишено, преку пораката на убавината која допира сè до примарниот крик на јазикот, на играта и на праисконското.

Вториот циклус од книгата насловен како „Три канони на Рисот“ ја доизградува онтологијата на рисот и неговата врзаност за земјата, огнот, воздухот и водата, како во песните во проза „Прв канон на потеклото“ и „Втор канон за земјата“. И кога Димоски понира во потеклото на рисот, кога навлегува во неговата метафизичка и физичка димензија, тој, всушност, ја опејува возвишената противречност на рисот и неговата возвишена невидливост и присутна отсутност.

Но, бидејќи третиот циклус од книгата е носечки, се упатувам кон извештаите на рисот кои, верувам, можат да го потврдат ставот, односно клучната теза во пристапот кон оваа книга, имено дека во ова дело природата известува за културата и дека рисот (како лирски субјект) пее за себе и се самопоставува себеси во рамките и во контекст на културата. Не случајно овие известувања во книгaта графичко-дизајнерски се претставени со симулирани старински машинопис – букви (како во некое старо полициско или разузнавачко досие), зашто на тој начин се симулира и своевидна недоверливост на лирскиот наратор, на самиот рис, кон она за што тој известува. Затоа четвртиот извештај на рисот, претставен во форма на мртва стража, веќе ја навестува смртта на рисот, неговата индивидуална смрт, додека, едновремено, се навестува и нечија колективна смрт: „Среде легендите се напластува мрак. / Се протега над високите сртови на планините / како народ изгубен, згрбавен, заборавен, како народ / кој постојано се губи, се брише од старите камени печати (...) Јас сум Рис. Стојам на мртва стража. / И јас сум мртов“ (Димоски 2016: 28). Петтиот, пак, и последен извештај на рисот од третиот носечки поетски циклус „Извештаи на Рисот“, веќе во самиот наслов го носи возвишениот трагизам на рисот кој известува дека „конечно, исчезнуваме“ и дека „веќе нè нема“ и дека „наследниците се други“ (Димоски 2016: 30). Сето ова конечно нè води кон крајот и кон последниот циклус од книгата насловен како „Смртта на Рисот“ каде што естетичката категорија возвишено веќе се трансформира и станува категорија што го овоплотува трагичното.

Деветте пеења за смртта на рисот од последниот циклус на книгата трипати ја варираат мислата дека „рисот умира на свој начин“: првпат, тој умира загледан во ѕвездите и преобратен во простор „повисок од целата вселена“; вторпат, кога тој умира „како да умира поет. / замисли да е овидиј, данте или прличев / замисли да е шума што вика / кон слепото небо како хомер“; додека третпат рисот умира на свој начин принесувајќи го „јазикот немушт“ на „синијата со леб и сол“. Но рисот, покрај тоа што повеќекратно умира на свој начин, тој едновремено „смрзнува на небесното огледало“, тој „со самогласките склопува пакт“ и тврди дека „останаа само знаци“. Неговата смрт е неизбежна и тажна и тој „во тревата лежи со очи / покриени од облаците / и отворена уста низ која / мравки му врват“. На крајот на краиштата, во завршната деветта песна насловена како „Кода“, во деветтиот круг на смртта на рисот, тој повторно станува возвишен зашто „како факли во снегот / трагите му гореа / во стрвна музика / на планинските оргули“ (Димоски 2016: 33–41).

Но, на крајот, да се вратиме повторно кон рисот и повторно да се запрашаме: За што постојано нè известуваше рисот од песните на Димоски? Едноставниот и структурно-формален одговор би бил дека тој нè известуваше за својата митологија (петте песни од првиот циклус); дека тој нè известуваше за своите канони (трите песни од вториот циклус); дека тој нè известуваше и за сопствените извештаи (петте извештаи на рисот од третиот циклус); но и дека тој нè известуваше дури и за сопствената смрт (деветте песни од четвртиот циклус). Сложениот аксиолошки одговор би бил дека на епистемолошки план книгата успешно ги тематизира релациите: природа – култура и екологија – етика – естетика. Секако, сево ова се остварува низ призмата на естетското, додека на онтолошки план книгата создава еден нов естетски објект: едно синкретичко уметничко дело – пред сè во доменот на поезијата, а потем и во доменот на сликарството (преку илустрациите на Сергеј Андреевски). Во него новите светови се во власта на складноста и на убавината, но и на возвишеноста и на трагичноста. Всушност, во книгата „Извештаи на Рисот“ како постојано да се движиме од убавината кон возвишеното и трагичното и од трагичното и смртта повторно назад кон возвишеното и убавото. Затоа овој успешен потфат на Димоски прави целата книга да можеме да ја воспримаме како една суптилна кантилена на зборовите и на цртежот, посветена на неисчезнувањето на рисот и на природата, а оттаму и на хуманистички и културолошки посакуваното неисчезнување на рисот, на човекот, на Македонецот, на природата и на културата.


Библиографија

Андоновски, Венко. 2023. „Дете кристализирано во јазикот, пее!“ во Димитар Пандев, Славе Ѓорго Димоски во книжевната критика (македонска и светска). Охрид: Општина Охрид, стр. 93-108.

Димоски, Славе Ѓорѓо. 2016. Извештаи на Рисот, Скопје: ПНВ Публикации.

Џепароски, Иван. 2019. „Славе Ѓорѓо Димоски и возвишеноста на природата: Извештаи на Рисот“, во Поезијата и возвишеното, Скопје: Ми-Ан, стр. 93-106.