• Наслов

    ПРОЗЕН ЦИКЛУС КУКУЛИНО

  • Автор

    СЛАВКО ЈАНЕВСКИ

  • Година на издавање

    1969 – 2000

  • Категорија

    современа книжевност

  • роман расказ

Опис на делото

 Прозниот циклус Кукулино од Славко Јаневски претставува книжевна декалогија – грандиозен прозен проект во чиј состав влегуваат една збирка раскази и девет романи и кој се распостила на повеќе од три илјади страници. Ги опфаќа: Тврдоглави, Омарнини, трилогијата Миракули на грозомората, во која спаѓаат Легионите на свети Адофонис, Кучешко Распетие и Чекајќи чума; како и романите Девет Керубинови векови, Чудотворци, Рулет со седум бројки, Континент Кукулино и Депонија. Дејствата на сите романи што го чинат циклусот се просторно фиксирани во митското место Кукулино, замислено со координатите на Скопскиот Регион, односно на падините на Скопска Црна Гора, на границата меѓу имагинацијата и стварноста.
 
Овој циклус опфаќа приказни кои се распостилаат во временски период од 14 столетија, т.е. од 701 до 2096 година. Така, првите четири романи: Девет Керубинови векови, Легионите на свети Адофонис, Кучешко распетие и Чекајќи чума го опфаќаат историското време од осмиот до седумнаесеттиот век; Чудотворци – осумнаесеттиот; Тврдоглави – деветнаесеттиот; Омарнини, Континент Кукулино и Депонија – дваесеттиот и Рулет со седум бројки  дваесет и првиот век. Во овие дела што Јаневски ги пишувал во период од повеќе од три децении се реконструирани различни историски епохи, култури и цивилизации и се насликани со збор стотици и стотици ликови и оригинални човечки судбини од т.н. Керубинова лоза. Всушност, на уметнички начин е пресоздаден историскиот развој на таа Керубинова лоза, која всушност го симболизира македонскиот народ. Авторот со широки потези ја исцртува менталната и етичка мапа на својот народ, со премрежињата што ги преживувал, но и со вознесите и падовите и на неговиот колективен дух и на неговите индивидуалци. Низ страниците е исткаена драмата на историјата пронижана со чуда и чудесии, преку суптилен спој на препознатливи фактографии со крајно слободни и имагинативни фантазии.
 
Потпирајќи се на поетичките начела на магичниот реализам, Јаневски во својот циклус вклучува документаристичка, фолклорно-митолошка и библиска граѓа и прави интервенции во самиот јазичен израз, приспособувајќи го на историскиот миг што сака да го долови. Со тоа во голема мерка го проширува вокабуларот и изразниот капацитет на македонскиот јазик и ги збогатува и унапредува раскажувачките техники на македонската проза. Критиката се согласува дека „неговиот полифониски роман е изграден од пластови на историјата, религијата, митот, фантастиката, соништата, чудесата, полн е со поезија, но и со хумор, алегорија и иронија како израз на критичкиот став кон сѐ“ (Сталев 1995: 241).
 
Циклусот Кукулино е единствена појава од ваков вид во современата македонска литература и затоа честопати е предмет на книжевно-научни истражувања. (С. С.-Е.)
 
 

Библиографија

 Дамјановски, Милан. „Историскиот наратив во романите на Славко Јаневски и Џејмс Џојс“. https://repository.ukim.mk/ (пристапено на 10.11.2023); Петровска, Анастасија. „Демонолошки аспекти во циклусот за Кукулино на Славко Јаневски и филмот ‘Сенки’ на Милчо Манчевски“. https://www.ceeol.com/search/article-detail?id=834077 (пристапено на 10.11.2023); Сталев, Ѓорѓи. 1995. Керубиновото племе. Скопје: Детска радост.