• Наслов

    ХИМНОГРАФСКИ ДЕЛА НА СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ

  • Автор

    КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ

  • Година на издавање
  • Категорија

    средновековна книжевност

  • химнографија

Опис на делото

Дел од богатото идентификувано книжевно творештво на најопитниот Кирилометодиев следбеник и основоположник на Охридската духовна и книжевна школа во средновековна Македонија. Химнографијата претставува култна или црковна поезија со пофално-опеан богослужбен карактер, што го велича и го слави култот на канонизираните светители, или го прави посвечено духовното доживување на црковните празници. Св. Климент ги истакнал творечките опитности еднакво впечатливи и во посложените структурно-мозаични химнографски жанрови Службите и Каноните. До пред нешто повеќе од две децении малку се знаеше за неговиот творечки придонес во химнографијата, иако раскошниот поетски талент му се опишал и од неговите житиеписци – византиските охридски архиепископи Теофилакт и Хоматијан: „...богато ја снабдил Црквата со канони за пеење, при што едни од нив составил за многу од светителите, додека други – молитвени и благодарствени, составил во чест на сепорочната Божја Мајка“; или, дека напишал и повеќе „преподобни и свештени песни“. Со зачестените идентификувања на веќе повеќе десетици новооткриени химнографски творби засведочени со неговото име во акростиховите, тој се вбројува меѓу најплодните химнографски творци не само во македонската или во другите словенски книжевности туку пошироко во средновековната поетска традиција. Потврдените наведувања во книжевните извори сведочат дека тој напишал оригинални словенски богослужбени химни за скоро целиот празничен циклус. При систематизацијата на целиот празничен циклус со химнографски творби творечки соработувал и со неговиот Кирилометодиев соученик Константин Презвитер, заедно составувајќи го најголемиот оригинален словенски циклус од песнопеења за празниците Раѓањето Христово и Богојавлението.

Химнографијата на св. Климент Охридски се среќава во подоцнежни преписи низ содржините на литургиските зборници: празничен и службен минеј, октоих и требник. Во празничните и службените (месечни) минеи се евидентираат Каноните: за св. Ефтимиј Велики; за св. Теодор Тирон; за празникот „Полагање ризата и појасот на св. Богородица“; за Успение Богородично; за св. Методиј Солунски; за св. Петнаесет Тивериополски свештеномаченици; за првомаченикот Стефан и Стефан I папа Римски; и др. Службите со канони: на св. Алексиј Човек Божји и на св. Аполинариј Равенски. Циклусот од шест канони  –  трипеснеци за претпразненството на Раѓањето Христово; како и Стихири за Пренесувањето на моштите на Јоан Златоуст, и др. Во составите на општите минеи досега се идентификуваа и преписи со Циклусот од шест општи служби за: пророци, апостоли, светители, преподобни отци, маченици (светители) и за маченички (жени-светици). Во составите на октоисите се евидентирани преписите на негови химнографски дела, наменети за богослужења во делничните денови од седмицата: Покоен канон на 6-ти глас; Осмогласен циклус за св. Јоан Крстител со 24 стихири и 8 канони; Канон за св. Богородица на 4-ти глас; Осмогласен циклус за св. Троица со 8 канони; творечки дополнувања за седмичното (неделно) богослужење, како автор на Осмогласен циклус за апостолите Петар и Павле со 24 стихири и 8 канони на 2-ри, 6-ти и 8-ми глас, и сл. Во составите на требниците досега е откриен препис од неговиот Канон на 6-ти глас со 31 тропар. Со неговото химнографско творештво се поврзуваат и некои од идентификуваните анонимни (авторски непотпишани) оригинални словенски дела. Претпоставките за неговото авторство се нагласуваат врз основа на сличноста на поетско-изразниот стил, како и на поврзаноста на некои од тие анонимни песнопеења со богослужбениот циклус во кој се партиципира со творби од овој средновековен македонски поет. Нему му се припишува авторството на Претпразничните трипеснеци за Богојавление (чиј целосен акростих не е сочуван и се претпоставува дека веројатно во него било наведено името на св. Климент); словенскиот Канон за св. Климент Римски; Службата за св. Еразмо Лихнидиски (Охридски); Канонот за св. Симеон Богопримец; Канонот за св. Димитриј Солунски; некои од Циклусите стихири за Раѓањето Христово; како и Службата за св. Кирил и општата Служба за св. Кирил и Методиј; и др. (И.В.)


Библиографија

Велев, Илија. 2002. „Химнографските состави за светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици. Уште една новооткриена химнографска творба на св. Климент Охридски“. Археографски прилози, кн. 24, стр. 111-141; Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност. т. 1. Средновековна книжевност (IX-XIV век). Скопје: Гирланда, стр. 148-151; Велев, Илија. 2016. „Свети Климент Охридски. По повод 1100 години од неговото блажено упокојување (†916-2016)“. Празничен подлисток во Нова Македонија, год. LXXI, бр. 23.922, 7-8 декември; Македонска книжевност IX-XVIII век. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена, стр. 124-133; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2001. Македонска книжевна традиција. Скопје: ИМЛ, стр. 58-72; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2001. „Нов прилог кон проучувањето на Светиклиментовото химнографско творештво“ во: Годишен зборник на Богословски факултет „Св. Климент Охридски“, кн. 7. Скопје: Богословски факултет „Св. Климент Охридски, стр.  100-106; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2007. Средновековна македонска химнографија. Скопје: ИМЛ, 24-118; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2008. Свети Климент Охридски. Црковна поезија. Скопје: Менора; Савова, Венета. 2003. „Непознато химнографско произведение на св. Климент Охридски за св. Алексий Човек Божји (предварителни бележки)“. Старобългаристика/Paleobulgarica, XXVII, бр. 2, стр. 2-12; Savova, Veneta. 2003. „Newly Discovered Hymnographic Work of Saint Clement of Ohrid. The Office for St. Alexis the Man of God from the Festal Menaion Sin. Slav. 25“. Scripta & e-Scripta, Volume 1, pp 121-132; Станчев, Красимир. и Попов, Георги. 1988. Климент Охридски. Живот и творчество. София: Универзитетско издавателство Климент Охридски, стр. 112-219.