УСПЕНИЕ КИРИЛОВО
житие
Кратко житие на Константин-Кирил Филозоф, создадено врз основа на Пространото житие на светецот и на некои легендарни извори, кое во конспективен вид ги предава податоците за животот на Св. Кирил. Во житието се откриваат податоци различни од оние во Пространото грчко житие. Се споменува мајката на Кирил – Марија, се говори за покрстувањето на македонските Словени долж реката Брегалница, за изнаоѓањето на азбуката за нив, има одбележување на имињата на учениците на Кирил и др. Се споменува различен број на покрстени Словени, некаде се среќава бројката од 54 000 христијани, на коишто им дал книги на словенски јазик. Некои, неговата содржина ја сметаат за легендарна, настаната под влијание на „Солунската легенда“, а други, врз основа на неговата содржина, сметаат дека словенската писменост настанала во 855 г., при т.н. Брегалничка мисија (Б. Панов, Б. Алексова). Постојат повеќе хипотези во однос на периодот на настанувањето на житието: некои го сметаат за рано житие IX-X век (Е. Георгиев), понатаму дека потекнува од периодот на XI-XII (Воронов), а најзастапено е мислењето дека е творба од XIII век (Т. Балан, П. Лавров, Д. Петканова и др.) Творбата е создадена како проложно житие, коешто не влегува како постојан составен дел во зборниците со проложни житија, поради што не достигнало поголема распространетост.
Познати се седум преписи, кои потекнуваат од XIV-XVII век: 1. Најстариот препис е од XIV век и се чува во манастирот „Плевља“ (Црна Гора); 2. Белградски препис во Зборникот со полемички состави (Белград, НБС, Рс11) од краjот на XIV век. Во него се забележуваат јасни траги од македонски пртототип; 3. Препис во Празничниот минеј од почетокот на XV век (Софија, БАН, бр. 23), објавен од И. Снегаров; 4. Букурешки (молдавски) препис во Зборникот со слова и житија од 1439 г. пишуван од Гаврил Урик (Букурешт, Романска академија на науките, бр. 164). Издаден е од Б. Ангелов; 5. Препис во ракопис од Лавовската универзитетска библиотека, бр. 2, од збирката на Петрушевич; 6. Григоровичев (молдавски) препис од 1450 г., објавен од А. Билбасов, идентичен со Лавовскиот препис; 7. Гилфердингов (Призренски) препис од XV-XVI век, со јазични црти што укажуваат на македонска предлошка. За богослужебни цели Успението Кирилово се користи единствено во Празничниот минеј (БАН, бр. 23) заедно со службата на Св. Кирил. (М. Ј.-Т.)
Ангелов, Боню. 1958. Из старата българска, руска и сръбска литература кн. 1 , София: БАН, стр. 36-44; Алексова, Блага. 1989. Епископијата на Брегалница: прв словенски црковен и културно-просветен центар во Македонија. Прилеп: Институт за истражување на старословенската култура; Бильбасов, А. Василий. А. 1871. Кирилла и Мефодий, ч. 2 Кирилл и Мефодий по западным легендам: (Легендарный образ Кирилла и Мефодия),Спб., стр. 238-264.; Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност. Средновековна книжевност, т. 1, Скопје: Гирланда, стр. 70; Гилфердинг, Ф. Александр. „Писъмо к редактору“. Известия АН по ОРЯС, VI, Спб., стр. 383-386; Иванов, Йордан. 1931. Български старини из Македония, София: БАН, стр. 283-288; Иванова, Климентина. 1986. Старобългарска литература. Житиеписни творби. София: Български писател, стр. 64-67; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2002. Оригиналните книжевни состави во македонскиот XV век. Скопје: ИМЛ, стр. 90-93; Лавров, П. 1930. Материалы по истории возникновения древнейшей славянской письменности, Ч. 2. Ленинград, стр. 154-157; Панов, Бранко. 1985. „Брегалничката мисија на Константин Филозоф – Кирил“ во: Средновековна Македонија, т. 3, Скопје: Мисла, стр. 178-193; Снегаров, Иван. 1953-1954. Неиздадени старобългарски жития. Год. ДА, кн.3, XXIX, София: Синодално издателство, стр. 159-162; Старословенски кирилометодиевски извори. 2011. Вовед, редакција и коментари д-р Ѓорги Поп-Атанасов, Скопје: Менора, стр. 131-147.