• Наслов

    КАНОН ЗА СВ. ВЕЛИКОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈ СОЛУНСКИ

  • Автор

    МЕТОДИЈ СОЛУНСКИ

  • Година на издавање
  • Категорија

    средновековна книжевност

  • химнографија

Опис на делото

Словенско химнографско дело кое се вбројува во оригиналните состави на Св. Методиј Солунски. Уште во 1865 година рускиот славист А. В. Горски, проучувајќи го ракописот бр. 435 од збирката на Московската синодална библиотека, констатирал дека овој ракопис содржи канон на Димитриј Солунски, различен од веќе познатите византиски канони што се посветени на овој христијански светец, чии автори се Теофан и Георги Скилица. Во научните кругови постојат различни мислења во однос на утврдувањето на авторот на словенскиот Канон, едните сметаат дека е дело на  некој од Солунските браќа, или пак постојат ставови дека творецот е некој од кирилометодиевските ученици. Последните истражувања донеле поцврсти сознанија дека творбата е напишана од Св. Методиј, меѓу 882 и 885 година, пред самиот крај на неговиот живот. Своевидна потврда за тоа е и наводот во ПЖМ, гл.15, кога се нагласува дека самиот чин на завршување на преводот на Библијата е достоен повод за пишување на химнографска композиција, со празнување на споменот на свети Димитриј. Делови од Канонот наговестуваат дека писателот е од Солун, со пројавени носталгични изливи за родниот крај. Канонот е напишан според химнографски образец на сродна творба за празникот што е посветен на Успението на Богородица, а зачуваните преписи од овој канон зборуваат за сродни текстолошки и јазични карактеристики со самите служби што се посветени на св. великомаченик. Тоа упатува и на претпоставката дека Методиј е автор и на целата Служба посветена на Св. великомаченик  Димитриј. Во Канонот Св. Методиј го слави Св. Димитриј како светител кој станал неповторлив пример за сите луѓе и го возвишува неговиот лик, ставајќи го на иста духовна линија со ангелите, пророците и мудреците. Евидентирани се седум преписи од Канонот на Димитриј Солунски во руските и јужнословенските минејни текстови (XI – XIV век): 1.Минеј за октомври од 1096 година од збирката на бившата Синодално-типографска библиотека во Москва (бр. 200); 2. Минеј за октомври од XII век од збирката на бившата Синодална библиотека во Москва (бр. 435); 3. Скопски празничен минеј од XIII век (Софија, НБ бр.522); 4. Минеј за септември, октомври и ноември од библиотеката на Зографскиот манастир (бр. 88); 5. Минеј за септември, октомври и ноември од XIII-XIV век во Софиска народна библиотека (бр. 516); 6. Новгорски минеј од 1370 година во библиотеката на Петроградската духовна академија;7.Пергаментен минеј за септември, октомври и ноември од 1320-30 година, Белград, Архивот на САНУ, бр. 58, објавен од Ѓ. Поп-Атанасов. Превод на Канонот на современ македонски јазик врши И. Велев. (М. Ј.-Т.)


Библиографија

Ангелов, Ст. Боню. 1958. Из старата българска, руска и сръбска литература. София: БАН, стр. 19-35; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2014. „Книжевните состави на Св. Методиј Солунски во прилог на Моравската мисија“ во: XL Научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, Охрид 29 -30 јуни 2013, Скопје: УКИМ, стр. 7-21; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2018. Култура и дијалог. Средновековни книжевни контексти. Скопје: ИМЛ, стр. 13-63; Jakobson, Roman. 1965. Methodiu’s canon to Demetrius of Thessalonica and the Old Church Slavonic Hirmoi v: Sbornik praci Filozofické fakulty Brnenské University, XIV, F 9, Brno: Masarykova univerzita, Filozofická fakulta, str. 115-121; Македонска книжевност IX-XVIII век. 2008. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена, стр. 48-54; Поп-Атанасов, Ѓорги 2001. Од македонското книжевно минато. Скопје: Менора, стр. 151-160.