Поет, раскажувач, романсиер, сценарист, есеист и сликар. Како класик и припадник на генерацијата втемелувачи на македонската современа култура во периодот на слободен развој на македонската државност по Втората светска војна и автор на првиот роман на македонски стандарден кодифициран јазик, Славко Јаневски е интегрален автор со автентична поетика и со посебен жанровски разновиден творечки планетариум – историски, една од најзначајните фигури на современата македонска литература.
Роден во Скопје во печалбарско семејство, завршил техничко училиште. Како учесник на НОБ бил партизан во Козјачката бригада во 1944, а во повоениот период на раководни функции во редакции на списанија („Пионер“, „Титовче“, „Остен“, „Хоризонт“, „Современост“). Во текот на животот бил уредник во повеќе издавачки куќи: „Кочо Рацин“, „Македонска книга“ и „Наша книга“.
Бил еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија во 1947 г. и подоцна и негов трет претседател, а бил претседател и на Советот на Струшките вечери на поезијата и на Рациновите средби, како и еден од основачите на Македонската академија на науките и уметностите во 1967 година. Бил член и на македонскиот ПЕН центар.
Поезија пишувал уште додека бил партизан, така што неговата стихозбирка
Крвава низа е објавена веднаш по ослободувањето, во 1945 г., а потоа следат уште неколку збирки со револуционерна и ангажирана поезија. Во 1966 г. се појавува стихозбирката
Евангелие по Итар Пејо која има пресудна улога во формирањето на автохтоната поетика на Јаневски, определена од неговиот најдоследен проучувач Георги Старделов со синтагмата „experimentum macedonicum“. Со неа тој ги означува „историските кореспонденции на поезијата“, „новата критичка историска свест“ и демистификација и демитологизација на балканската историја. Во збирката
Каинавелија на површина избива хуморно-трагичниот пристап кон историјата и човекот, а во
Оковано јаболко се збиднува продор на поетски надреализам, односно фантастичен дух кој ќе го следи творештвото на Јаневски во сите негови жанровски категории. Во поетската книга
Астропеус архетипскиот лик Итар Пејо добива астрално-божествени квалитети и се преименува во Астропеус, со што земното и божественото се поистоветуваат. Сврзно ткиво на поетскиот свет на Јаневски е нагласената историска иронија која му овозможува вдахновена и сугестивна поетска експресија и визија.
Неговата подоцнежна стихозбирка Змејови за игра се свртува кон шармот на егзотизмот и начелото на играта.
Во доменот на прозата Славко Јаневски има историско значење, без оглед дали станува збор за покуси (раскази и куси раскази) или подолги прози (романи). Нему му е признаена родоначалничката улога во македонскиот роман, иако тој е еден редок пример на автор кој по неколку години ја ревидирал својата творба и понудил сосема ново издание. Сепак, историски романот
Зад седумте јасени објавен во 1952 г. се смета за прв роман на македонски стандарден јазик, иако во 1965 тој доживува ревидирано преобјавување под насловот
Стебла. Македонската книжевна историја го бележи и значењето на објавата на
Улица во 1950 г., жанровски определена како повест, иако во повеќе навраќања на ова дело се искажани ставови дека токму тоа може да се смета за прв роман на стандарден македонски јазик, затоа што кусиот роман во некои литератури се одредува како повест, но тоа не го исклучува неговото припаѓање во романескното творештво. За разлика од различните сфаќања за првичната улога на неговите први прозни дела, критичките опсервации во доменот на подоцнежните негови раскази и романи се јасни и недвосмислени: станува збор за грандиозно прозно творештво, органски поврзано во еден компактен имагинативен корпус. Неговите раскази функционираат како своевидни книжевни лаборатории во кои тој ги преиспитува наративните можности, затоа често наликуваат на зачетоци-идеи за романите, или на скици за сценарија, односно како одделни епизоди од романите поврзани со нив преку исти ликови или топоси. Расказите се објавени во неколку збирки:
Кловнови и луѓе,
Омарнини, Ковчег, Зад тајната врата и постхумно објавената книга со куси прози
И петто годишно време. Во доменот на расказот Јаневски често
ги претопува струите на поетското со прозното, ги вградува во симбиози визуелното и лингвистичкото, ги меша сликарството, филмот и литературата, со што постигнува високоуметнички резултати.
Романот е сепак жанрот кој му овозможува на Јаневски широко да ги раскрили своите креативни потенцијали. Според Старделов, романите на Славко Јаневски може да се класифицираат во три групи: (1) поетика на реалистички роман (Улица и Село зад седумте јасени); (2) поетика на асоцијативно-медитативен роман (Две Марии, Месечар и И бол и бес) и (3) поетика на полифониски роман, односно синтеза на романот на ликови, на идеи, на фантастика, на митско и мистичко, на окултно, чудесно и алегориско итн. (романите од кукулинската декалогија).
Во центарот на опусот на Јаневски се извишува комплексната прозна градба – кукулинската декалогија, или
прозниот циклус Кукулино кој опфаќа девет романи и една збирка раскази. Тоа се повеќе од три илјади страници текст на кои се реконструирани различни епохи од историскиот развој на еден народ, едно исто т.н. „керубиново“ племе. Низ романите дефилираат стотици книжевни ликови, поврзани со еден локалитет, македонски топос, испреплетени со фантастични настани и судбини. Најсоодветно овој циклус се определува со поетичката категорија магичен реализам, затоа што во него доминира протокот меѓу реалното и чудното, односно чудесното.
Посебно внимание во творештвото на Јаневски заслужуваат неговите книги за деца, кои со децении се дел од училишните лектири. Тој има оставено трага и во македонската кинематографија како автор на неколку филмски сценарија: во 1967 г. ја адаптирал историската драма на Војдан Чернодрински Македонска крвава свадба, во режија на Трајче Попов; соработувал со Панде Ташковски на филмската адаптација на епскиот воен роман Доследни на заветот, пренасловен во „Македонскиот дел од пеколот“, во режија на Ватрослав Мимица; го адаптирал својот роман Две Марии за филмот со наслов „Јазол“, во режија на Кирил Ценевски.
Во 2013 година, 13 години по неговата смрт, тогашната Комисијата за лустрација на Македонија објавила дека дошла до заклучок дека Славко Јаневски бил соработник на југословенските тајни служби. Ова предизвикало остри реакции и неприфаќање на одлуката од страна на МАНУ, ДПМ и од пошироката македонска јавност. До денешен ден оваа проблематична лустрација нема дефинитивна разрешница. Таа не може да го оспори фактот дека творештвото на Славко Јаневски е неодминлива и непроценлива алка во македонската книжевна традиција.
За вредностите на опусот на Јаневски сведочат и бројните награди, меѓу кои се издвојуваат: државната награда „АВНОЈ“; наградата на СВП „Браќа Миладиновци“, наградата на Град Скопје „13 Ноември“, „Кочо Рацин“, „Македонско слово“ и др. Исто така, тој е добитник на две Златни арени за сценарио на Филмскиот фестивал во Пула, за филмовите „Волчја ноќ“ (1955) и „Македонскиот дел од пеколот“ (1974). Одликуван е со ордените: „Братство и единство со златна ѕвезда“ и „Заслуги за народ со златна ѕвезда“. Во центарот на Скопје, во паркот „Жена-борец“ во 2010 г. е поставен споменик на Славко Јаневски (дело на академскиот вајар Томе Серафимовски). (С. С.-Е.)