• Наслов

    ВИЗАНТИСКИ ХИМНОГРАФСКИ ЦИКЛУС ЗА СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • химнографија

Опис на делото

Составувани или дополнувани и редактирани химнографски творби на византискогрчки јазик во периодот меѓу XI и XVIII век. Авторските партиципации биле творечки ангажман на истакнати византиски поглавари на Охридската архиепископија: Теофилакт, Димитриј Хоматијан, Константин Кавасила, Григориј и Козма Драчки. Химнографскиот циклус почнал творечки да се организира за потребите на византискогрчката богослужба наместо словенската во диецезата на Охридската архиепископија, кога по згаснувањето на Самуиловата држава се заменувале и старословенските богослужбени книги со византискогрчки. Теофилакт бил првиот византиски охридски архиепископ (1089/1090  –  ок. 1109) кој составил византиска Служба за св. Климент Охридски, а со цел преку популарноста на неговиот култ да ја привлече и лојалноста на локалната паства кон византискиот духовен протекторат. Околу 1090 година тој извршил дополнување на упокоеното празнување за светителот од 27 јули, промовирајќи го и богослужбено прославувањето на неговиот именден на 25 ноември поврзано со споменот и славата на св. Климент I папата Римски. Впрочем и структурната, текстолошката и музичката основа на Службата ги составил според образците на Службата за св. Климент I папата Римски. Околу 1230 година и византискиот охридски архиепископ Димитриј Хоматијан составил нова дводелна Служба за св. Климент Охридски, отворајќи го творечкиот и богослужбен процес на проширување со дополнувања на византискиот химнографски циклус за охридскиот светител и словенски просветител. Со новата химнографска творба требало дополнително да се богослужбува на празнувањето на 27 јули, првобитниот датум кога се чествувало блаженото упокојување на светителот со неговата прва старословенска Служба. Непосредниот повод да се состави ново богослужбено песнопеење бил свечениот чин на откопувањето од гробот и положувањето на светителските мошти во посебно ковчеже (ракла). Хоматијан составил и дополнителен Молебен канон за св. Климент, што се пеел на посвечениот 8-ми глас – авторството го потврдил во акростихот. Такви химнографски состави им се посветувале на светители со помасовен култен авторитет, каков што имал и св. Климент Охридски. Не може со сигурност да се тврди дека Молебниот канон бил дел од структурното јадро на друга специјална Молебна служба за св. Климент. Станува збор за дополнително структурно песнопеење во однос на Службата, кое Хоматијан го наменил за помасовен молитвено-празничен обред надвор од храмот  –  кога се прославувал патронот на градот Охрид. Во 50-тите и 60-тите години на XIII век и византискиот охридски архиепископ Константин Кавасила го збогатил химнографскиот циклус за св. Климент Охридски, а со цел преку неговиот култ да го одржува стабилен духовниот статус на охридската архиепископска катедра. Нему му се определува химнографското авторство на уште еден Молебен канон посветен на охридскиот светител, а му се припишува и составувањето на Литијни стихири. Овие песнопеења богослужбено биле наменети за празнување на блаженото упокојување на светителот, на 27 јули. Во почетокот на XIV век охридскиот архиепископ Григориј го заокружил византискиот химнографски циклус за св. Климент Охридски, збогатувајќи ја неговата Служба со нови песнопеења во согласност со новите реформирани литургиски упатства од Ерусалимскиот типик. Првобитната основа на Теофилактовата служба се преструктуирала од дводелна во троделна химнографска композиција, а архиепископот Григориј составил нови песнопеења со кои требало да се богослужи при празничниот дел на Големата вечерна. Како негови химнографски состави се сметаат: 3 Стихири на Господи возвах и Слава на 6-ти глас, како и 3 Стиховни стихири на 2-ри глас. Кон крајот на XVII век драчкиот митрополит Козма го проширил химнографскиот циклус за св. Климент Охридски со состави за славење Величанија. Последниот химнографски прилог за св. Климент се составил во почетокот на XVIII век од Атанасиј Пароски во манастирот „Св. Јоан Крстител во Бер (Егејска Македонија), кога таму се пренел дел од моштите со главата на светителот како света реликвија. Византискиот химнографски циклус за св. Климент Охридски се зачувал преку различни прегрупирани структурни форми во ракописни преписи, печатени изданија и во словенскиот превод. Се претпоставува дека словенскиот превод на византискиот химнографски циклус за св. Климент Охридски настанал кон крајот на XIII или во XIV век, а со цел да се приспособи словенската богослужба за него кон промената на Студискиот со Ерусалимскиот типик. Словенскиот превод е зачуван само преку еден препис во Струшкиот празничен минеј од крајот на XIV и почетокот на XV век (Софија, Народна библиотека бр. 542). Таму химнографските песнопеења се подредени за богослужење при двете празнувања на светителот: за упокојувањето 25 ноември/8 декември и за именденот 27 јули/9 август. (И.В.)

 

Библиографија

Баласчев, Георги. 1898. Климент епископ Словенски и службата му по стар словенски превод. С една част гръцки паралелен текст и едно факсимиле. София: Държавна печатница, стр. 1-45; Велев, Илија. 2021. Погледи кон македонската културноисториска традиција. Скопје: ИМЛ, стр. 77-89; Велев, Илија. 2017. „Химнографските состави за свети Климент Охридски во богослужбената и во книжевната традиција“ во: Милениумското зрачење на св. Климент Охридски. 1100 години од упокојувањето на св. Климент Охридски. Скопје: МАНУ, стр. 128-137; Зографски, Калистрат. 1901. Служба иже во светых отца нашего архиерарха и чудотворца Климента. Софіа: Државна печатница; Йовчева, Мария. 2003. „Служби за Климент Охридски“. Кирило-Методиевска енциклопедия, т. 3, П-С. София: „Марин Дринов“, стр. 671-676; Нихоритис, Констандинос. 1990. „Атонската книжовна традиция в разпространението на Кирило-Методиевските извори“. Кирило-Методиевски студии, кн. 7, стр. 140-181; Нихоритис, Констандинос. 1986. „Неизвестни преписи от Службата и от Пространото житие на Климент Охридски“. Кирило-Методиевски студии, кн. 3, стр. 66-71; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2001. Македонска книжевна традиција. Скопје: ИМЛ, стр. 147-160; Снегаров, Иван. 1956. „Неиздадени преписи от гръцки служби на св. Климент Охридски“. Годишник на Духовната академия, кн. 5. София, стр. 221-238; Trapp, Erich. 1982. „Die sieben Slavenapostel in der Liturgischen Dichung“. Analecta Bolfandiana, 100: 469-489.