• Наслов

    УЛИЦА

  • Автор

    СЛАВКО ЈАНЕВСКИ

  • Година на издавање

    1950

  • Категорија

    современа книжевност

  • роман расказ

Опис на делото

 Улица е повест од Славко Јаневски и претставува прво прозно дело објавено на македонски јазик по неговата официјална кодификација и стандардизација во 1945 година. Книжевната критика од педесеттите години на минатиот век ја категоризирала оваа творба на Јаневски како „повест“ (раскажувачка форма која по должина и по разгранетост на сижето се наоѓа помеѓу расказ и роман). Тоа е жанровски термин кој произлегува од руската книжевно-теориска мисла карактеристична за XIX век, и упатува на рускиот израз што означува раскажување, односно нарација. Поновата наука за литература кај нас ја проблематизира ваквата определба и сè повеќе го зацврстува ставот дека на ова дело може да се гледа и како на кус роман, и тоа роман на созревањето, модел широко распространет низ сите светски литератури. Темата е всушност созревањето на еден млад човек, по грешка именуван како Јане Славковиќ (што е препознатлив сигнал за автобиографскиот слој на приказната), во скопската градска средина во периодот меѓу двете светски војни. Тој лик е воедно и наратор кој ги раскажува своите перипетии во гимназијата и на улицата, како две средини во кои се развива младата личност. При описот на доживувањата во училишните клупи се служи со луцидни анегдоти во врска со ликовите на професорите. Улицата, пак, ја опишува како збиралиште на пропаднати момчиња, кои се подготвени на нечесни и насилни дела. Такви се: постарото момче Баждар, водач на мангупските акции, Пенчо, детето од семејство на алкохоличар кое се однесува прилично насилно, и Кузман, кој е дете на злосторник. Во приказната се појавуваат и голем број споредни ликови, меѓу кои се вбројува девојчето Ана. Улицата за младиот човек, поточно за главниот лик, е привлечна авантура, но сепак тој сфаќа дека таквата авантура без етичка потпора не може да биде животна определба за неговиот љубопитен дух. Мангупската група „Црни браќа“ на која ѝ припаѓа и главниот лик презема разни акции: краде цреши, сече циркуски шатор, претепува други деца... Сето тоа има аура на авантура до оној миг кога главниот лик се згрозува од насилството и го отфрла уличарскиот живот во кој владее законот на посилниот. Приказната има релативно едноставна структура, но ликовите се прилично јасно профилирани и психолошки изградени. Улица има воспитно-едукативна подлога, во духот на времето во кое се појавува, но со сигурност го потврдува луцидниот и вешт раскажувачки талент на тогаш младиот писател Славко Јаневски. (С. С.-Е.) 


Библиографија

 Богоева, Катерина. 24.10.2019 „Улица од Славко Јаневски е повест, но може да биде и роман“. Нова Македонија https://novamakedonija.com.mk/zivot/kultura (пристапено на 10.11.2023); Владова, Јадранка. 2001. Литература за деца. Скопје: Ѓурѓа.