Опис на делото

Книжевнотворечки зборник со оригинални и компилативно-преводни дела на Кирилометодиевиот ученик Константин Презвитер. Составувањето на Зборникот го сторил на барање од св. Наум Охридски во 894 година, по Преславскиот собор, кога дошло до диференцијација на творечките развои во Преславскиот книжевен центар наспроти Охридската книжевна школа. Тогаш овој Кирилометодиев учесник се повлекол кај своите соученици во Македонија и бил поставен за епископ на обновената Брегалничка словенска епископија од страна на св. Климент Охридски. Содржинската структура на творечко-компилативниот кодекс ги содржи следниве дела: Азбучна молитва, Пролог (Предговор), 51 беседа за евангелијата, Црковно сказание и Историкии (Хронолошка таблица). Азбучната молитва претставува воведно поетско славословие за словенската писменост, во чиј акростих се претставени словенските букви кои го следеле азбучниот редослед на глаголицата. Тоа упатува на констатацијата дека нејзиниот авторски протограф бил пишуван со глаголичко словенско писмо и во кругот на Охридската книжевна школа – во Брегалничкиот книжевен центар. Прологот претставува предговор со објаснувања за пишувањето и за составувањето на ова значајно словенско дело, а меѓу другото се истакнува и дека за книжевниот потфат авторот бил поттикнат од св. Наум Охридски. Централен содржински дел на Зборникот се Беседите, кои претставуваат компилација од 50 проповеди на византиските црковни писатели Јоан Златоуст и Кирил Александриски, а со вовед и заклучок на Константин Презвитер. Меѓу нив се поместила и дополнителна 51-ва Беседа (во изборот како 42-ра по редослед), која била оригинално проповедно дело на авторот. Црковното сказание претставува содржинска преработка на книжевни творби од цариградскиот патријарх Герман (715 – 730), каде што се прави преглед за црковното уредување на православната црква. Ваквата книжевно приспособена компилација претставувала своевиден Правилник за црковното уредување на Брегалничката словенска епископија, со која духовно раководел епископ Константин. Составот на Историкиите или Хронолошката таблица може да се смета за прва анимирана словенска летописна творба, која го следела структурното клише на византиските хроники. Хронолошкиот преглед вообичаено почнува од раѓањето на првиот човек Адам, до Пришествието Христово и сѐ до актуелното време кога се составувала хронологијата – односно во 894 година. Наведената година се зема и како период кога бил составен зборникот Поучително евангелие. Зачувано е во три евидентирани преписи: од XII век (Москва, Државен историски музеј, Син. 262), од 1286 година (Санкт Петербург, Руска национална библиотека, Гилфердинг 32) и од XIV век кој се чува во Виена. (И.В.)

 

Библиографија

Антиќ, Вера. 1976. Од средновековната книжевност. Скопје: Македонска книга, стр. 5-50; Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност. т. 1.Средновековна книжевност (IX-XIV век). Скопје: Гирланда, стр. 191-197; Куев, Куйо. 1974. Азбучната молитва в славянските литератури. София: БАН. Македонска книжевност IX-XVIII век. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена, стр. 150-154; Михаилов, Александар В. 1928. „К вопросу о времени произхождения Учительного евангелия Константина Болгарского“. Slavia, VII, str. 284-297; Стојчевска-Антиќ, Вера. 1997. Историја на македонската книжевност. Средновековна книжевност. Скопје: Детска радост, стр. 179-188; Трифонов, Юрдан. 1925. „Бележки върху Учителното евангелие на епископа Константина“ во: Сборник в чест на Васил Н. Златарски. София: Държавна пелатница, стр. 459-479.