• Наслов

    ЛЕЛЕЈКА

  • Автор

    ЈОВАН КОТЕСКИ

  • Година на издавање

    1994

  • Категорија

    современа книжевност

  • поезија

Опис на делото

Тоа  е осумнаесеттата стихозбирка на Јован Котески, за која во годината на објавата ја добива наградата на ДПМ „Ацо Шопов“. За неа е искажано мислењето дека „спаѓа меѓу најизвишените книги во опусот на Котески, но и во севкупната современа македонска литература“ (Стојчевски 2008: 9). Не случајно збирката се отвора со песна за птицата со „пердуви на жежено злато“ („Саријазма“) која е умртвена – симбол на одземена слобода. Поетската слика на Исусовото распетие во која се вградува самиот лирски субјект сугестивно ја доловува психолошката состојба на страдање без вина. Во песната „Причесна“ христијанскиот дух се поврзува со хомеровската традиција за да ја означи силата на поетскиот збор. А поетскиот збор се задржува на „бигорни куќи“ и „села во неповрат“ во кои „тагата цвета во перуника“, за да се сосредоточи врз родниот крај, селото Присовјани во чии гробишта се веќе поставени надгробните камења на најблиските луѓе на поетот, испеани во песната со своите точни имиња и роднински релации. Фактот од реалноста често е вграден во поетските слики на Котески. За тоа сведочи и песната „Средба“, во која во дијалог со поетот Петар Т. Бошковски се констатира дека „мошне се блиску до суштината на поезијата / ралото и мотиката“. Сенката од затворското искуство експлицитно се вообличува во стих: „Во занданата на Идризово размислувам / Ако е мачно да се зборува за бескрајот / за него не е мачно да се молчи“. Песните на Котески претставуваат набиеници од оригинални поетски слики: „меѓу нас разбојот омраза ткае“ или „каменот на воденицата / како син гулаб ќе лета / со пченично зрно в клун / престорувајќи се планета“, алудирајќи на библиските слики на потопот. Освен сликовната раскош, стихот на Котески се карактеризира и со звуковна исполнетост и мелодичност: „Рика, Радика, рика“ или „со глас од шуте до уте!“. И во оваа збирка, како во целото творештво на Котески, фолклорниот стих има неприкосновено место, така што среќаваме суптилни употреби на јазични идиоми од народната песна, па и цели напеви, како на пример: „Море сокол пие вода на Вардара!“ Напати врската со традицијата е искажана преку реминисценции на стиховите на Рацин или преку алузии на некои автори и дела од светската книжевна ризница. Исто така, за Котески е карактеристична една виталистичка еротика, присутна во голем број негови песни посветени на жената и плотта. Стихозбирката Лелејка ги обединува различните аспекти на поетиката на Котески во еден рафиниран и зрел лирски израз, во кој сепак доминираат резигнираноста, меланхолијата и личната траума на поетот. Оттаму, стихозбирката завршува со кусата песна „Епитаф“, во која како ѕвезда Вечерница сјае „На нечовечноста мртвата искра, злобата“. (С. С.-Е.)


Библиографија

https://jovankoteski.blogspot.com/ (пристапено на 10.11.2023); „Критичарите за творештвото на Јован Котески. Искажувања на: Димитар Митрев, Александар Спасов, Миодраг Друговац, Доне Пановски, Влада Урошевиќ, Тодор Чаловски и Ацо Алексиев“. Развиток. Год. 15, бр. 2 (март/април 1977), стр. 97-105; Стојчевски, Санде. 2008. „Од облак сјај“ во: Котевски, Јован. Сончева белегија. Битола: Микена, стр. 5-15.