• Наслов

    РАСКАЗ ЗА ЗАКОНОПРАВИЛАТА СО ИСТОРИСКО-ЛЕТОПИСНИ БЕЛЕШКИ

  • Автор

    ДИМИТАР КРАТОВСКИ

  • Година на издавање
  • Категорија

    средновековна книжевност

  • расказ дело

Опис на делото

Расказот за законоправилата со историско-летописни белешки на Димитар Кратовски (книжевник кој дејствувал во XV век), претставува оригинален историско-летописен и правно-канонски состав. Составот е поговор напишан од дијак Димитар, кој се наоѓа на л. 3-8 од зачуваниот фрагмент од последните 10 л. во Номоканонoт (Законик) – автограф, кој содржи прецизни податоци за неговата работа врз ракописот и дава информации за неговиот живот. Ракописот бил напишан во 1466 г. по барање на охридскиот архиепископ Доротеј за Охридската соборна црква, нарачан при неговата посета на Кратово. Кон средината на XIX век овој Номоканон, заедно со споменатите десет листа се наоѓал во Охрид, каде што бил пронајден од В. И. Григорович, најверојатно во 1845 година при неговата посета на Македонија. Денес овие десет листа се чуваат во Москва, во Државната библиотека Ленин, во збирката на Григорович, сигн. Ф.87, бр. 1707. Инаку овој фрагмент, врз основа на палеографска анализа, се смета како дел од ракописот Номоканон (Софија, БАН бр.70). Расказот истовремено претставува теолошко-морализаторски трактат, дополнет со воени и црковни состојби за Македонија и за поширокиот регион во средината на XV век. Деловите презентираат значајни историски збиднувања од актуелниот период во однос на црковните состојби во Охридската архиепископија кога во 1466 година охридскиот архиепископ Доротеј со мнозина охридски болјари и други црковни достоинственици отпатувал во Цариград при султанот Мехмед II (1451-1481). Повод бил настанот кога султанот направил голем пустош во албанските земји, запленил многу луѓе, го прогонил Скендербег кон италијанските земји и основал голем град наречен Коњух. Наскоро архиепископот Доротеј бил сменет од архиепископскиот трон и на негово место бил поставен дотогашниот цариградски патријарх Марко Ксилокаров. Составот е интересен и по други значајни моменти што се содржани во него, како вметнати подробности од личен и од семејно-битов карактер, а важни се и податоците за самиот превод на овој правно-канонски текст. (М. Ј.-Т.)

 

Библиографија

Георгиевски, Михајло. 1991. „Делото на Димитар Кратовски – книжевник од XV век од Кратово“ во: Македонска средновековна книжевност, Скопје: Македонска книга, стр. 212-228; Георгиевски, Михајло. 1997. Прилози од старата македонска книжевност и култура. Скопје: Менора и Прилеп: Институт за старословенска култура, стр. 62-67; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2001. Македонската книжевност во XV век. Скопје: ИМЛ, стр. 32-35; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2002. Оригинални книжевни состави во македонскиот XV век. Скопје: ИМЛ, стр. 67-71; Македонска книжевност IX-XVIII век. 2008. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена, стр. 287-295; Поп-Атанасов, Ѓорѓи. 2001. Од македонскот книжевно минато. Скопје: Менора, стр. 249-251; Поп-Атанасов, Ѓорги, Велев, Илија, Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2004. Творци на македонската литература (IX-XVIII век). Скопје: ИМЛ, стр. 241-246.