• Наслов

    ВЕДА СЛОВЕНА

  • Автор

    ЈОВАН ГОЛОГАНОВ

  • Година на издавање

    два тома: 1874 и 1881

  • Категорија

    преродбенска книжевност

  • дело поема

Опис на делото

Фолклорна и книжевна мистификација, дело на соработката на Јован Гологанов со Стефан Верковиќ.

Веда Словена е една од најпознатите европски мистификации во XIX век. Со појавата своевремено предизвикала вистинска сензација во научниот свет, за подоцна да биде оквалификувана како мистификација и отфрлена како „фалсификат“. На делото може да се гледа како на производ на романтичарскиот занес да се покаже многуилјадната митологија на Словените, но и како на умешно дело на еден ум кој своите познавања од фолклорот, етнографијата и митологијата ги претставил како дело на народните пејачи чии стихови биле пеени во текот на многу векови.

Првиот том на Веда Словена најпрво бил објавен во Белград, 1874 г., а вториот во Санкт Петербург, 1881 г. Делото содржи околу 22.000 стихови испеани од Ј. Гологанов, иако постојат податоци дека всушност станувало збор за 300.000 стихови. Оваа поема Ј. Гологанов на С. Верковиќ му ја понудил под превезот на народното творештво, а всушност настанала токму од можностите финансиски да ги наплати своите поетски способности, но и како желба да се поттикне народносното сознание на луѓето од серскиот крај.

По појавата на двете книги се одржале повеќе собири и научни конференции на кои се дискутирало за квалитетите, но и за вистинското авторство, односно дали во испеаните стихови навистина се кријат повеќевековни искуства пренесувани усно или, пак, тие се авторско дело. Така, за Веда Словена своевремено пишувале и дискутирале некои од најучените европски фолклористи и слависти, како: Ватрослав Јагиќ, Луј Леже, Јосиф Константин Иричек, Владимир Ламански, Иван Шишманов, Петар А. Лавров, Антон Поп Стоилов и др.

Долгогодишните аргументи за и против Веда Словена, најпрво го дале одговорот дека станува збор за дело произлезено од соработката меѓу Верковиќ и Гологанов. Последниот бил упатен во хеленската митологија, успеал да употреби извесни теми од неа во својот поетски ангажман, но поголемо внимание обрнал на квантитетот, односно на продукцијата од наводно 300.000 неримувани стихови упатени до Верковиќ, отколку на квалитетот на испратените материјали. Песните потекнувале од родопскиот и марвачкиот крај, односно од пределите по горното течение на реката Места.

Содржината на Веда Словена е исполнета со легенди и митови кои се однесуваат на Словените длабоко во претхристијанскиот период. Затоа во поемата се сретнуваме со митолошки суштества, херои, цареви итн. Намерата била да се прикаже староста на словенскиот род, па затоа и првата песна (130 стиха) со други три варијанти (85 ст., 128 ст. и 265 ст.), се однесува на преселбата на народот (словенски) на Дунав уште во предисториски времиња, по што следуваат песните „Сонцева женидба со мома Волкана“, „Женидба на талатинскиот крал со ќерката на ситскиот крал“ и особено интересните циклуси за раѓањето и женидбата на Орфеј со ќерката на арапскиот крал во неколку варијанти.

Втората книга продолжува во истиот дух како и првата (песна „Личен-ден Коледов-ден“ во повеќе пеења, песна „Мрснамаднима“ итн., односно вкупно 18 песни со повеќе пеења, распослани на 583 страници). Книгата завршува со речник на непознати зборови кои требало да им бидат на припомош на читателите. Дел вистински, дел измислени, тие само покажуваат колку всушност Гологанов и Верковиќ се внеле во потрагата за изнаоѓање стари словенски фолклорни творби, кои требало да им парираат на хеленските, германските и другите митологии.

Првично означената мистификацијата на Гологанов, чиј идеен зачетник бил Верковиќ, своевремено предизвикала „кусовечна атрактивност“, но откако било утврдено дека објавените материјали се дело на „фантазиите“ на Гологанов, Гане Тодоровски заклучува дека тие се „најизвишен паметник на екстремниот национален занес“ и дека тоа е дело на „фазата на романтичарската самодопадливост, фазата кога во огледалото на националната суета секој гест и потег, секое движење и присеќавање, секоја недоустена реч добиваат грандиозно значење, херојска поза, историски чин“.

Ако го отфрлиме угледот на Веда Словена како мистификација, на неа можеме да гледаме како на исклучително поетско остварување, чие авторство можеме да му го припишеме на најпродуктивниот стихописец во новата македонска книжевност, Јован Гологанов. (С. К.)


Библиографија

Тодоровски, Гане. 1967. „За и против ‘Веда Словена’“. Годишен зборник на Универзитетот во Скопје 19, стр. 393-444; Тодоровски, Гане. 1979. Веда Словена. Скопје: Македонска книга; Пенушлиски, Кирил. 1981. „Стефан И. Верковиќ“. Македонскиот фолклор. Скопје: Мисла, стр. 92-127; Саздов Томе. 1976. Стефан И. Верковиќ. Скопје: Современост.