• Наслов

    КАИНАВЕЛИЈА

  • Автор

    СЛАВКО ЈАНЕВСКИ

  • Година на издавање

    1968

  • Категорија

    современа книжевност

  • поезија

Опис на делото

КАИНАВЕЛИЈА (1968) е стихозбирка на Славко Јаневски што припаѓа на неговата поетска фаза поврзана со опсесивниот мотив на итарпејовштина. Две години претходно, во 1966 г., се појавува Евангелие по Итар Пејо, а во 1980 г. и збирката Астропеус, кои на планот на лириката го откриваат зреењето на поетскиот однос на Јаневски кон светот од една резигнирано-хуморна позиција, закотвена во народната мудрост и виталистички дух.

Во сите нив тој длаби во лирската историска свест за опстојот на македонската нација, трага по македонскиот искон, пеејќи за легенди и преданија, личности и настани, митови и фантазми. Но, она на што наидува е една трагична визија на самоуништување, на пекол на раздор, на порази и братоубиства... Оттаму и го исковува името „Каинавелија“, како име на земја во чиј бит е врежано проклетството на каинавелштината. Во оваа стихозбирка се наоѓа и стихот што е преземен како наслов на најобемната и најзадлабочена студија за творештвото на Јаневски во македонската критика, студијата на Георги Старделов Слушате ли, каинавелијци? Поетските слики на Јаневски се гротескно трагикомични, неочекувани и свежо-контрастни, а јазикот е раскрилен во вокабулари на оддалечени простори и сфери.

Итарпејовскиот дух ѕирка меѓу стиховите, како на пример: „На српон небесен Пејо нозете си ги ниша. / Насмеан од Сатурн до Венера итрецот шашливо ме гледа / и мисли самите и в магла капка безизлез ќе вдишат“. Збирката е структурирана од три циклуса: Нож, човек, земја; Синаја и Анатомија. Првиот ја нагласува идентитетската потрага на поетот, неговото длабење во историските премрежиња низ кои минувала неговата „наречи ја Мајковина“, земјата за која протекла „крвта на вековите“. Вториот циклус има ориентално-еротски призвук преку фантазмата за Синаја, „Синаја од Синај на сонот мој таен“, додека третиот циклус во една лирска играрија, преку опевање на делови од човечкото тело (очи, грклан, срце, коски, крв итн.) покажува дека за поетот Јаневски и елементарниот импулс може да предизвика јазична лавина и жива поетска слика. Лириката на Јаневски слободно ги менува ритмите, следи некоја своја интонација, разиграно ги прекршува зборовите и ги изневерува очекуваните клишеа. Непобитно звучи исклучително модерно за периодот на шеесеттите години од минатиот век. (С. С.-Е.) 


Библиографија

 Аврамовска, Наташа. 2015. „Прославата на животот во поезијата на Славко Јаневски“. Спектар 65. Скопје: Институт за македонска литература, стр. 17-29; Старделов, Георги. 2010. Слушате ли, каинавелијци? : Славко Јаневски: книжевна генеалогија. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите, Фонд „Трифун Костовски“ http://manu.edu.mk/wp-content/uploads/2017/10/SLUSATE-LI-KAINAVELIJCI-Georgi-Stardelov.pdf (пристапено на 10.11.2023).