• Наслов

    КЛОВНОВИ И ЛУЃЕ

  • Автор

    СЛАВКО ЈАНЕВСКИ

  • Година на издавање

    1954

  • Категорија

    современа книжевност

  • расказ

Опис на делото

 Кловнови и луѓе е првата збирка раскази на Славко Јаневски. Тоа се раскази на атмосфера, без детално развиени дејствија. Меѓу нив доминира чеховскиот тип на расказ, но исто така може да се сретнат и раскази од о’хенриевски тип. На пример, во расказот „Виолина“ се раскажува за партизан кој во време на битките копнеел да засвири на виолина, а кога неговиот пријател успеал да му најде виолина и да ја донесе до неговото болничко легло, се открива дека тој веќе нема рака и не може веќе никогаш да засвири. Во збирката мотивски доминираат раскази за партизанството („Волчица“) и за селскиот живот („Коњ голем како судба“), но има и раскази за ловот („В ѓуме“) или за рулетот („Крај рулет“) кои како мотиви ќе се најдат подоцна и во неговите романи, а некои од дејствијата се случуваат и во странски земји, како на пример во Германија во расказот „Сиромавиот црн Џо“. Во оваа прва збирка раскази сè уште ја нема големата кукулинска тема која ќе го опседнува Јаневски во текот на целиот негов творечки пат, но она што е осознаено и претставено преку акцентот врз ликот на кловнот, а што исто така претставува значајна креативна алка во неговиот писателски имагинариум, е интересот за смеата, за хуморот и за итарпејовската народна мудрост како филозофски став и поглед на свет. Интересот кон кловнот подоцна кај Јаневски ќе се развие во доминацијата на ликот на Итар Пејо, а потоа и во неговиот специфичен поетски Астропеус (Ѕвезден Пејо). Сите тие се модификации на истата поетичка карактеристика на Јаневски која се надоградува врз плодотворната почва на македонскиот фолклорен идиом. Во тој контекст илустративен е фактот што Јаневски заедно со Ќирил Ќамилов и Мето Јовановски во 1962 година објавуваат една многу значајна книга под наслов Темни кажувања, во која се собрани преработки на кажувања на народни приказни од различни извори. Во периодот на објавата оваа книга извршила огромно влијание врз генерациите прозаисти кои се оформувале во тој миг, така што речиси сите тогашни македонски писатели ја осознале непроценливата вредност на фолклорното наследство и се свртеле кон неговите изворишта. Оттаму е и интересот на Славко Јаневски за ликот на Итар Пејо кој станува доминантна, и конкретна и метафоричка фигура на неговото творештво, но и симбол на неговиот филозофски хабитус, кој е препознатлив во целиот негов опус. (С. С.-Е.) 


Библиографија