• Наслов

    РАСТРЕЛ

  • Автор

    ЈОВАН БОШКОВСКИ

  • Година на издавање

    1947

  • Категорија

    современа книжевност

  • автор расказ

Опис на делото

Растрел е првата збирка раскази во македонската современа литература. Со нејзината појава се поставуваат темелите на кратката раскажувачка форма и истовремено се обликува наративот на поствоената македонска проза. Збирката е составена од седум раскази: „Немиот скитник“, „Непријатели“, „Срце мајчино“, „Блокада“, „Растрел“, „Во поход“ и „Земјата на Панко Бисерин“. Содржи вкупно 49 страници. Секој од овие раскази отвора различни аспекти на тогашната стварност, низ личните и длабоки човечки доживувања на главните јунаци.. Независно од тоа кој е раскажувачот – војникот од фронтот или обичниот човек од првите години на поствоената реформација на земјата, хронолошкиот пристап на градењето на приказната и творечките постапки на лирското раскажување се идентични. Стилот е типично реалистичен, со посебен фокус на деталните описи на физичкиот изглед на ликовите и на нивната внатрешна природа („Немиот скитник“, „Земјата на Панко Бисерин“). Неговите раскази опфаќаат две творечки преокупации: народноослободителната војна и градот. Овие две теми во неговиот израз имаат идентичен раскажувачки пристап и се фокусираат на внатрешните доживувања на ликовите, низ приказните за војната како судбина и слободата како егзистенција („Растрел“, „Блокада“, „Во поход“, „Срце мајчино“). Едната тема уметнички го прикажува историското револуционерно минато и годините по Втората светска војна, а втората го исцртува секојдневието на малите луѓе од градот. Отуѓеноста, осаменоста, но и непредавањето се основни двигатели на ликовите (Панко Бисерин, Нико, војникот Иљо). Приказната се креира низ нивните длабоки размисли, испреплетени со емотивниот колорит на силните човечки емоции: немирот, несигурноста, немоќта, стравот, но и мотивацијата да се истрае и да се победи во битката за вредностите. Сите нив ги обединува една суптилна, ненаметлива морална вертикала во која победуваат честа, храброста и човечкото достоинство. (Т. Ќ.) 


Библиографија

 Митрев, Димитар. 1947. „Растрел (Раскази од Јован Бошковски)“. Нов ден, бр. 1-2: 69-79.; Друговац, Миодраг. 1986. Повоени македонски писатели. Скопје: Наша книга.; Смилевски, Веле. 1990. Македонскиот расказ. Скопје: Македонска книга.