• Наслов

    НЕБЕСНА ПАНТОМИМА

  • Автор

    ЗОРАН АНЧЕВСКИ

  • Година на издавање

    2018

  • Категорија

    современа книжевност

  • поезија

Опис на делото

Стихозбирката има строго осмислена архитектоника што кохерентно се подведува под амблематски одбраната синтагма на насловот – „небесна пантомима“. Трите воведни песни („Диви коњи“, „Небесна пантомима“ и „Светулки“) ја чинат пролегомената на стихозбирката и ги означуваат базичните семантички јадра врз кои се надоградуваат понатамошните пеења, организирани во четири „стиховни поглавја“, оддели или, може да се рече и своевидни нетипични циклуси. Ваквата градба го потврдува стремежот на Анчевски да создава „книги поезија“, а не само собрани песни – тој сиот свој поетски опус го систематизира и на ниво на тематско-мотивската поврзаност и испреплетеност, и на ниво на симболично-метафоричниот корпус, па и на графичко-версификаторското ниво. Друг важен белег на целото творештво на Анчевски е разновидната интертекстуалност, односно специфичното потпирање на поетската традиција кое се остварува на најразличини начини.
Еден од тие начини е и позајмувањето наслови од значајни дела на книжевната традиција, како што е случајот со насловот на првата група песни во неговата збирка, кој гласи „La vita nuova“ и е преземен од Данте Алигиери. Оваа група се состои од пет целини, од кои првите три се типични циклуси: првиот го носи истиот наслов како и целата група – „La vita nuova“, вториот „Индиски рапсодии“, а третиот „Anabasis“, повторно книжевна позајмица, овој пат од Сен-Џон Перс. Стиховите од оваа група имаат силен печат на средбата на поетот со една далечна култура и простор – Индија, но се вклопени во неговиот личен животен, односно духовен пат. Во зенитот на својата зрелост тој испева стихови кои се поставуваат пред врвното прашање на смислата на животот и неговата порозност. Искусувањето на далечните предели и источните духовни потраги резонираат со поетовата сооченост со минливоста на физичкиот свет и потребата од духовно вознесување што го пружа поезијата. Препознатливи се индиските поттици и инспирации, кои се потврдуваат и преку грижливо назначеното место и време на настанокот на одделните песни, но и преку низа мотиви што произлегуваат од индискиот пејзаж и индиското културно милје.
Следната група песни обединети под заеднички наслов „Ноќни куќи и напеви“ означува враќање на лирскиот интерес кон сопствената култура, кон домашното, блиското, подведено под симболиката на куќата. Опевајќи како иницијален мотив неколку македонски куќи (крушевска, преспанска, галичка итн.) поетот се вкоренува во своето поднебје, но тоа го прави со меланхолични тонови и во темна светлина. Напуштените, испразнети куќи поетот ги доживува како „локуси на минливоста (кои) сведочат за искуство на загуба, аналогно на искуството на смртта“ (Капушевска-Дракулевска 2018: 77). Во овој циклус тесно се доближуваат вибрациите од општествената стварност (миграции, опустошување, заборав) со комплексната симболика на куќата како дом, семејство, топлина, живот. „Ноќните куќи“ на Анчевски контрапунктираат со следниот негов циклус песни кој носи наслов „Дневни дитирамби и каприча“. Тој циклус е осветлен од дневна светлина и го опева „денот врз нашите лица“. Стиховите го имаат здивот на соочување со сопствената сенка, со староста и со свеста за „конечното отсуство“.   
Стихозбирката се заокружува со песни групирани според насловот на една од нив – „Силна песна“, посветена на поетскиот гениј на шведскиот поет Томас Транстромер. Овие песни имаат арспоетичка природа и ја одгатнуваат енигмата на поезијата. „За да преживееме / ни треба силна песна“ – вели поетот, а таа се провоцира од неодговорените прашања „што неумоливо идат / со секое ново поколение“. Поезијата се споредува со „мозаик од надеж“ и „совршена небесна пантомима“, така што целата поетска збирка со последната синтагма се враќа на самиот свој наслов и се компримира во една обмислена и длабоко прочувствувана целина.
За компактноста на Небесна пантомима рецензентката Оливера Ќорвезироска истакнува: „Во совршен ред е целата поетска шема: организацијата на песните, циклусите, распоредот на песните во одделните циклуси“ (Ќорвезироска, 2018). Покрај цврстата структура, таа го потенцира и исклучителното лексичко богатство на оваа збирка. На версификаторско рамниште се забележува истовремена строгост и слобода, затоа што поетот воедно се придржува до традиционалните поетски форми (сонет, минијатура, скалест стих), но ги модифицира, пишувајќи ги без рима, а сепак со истенчено чувство за ритам и музикалност. Во комбинација со нагласената звучност, збирката на Анчевски говори преку впечатливи поетски слики кои се поврзани во систем што се протега и надвор од конкретната збирка (на пример синтагмите „стратегија на поразот“, „историја на ветрот“, „скршени слики“ и сл.), односно го опфаќа целото негово поетско творештво во една целина.

Стихозбирката Небесна пантомима е дело на автор во зенитот на творечката зрелост. Во неа се препознаваат филозофски, ерудитни, интимно-емотивни, јазично-версификаторски и други квалитети, за што е наградена со престижната награда „Браќа Миладиновци“ во 2018 година. (С. С.-Е.) 


Библиографија

 Капушевска-Дракулевска, Лидија. 2018. „Пет прошетки низ ‘поетската шума’ на Зоран Анчевски“ во: Мозаик од гласови. Скопје: Магор, стр. 73-82; Младеновска-Тешија, Јулијана „Отклучени метафори (По повод претставувањето на поетот Зоран Анчевски во Осиек)“ https://okno.mk/node/79033 [пристапено на 3.06.2023]; Стојчевски, С. 2019. „Стилска монолитност и творечки зенит“, објавено во: Нова Македонија, http://www.novamakedonija.com.mk/lik/priloz/стилска-монолитност-и-творечки-зенит [пристапено на 3.06.2023]; Ќорвезироска, Оливера. „Нуркање во дребното“ https://okno.mk/node/72390 007.07.2018 [пристапено на 3.06.2023].