• Наслов

    ПИСМА

  • Автор

    КРСТЕ ЧАЧАНСКИ

  • Година на издавање

    1982

  • Категорија

    современа книжевност

  • расказ

Опис на делото

  Писма е првата збирка раскази на Крсте Чачански. Поделена е во три групи раскази, и тоа: првата група го носи насловот на еден од вклучените раскази  „Зрно“; втората група ги обединува расказите тематски, односно според ликовите, и носи наслов „Раскази за кучињата, артистите и еквилибристите“; и третата група исто така има описен, определувачки наслов, кој гласи „Раскази за расказите“ и кој ја потенцира мултиплицираноста на раскажувачкиот свет. Иако дебитантска, оваа збирка покажува поетичка зрелост и оформеност која се надоврзува на домашната раскажувачка традиција, но и се отклонува од неа, особено во насока на варирање на постмодернистички прозни стратегии што комуницираат со борхесовските идеи и техники. Во неа доаѓаат до израз доминантните раскажувачки преокупации на Чачански кои се спојуваат во пресекот на имагинативното и реалното, на енигмата и играта, на локалниот говор и естетизираниот јазичен израз.

Антологискиот расказ „Зрно“ претставува пример за металептички парадокс. „Во него еден реставратор, под една фреска во зачудниот Драскин, открива портрет на кој е насликан самиот тој, како држи зрно во моментот на своето откритие“ (Стојменска-Елзесер 2004: 170). Огледалноста на нарацијата произлегува од игрите со времето, омилени на Чачански. Тој често ја отклонува нарацијата од вообичаената линеарност и во многу свои раскази претендира на затворање на нарацијата во круг или спирала (крајот се враќа на почетокот или крајот е познат на самиот почеток и сл.) или на мултиплицирање на времето (стопување на минато, сегашност и иднина). Идеите за паралелни светови, за наративни лавиринти, огледала и двојници, за библиотеката, фрагментите се појавуваат во расказите на Чачански како карактеристични постмодернистички елементи кои ги прекршуваат квазидокументарните приказни, односно приказните од животот на струшкиот крај со потенцирано стварносни елементи. Расказите се случуваат главно во измисленото село Драскин кое има функција на магично-реалистичен топос (како Пасквел на Ж. Чинго или Макондо на Г. Г. Маркес), но кое се поврзува со реалните топоси Галичица, Охридско Езеро и слично. Веќе првиот расказ од збирката наречен „Костадинка“ ја покажува мултипликацијата на времињата и ја потенцира огледалноста: главниот лик, Крсте Чачански, раскажува приказна за врската со далечната роднина Костадинка, од која по пластовите време се открива дека е зачнато дете, девојче. Реквизити на приказната се безвременска кула, градина, ковчеже, клуче, анџар... Сите тие добиваат функција во прикажување на мистерија која кулминира со отворање на тајното ковчеже во кое нема ништо, освен што дното му е огледало во кое нараторот може да си го види сопствениот лик. Расказот „Писма“, според кој е наречена целата збирка, отвора една голема тема што се провлекува и во подоцнежното творештво на Чачански, а тоа е печалбарството, психолошките кризи и болки на откорнатиците од родната почва фрлени во вителот на неприлагодување и носталгија. Самиот чин на праќање писма до девојката Пана, до ликот Илија Митревски, Благата Душа, кој ќе се појави и во други подоцнежни раскази, до Матицата на иселениците, овозможува рамка за еден необичен прозен исказ за противречностите и деликатноста на иселеничките судбини.

Расказите на Чачански во Писма го етаблираат енигматичниот начин на пишување кој од најбанално искажани факти гради фантазмагорични слики и приказни кои го бараат активното домислување од страна на читателот. Чачански раскажува живо, иако штуро и фокусирано на сегменти, симболи, топоси и ситуации што му се важни за расказното ткиво. Неговите описи не се ниту опширни ниту детални, но се изненадувачки, впечатливи и функционални. Ликовите ги гради почнувајќи од нивните зачудни имиња, па потоа преку одбрани психолошки црти кои се откриваат преку навестувања, посредно и преку самите заплети. Интертекстуалните и поетички врски се вплетени во расказното ткиво како извесни сигнали за читателот (Семјуел Бекет, Филип Давид и др.). Јазикот му е богат и ослободен од граматички стеги, близок до говорниот струшки дијалект. Иако прозата му е доминантно интелектуална и бара рационално проследување и разгатнување, сепак содржи еден емотивен набој, речиси налик на поетско дело кое комуницира со читателот на некое надразумско ниво. Затоа кај него работите не се секогаш црно-бели, фабуларните нишки не се секогаш јасно разграничени и не се постигнува секогаш поентирање или дефинитивно смисловно дешифрирање, а сепак расказите го предизвикуваат и го одржуваат вниманието на читателот. (С. С.-Е.)


Библиографија

 Крстески, Трајче. 2008. „Чачански (или) мајсторот на расказот“ во: Чачански, Крсте: На небото книга. Битола: Микена, стр. 5-21; Радически, Науме. 2014. „Превртеното време во раскажувачката проза на Милорад Павиќ и на Крсте Чачанскиhttps://reper.net.mk/2014/06/12/prevrtenoto-vreme-vo-raskazuvackata-proza-na-milorad-pavic-i-krste-cacanski/ [пристапено на 1.10.2023 г.]; Стојменска-Елзесер, Соња. 2004. Игропис: есеи за книжевниот лудизам. Скопје: Магор.