• Наслов

    СЛОВО (ПИСАНИЕ) ЗА ВИСТИНСКАТА ВЕРА

  • Автор

    КОНСТАНТИН-КИРИЛ

  • Година на издавање
  • Категорија

    средновековна книжевност

  • слова

Опис на делото

Компилативно-преводна творба со догматска содржина од св. Константин-Кирил Филозоф, напишана пред неговата смрт во 869 година, по повод примањето монашки чин во Рим и во услови на длабоки болнички искушенија со богоугодна посветеност. Името на авторот е наведено во насловот на книжевниот состав, а инспиративниот слој црпи извор од традицијата на рановизантиските навраќања кон основната догма на христијанското верување и учење Симболот на верата. Полемичката страст го следела авторот преку целата негова мисионерска дејност, а меѓу темите на расправите било и прашањето – која вера е вистинска. Но во Словото тој не го истакнувал вообичаениот полемички однос, кој бил својствен за поранешните рановизантиски црковни автори кога се навраќале кон основите на Симболот на верата при покренувањата на догматските спорови низ историјата на христијанството. Неговата творечка појава треба да се согледува како сведоштво за неопходноста од таков вид на догматско-богословски трактат во епохата за афирмација на словенската богослужба, писменост и книжнина. Истовремено се истакнала и ерудицијата на сесловенскиот просветител и христијански рамноапостол, со конкретно дело да ги потврди познавањата и усвојувањата на изворните догматски учења преточени во словенската христијанска цивилизација и култура. Но и да се упати личниот завет на филозофот до своите словенски ученици, по изворниот духовен пат тие да ја продолжат христијанската идејна доктрина при нивното идно учење и верување. Постои веројатност дека Словото било пишувано на римолатински, византискогрчки и на старословенски јазик. Зачувано е во два словенски преписи: Лаврентиев (Иван-Александров) зборник од 1348 година (Санкт Петербург, Руска национална библиотека, сигн. F.I.376) и Барсов зборник од XVI век (Москва, Државен историски музеј, бр. 1498). (И.В.)


Библиографија

Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност. т. 1. Средновековна книжевност (IX-XIV век). Скопје: Гирланда, 109-110; Велев, Илија. 2016. Свети Кирил и Методиј, рамноапостоли и сесловенски просветители. Скопје: УКИМ; Алпеко груп, стр. 107-108; Верещагин, Евгений. и Юрченко, Андрей. 1989. „Греческий источник Написания о правой вере Константина – Кирилла Философа„. Советское славяноведение, бр. 3, стр. 54-63; Ильинский, Григорий. 1925. „Написание о правой вере- Константина Философа“ во: Сборник в чест на проф. В. Златарски. София: Държавна печатница, стр. 79-89; Поп-Атанасов, Ѓорги. 1989. Речник на старата македонска литература. Скопје: Македонска книга, стр. 187; Трифонов, Юрий. 1935. „Съчинението на Константина Философа (Св. Кирила) Написание о правой вере“. Списание БАН, кн. 52, стр. 1-86; Юрченко, Андрей И. 1990. „К проблеме идентификации Написания о правой вере“ во: Труды Отдела древнерусской литературы, кн. 43. Санкт Петербург: Наука, стр. 255-262.