• Наслов

    ОРАТОРСКО-ПРОЗНИТЕ ДЕЛА НА СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ

  • Автор

    КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ

  • Година на издавање
  • Категорија

    средновековна книжевност

  • слова

Опис на делото

Ораторско-прозните дела на Св. Климент Охридскиго поставуваат во редот на најголемите автори на похвални и поучителни слова во оригиналната словенска книжевна традиција. Овие текстови со својата проповедно-поучна и восхвална содржина исполнувале одредена богослужебна функција, бидејќи нивната содржина се презентира на крајот на богослужението, на црковните собори, на верските ритуални манифестирања по молитвениот церемонијал и сл. Системот на ораторската проза е претставен со поучителните, похвалните и со полемичките книжевни состави, именувани како слова или беседи. Иако создавани врз основа на византиската ораторска традиција, оригиналните Климентови слова изразуваат автентична стилско-изразна профилираност, со чувство за актуелните верски и идејни тенденции, кои го изразуваат и чувството за словенско самосознание. Голем е бројот и авторитетот на поучителните и похвални слова на Св. Климент. Неговите похвално-поучителни слова, создавани во IX-X век,  ги среќаваме во подоцнежните преписи во разновидни мешовити зборници, во панегириците, хомилијарите, патериците и пролозите, како и во специјализираните авторски зборници, од типот на златоустот. Дел од нив се потпишани со името на Св. Климент. Наспрема бројката од 97 поучителни слова, кои во науката се третираат како Климентови (засведочени или незасведочени во насловот), стои цифрата од 26 похвали, од кои за 13 авторството сѐ уште не е прецизно утврдено. Според карактеристичните стилско-изразни средства, голем дел од непотпишаните слова речиси со сигурност се утврдуваат како Климентови. Климентовите поучителни состави биле извонредно популарни текстови за што придонесувал нивниот јасен, едноставен израз со стил достапен до обичните верници. Неговото поучително творештво покажува тематско разнообразие, пројавено во неколку разновидности: како слова за библиски настани, за христијански таинства, како црковни поученија за даден празник или светител или како поученија за „душеполезно читање“. Во неговитот опус се разликуваат „поучителни слова за светители“ од „поучителни слова за настани“. Кај втората подгрупа, словата се сврзани со господско-богородичниот циклус, при што големите празници: Рождество Христово, Богојавление, Сретение, Преображение, Успение Богородично, поврзани се и со друга особеност на богослужебната практика – нивните претпразненства, за кои Климент создава одделни поучителни слова. За Св. Климент Охридски е карактеристична постапката на создавање цели циклуси од поучителни слова, коишто го покриваат целогодишниот црковен обред. Поради ваквото тематско разнообразие на Климентовите поучителни слова се изделуваат неколку основни групи на поученија: општи, претпразнични, празнични, слова во врска со постот и слова за црковните таинства.

Тој е исто така еден од најголемите автори на похвални слова во словенската писмена традиција. Творбите што се сметаат за Климентови похвали, ги опфаќаат речиси сите видови празнични слова за црковни празници и од подвижниот и од неподвижниот календарски циклус, како и похвали за  светители од различен вид и ранг. Како значајни Климентови похвали се издвојуваат словата за: Кирил Филозоф, Климент Римски, Димитар Солунски, Светите 40 маченици, Воскресението Лазарово, Усепнието Богородично, Словото за архангелите Михаил и Гаврил, за пророкот Илија и пророкот Захариј и Зачатието на Јован Крстител и др. Посебно значајни се похвалните слова за Св. Кирил и Похвалното слово за Кирил и Методиј (без Климентов потпис), првите похвали за словенски духовни дејци што се создадени како резултат на големата почит кон учителите, со личен однос на авторот кон нив и кон нивното дело. Климентовите слова извршиле големо влијание и врз новите ораторски остварувања, врз севкупната  оригинална словенска книжевна продукција, при што послужиле како творечки обрасци за текстовите на книжевниците од подоцнежните периоди. (М. Ј.-Т.)

 

Библиографија

Ангелов, Ст. Боню. 1974. „Климент Охридски – автор на общата „Похвала за Кирил и Методий““ во: Страници из историята на старобългарската литература, София: Наука и изкуство, стр. 124-133; Велинова, Вася. 1998. Тържествената ораторска проза в България IX-X век, София: ДИОС; Георгиевски, Михајло. 1988. „Новооткриен зборник од XVI век со творба од Климент Охридски“ во: Кирило-Методиевскиот (старословенскиот) период и Кирило-Методиевската традиција во Македонија, Скопје: МАНУ, стр. 29-34; Данчев, Георги. 1993. „Вести за дейноста на Кирил и Методий, съхранени за науката от Владислав Граматик“, Славянска филология, т. 21, София: БАН, стр. 58-64; Иванова, Климентина. 1978. „Няколко наблюдения върху книжовното наследство на Климент Охридски“, Старобългарска литература, кн. 3, стр. 91-106; Јакимовска-Тошиќ. Маја. 2013. „Ораторско-прозните книжевни состави на Св. Климент Охридски“ во: Книжевни и културни модели во македонската средновековна литература. Скопје: ИМЛ, стр. 69-84; Македонска книжевност IX-XVIII век. 2008. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена, стр. 106-123; Поп-Атанасов, Ѓорги. 1989. „Жанрот „Поучно слово“ во литературното дело на Климент Охридски“ во: Климент Охридски и улогата на Охридската школа во развитокот на словенската писменост. Скопје: МАНУ, стр. 741-745; Свети Климент Охридски. Собрани дела: слова, поуки, житија. 2012. Превод од старомакедонски: протопрезвитер д-р Јован Таковски. Скопје: Табернакул; Станчев Красимир, Попов, Георги. 1988. Првомайстор на ораторското слово, Климент Охридски, София: УИ „Св. Климент Охридски“; Стојчевска-Антиќ, Вера 1997. Историја на македонската книжевност. Средновековна книжевност. Скопје: Детска радост, ИМЛ.