• Наслов

    МАКЕДОНСКИ БУКВАР

  • Автор

    КОСТА ГРУПЧЕ

  • Година на издавање

    1888 (ракопис)

  • Категорија

    преродбенска книжевност

  • дело автор

Опис на делото

 Буквар изработен за потребите на македонските училишта од страна на Коста Групче и Наум Евро, кои биле поттикнати од српската дипломатија на еден таков зафат. Групче и Евро букварот го изработиле според сопствените убедувања, на западномакедонските говори. Поради непочитување на препораките на српската влада во учебникот да се употребат што е можно повеќе српски зборови, букварот не бил издаден. Макар што не доживеал да ја види светлината на денот, букварот е доказ за стремежите на неговите автори да биде напишан на западномакедонско наречје, повеќе од две децении пред историскиот подвиг на Крсте Мисирков и неговата книга За македонските работи.

Букварот има 39 листови. Од првата до шеснаесеттата страница се дадени објаснувања за буквите од азбуката, проследени со соодветен цртеж што се наоѓа пред (над) секоја буква. Во вториот дел се застапени имиња, народни поговорки, почесто употребувани секојдневни поздрави, за тоа како треба да се однесуваат децата дома, кој што работи, односно кој какво задолжение има и сл. На крајот од букварот е предадена пирамида со броевите од еден до десет и ракописната азбука. Во овој случај, двајцата автори на букварот го искористиле сето свое знаење и познавање на македонскиот јазик за да можат да состават учебник по сите определени пропозиции за тоа како треба да изгледа книга од ваков вид. Зборовите дадени како примери за изучување на буквите се: риба, Ристо, Ристана, рака, елен, Елена, пелена, лето, сено, шета итн. Понатаму се дадени проширени реченици, како и поговорки и изреки. Така, свое место во букварот нашле некои од најубавите македонски поговорки: „ако правдина не можит, кривдина никога“, „кој железо дури е топло“, „без мака немат ништо в рака“, „паметен човек многу не говорит“ итн.

Неспорно е знаењето и умешноста на Групче и Евро да подготват буквар, односно основно училишно помагало за описменување на децата за македонски јазик и за нивно воспитување. Непослушноста, условно кажано, кон препораките од српскиот дипломат Стојан Новаковиќ за употребата на српските букви ј, љ и њ, како и преголемиот фонд на македонски зборови ги чинело неиздавање. И не само тоа. Се чини дека Групче и Евро сакале да создадат сопствен графиски систем. Беглиот преглед врз знаците на буквите упатува на отфрлање на графиите ј, љ и њ од српската азбука. Со ь (малиот ер) се означени гласовите љ и њ (льубет, свиньа), додека графијата i е употребена на местото на фонемата ј. Со оваа графема претходно се користеле и Константин Петкович, Кузман Шапкарев и Ѓорѓија Пулевски, а подоцна Марко Цепенков и Мисирков. Може да се заклучи дека на таков начин графемата i станала карактеристична македонска графија, еквивалент на фонемата ј. Забележливо е и присуството на знакот й на местото на i.

Овој обид на Групче и Евро зборува дека уште во 1888 г. предвидената основата за идниот македонски буквар лежела во западните македонски говори, истите оние врз кои е составен современиот македонски литературен јазик. Ова недвосмислено зборува дека македонските буквари подготвени од Македонци добивале исклучиво македонска физиономија. (С. К.)


Библиографија

 Македонски буквар. 2008. Редакција д-р Катерина Тодоровска, Кирил Јордановски. Скопје: Менора; Џамбазовски, Климент. 2006. Културно-општествените врски на Македонците со Србија во текот на XIX век, второ дополнето издание. Скопје: ИНИ; Ристовски, Блаже. 1983. Македонскиотнарод и македонската нација, т. I. Скопје.