• Наслов

    ХИМНОГРАФСКИ ТВОРБИ ЗА ПРЕП. ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • химнографија

Опис на делото

Како оригинални и компилативни словенски творби се поврзуваат со светителскиот култ на пустиножителот и со книжевната дејност на Осоговскиот манастир. Оваа химнографска творба е составена од анонимен словенски книжевник при крајот на XII и почетокот на XIII век. Службата е зачувана во повеќе преписи: 1) Најстариот препис од службата на Јоаким Осоговски потекнува од XIII век и е зачувана во Минеј со пролози, што се чува во ракописната збирка на НБКМ во Софија (бр.113). Пишуван е во Осоговскиот манастир. 2) Службата на Јоаким Осоговски во пергаментниот ракопис – Минеј за јули и август, што се чува во збирката на Дечанскиот манастир под бр. 32. Овој препис го објави Ѓ. Поп-Атанасов. Ракописот датира од XIII-XIV век, пишуван е од книжевникот Оливер Прилепски; 3. Празничен минеј од Хлудовата збирка во Државниот историски музеј (ГИМ) во Москва, (бр. 166), кој датира од XIV век; 4. Препис од службата на Јоаким Осоговски во т.н. Германски зборник, кој датира од XV век. Содржи и служба и житие на Св. Јован Рилски. Ракописот се чува во Софија, ЦИАИ, под. бр. 47; 5. Препис од службата на Јоаким Осоговски што е зачуван во Минеј за месецот август од првата половина на XVI век, што се чува во библиотеката на Рилскиот манастир (бр.2/15). Ракописот содржи уште служба за Јован Рилски. Овој препис на службата се разликува од најстариот (НБКМ 113). Се работи за втора варијанта на службата на Св. Јоаким, која настанала подоцна; 6) Како Втор Хлудов препис се именува службата на Св. Јоаким во Празничен минеј од XVI век, што се чува во Москва, ГИМ (Хлудова збирка бр. 169); 7) Преписот на службата на Јоаким Осоговски што го направил Теодосиј Леков во 1789 година во Хилендарскиот манастир, денес е во Софија, БИА, НБКМ; 8) Издание на службата на Јоаким Осоговски подготвил Димитриј Маринов заедно со житието на светецот. Според известувањето на Маринов, станува збор за ракопис пишуван од Стефан Максимов од Кратово во 1847 година, според постар оригинал од XIV век, што исчезнал без трага. Ракописот пишуван од Стефан Максимов се чувал во Скопската митрополија и содржел: Житие и служба на Свети Гаврил Лесновски (л. 1-33), Служба и житие на Свети Јоаким Осоговски (л. 36-72) и Служба и житие на Свети Прохор Пчињски (л. 89-109). Текстот на житието го превел на новобугарски јазик, а самата служба ја објавил на црковнословенски, според јазичните норми од крајот на XIX и почетокот на XX век. Д. Маринов постарата состојба на јазикот ја заменил со посовремена.

Во однос на канонот во Служба на Свети Јоаким интересно е што тој не е напишан специјално за него, туку се работи за позајмен канон пишуван од Климент Охридски и посветен на Ефтимиј Велики. Составувачот на службата на Св. Јоаким го адаптирал текстот од канонот за Ефтимиј, при што го заменил неговото име со името на Јоаким Осоговски. Со појавата на новоканонизираните светци пустиножители се јавила неопходноста од химнографски образци за нивно прославување. Службата на Ефтимиј Велики, кој бил еден од највидните „пустиножители“, била погоден образец за воспевање и на словенските пустиножители. Поради тоа, и при составувањето на службата на Јоаким Осоговски, пишувачот го позајмил Климентовиот канон за Ефтимиј, споен со песнопенија од преведениот канон на Теофан Грапт. Варијантата што произлегува од двата канона ја среќаваме токму во канонот од службата на Свети Јоаким. Ваква адаптација на канонот среќаваме во три преписи од службата на Свети Јоаким: во Минеј со пролози, од ракописната збирка во Софија, НБ (бр.113), во Дечанскиот препис бр. 32 и во Хлудовиот препис (бр. 166). (М. Ј.-Т.)

 

Библиографија

Антиќ, Вера. 1977. Локални хагиографии во Македонија, Скопје: Просветно дело, стр. 89-92; Житие преподобнаго и богоноснаго отца нашего Йоакима Осоговскаго или Сарандапорскаго. 1896. Религиозни раскази, кн. 5 и кн.6, София, стр. 146-161, 171-178; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 1993. Свети Јоаким Осоговски. Скопје: Култура-ИМЛ, стр. 101-146; Ламанский, И. Владимир. 1864. В. „О славянских рукописях в Белграде, Загребе и Вене“ во: Записки Императорской академии наук, т. VIII, С. Петербург: Типография Императрской Академии Наук, стр. 123-138; Македонска книжевност IX-XVIII век. 2008. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена, стр. 227-232; Маринов, Димитрїи. 1900. Служба преподобнагω отца нашегω Іωакіма Осоговскагω. Срѣдец, стр. 5-39; Иванов, Йордан. 1931. Български старини из Македония, София: БАН, стр. 270-271; Новаковић, Стојан. 1867. „Прилози к историји српске кљижевности“. Гласник Српског ученог друштва књ. 22, стр. 242-264; Поп-Атанасов, Ѓорги. 1990. „Непознат препис од службата на Јоаким Осоговски со Климентовиот канон за Ефтимиј Велики“. Спектар, бр. 16, стр. 5-31; Станчев, Красимир, Попов, Георги. 1988. Климент Охридски. София: УИ „Св. Климент Охридски“, стр. 128-129.