• Наслов

    ГОЛЕМАТА ШУМА

  • Автор

    ВИДОЕ ВИДИЧЕВСКИ

  • Година на издавање

    1970, 1986

  • Категорија

    современа книжевност

  • роман

Опис на делото

 Големата шума е роман за деца на Видое Видичевски, кој долги години бил задолжителна лектира во македонските основни училишта. Тоа е затоа што по својата идеолошка матрица целосно се поклопува со социјалистичките педагошки параметри. Во сите повоени социјалистички средини се негувал овој модел на роман – детски авантури кои прераснуваат во партизански отпор. Идеалите на другарството, солидарноста, храброста, чесноста, почитта и одговорноста се поставени во центарот на приказната, што е раскажана на топол, живописен и непосреден начин, блиска до младиот читател. Романот има два дела: првиот ги опишува игрите на детската дружина во прекрасната природа на периферијата на едно македонско гратче, без инсистирање на воениот контекст, додека вториот јасно го прикажува влијанието на воените услови врз детството на малите херои. Првиот дел е објавен во 1970 г., а комплетниот роман од два дела во 1986 година. Во 1977 г. е снимена телевизиска серија во десет епизоди под наслов Малиот одред, на мотиви од овој роман.

 Централен лик е детето, односно момчето Деви, кое е одличен познавач на бавчите во околината на неговиот град, во областа што ја нарекува Големата шума, и е особено вешт птицоловец, природозналец и водач на останатите деца. Тој е внимателен и добар син на мајка си, која е останата сама затоа што таткото е заминат во партизани. Исто така, тој е огромна помош за остарениот сосед и пријател дедо Трајан, кој му е најсилната врска со светот на возрасните. Меѓу другите деца од дружината наречена „Малиот одред“ се истакнува и детето Таушан, кое пред запознавањето со Деви било на чело на групата, но откако ги открива квалитетите на својот пријател веднаш му го отстапува местото и во согласност со останатите деца за командант на својата детско-воена единица го поставуваат авторитетниот и вешт Деви. Дружината отпрвин презема неколку наивни тепачки против „Дружината на Црниот“, потоа против „орлиштата“ – децата на колаборационистите, и на крајот презема сериозни акции за означување на фашистичките цели за подобри ефекти при авионските напади и акции за обезбедување муниција од магацините. Преку ноќ малите херои созреваат во вистински борци, дури едниот од нив, Таушин, е ранет. Паралелно, тие ги доживуваат и првите љубови (Билјана) и трајните пријателства.

Прозните целини што го сочинуваат романот носат посебни наслови, така што можат да се читаат и одделно како засебни раскази. Потенцираниот воспитно-педагошки елемент не ја засенува, туку ја збогатува добро водената авантуристичка приказна, исполнета со питорескни пејзажи и со пластично извајани ликови. (С. С.-Е.)


Библиографија

 Иванов, Благоја. 1990. „Незаборавните предели на детството“ поговор кон Видичевски, Видое. Големата шума, Скопје: Здружени издавачи, стр. 187-193; Пановски, Доне. 1997. „Апологема на природата. Видое Видичевски: Големата шума, Детска радост, Скопје, 1994“. Современост (Год. 46, бр. 1-2, мај-јуни 1997), стр. 211-214; Цветковски, Радован. 2012. „Военото време и децата во него“ во: Разглопки, Скопје: Матица македонска, стр. 351-377.