• Наслов

    БЕСЕДА ПРОТИВ БОГОМИЛИТЕ

  • Автор

    ПРЕЗВИТЕР КОЗМА

  • Година на издавање
  • Категорија

    средновековна книжевност

Опис на делото

Оригинална полемичко-поучна книжевна творба, напишана од Презвитер Козма против распространетата појава и ширење на богомилското движење и учење во Охридската духовна и книжевна школа по падот на Самуиловото владетелство во првата половина на XI век. Овие реторички антибогомилски расправи претставуваат еден од главните извори за проучување на богомилството од индиректен антибогомилски аспект, зашто изворните богомилски текстови масовно се уништувале и не се зачувале – или се презентирале преку скриени текстолошки форми. Авторот Козма се претставува како упатен богослов и вешт полемичар во одбрана на канонски воспоставената христијанска идеологија и теологија. Полемичките дискурси ги поткрепува со библиските содржини и со погледите на ранохристијанските црковни писатели, а аргументациите ги потврдува со критички примери од секојдневните однесувања на духовништвото и на мирјаните. Стилската реторичност во содржината упатува на претпоставките дека извесни делови биле јавно говорени пред широки аудиториуми, а други дека биле составувани како богослужбени проповеди и богословски поученија. Интегралната структура на Беседата има два дела, со вкупно составени 40 слова (беседи). Во првиот дел се истакнуваат критичките согледби за духовните и за идејните погледи на богомилите, кои ги одрекувале суштинските официјални христијански догми и дел од црковните верски ритуали. Во вториот дел се застапени поученија преку кои се поучува, но и се критикуваат општествените, духовните и моралните слабости – а тие им допуштале наметнување на богомилските погледи и учења да преовладуваат над официјалната христијанска теологија и етика. Дводелната текстолошка структура на Беседата ги натера некои од истражувачите да претпоставуваат дека постоеле две посебни книжевни дела на Презвитер Козма, а кои подоцна преку преписите се споиле во заеднички кодекс. Деталната анализа на интегралниот состав ја потврдува поврзаноста на нејзините два структурни делови, кои ги пишувал авторот како еден кодекс. Популарноста и значењето на делото извршиле големо влијание во натамошната духовна и книжевна традиција. Притоа еден дел од беседите влегле и во составот на номоканонот, а фрагменти од нив се препишувале и во зборниците со мешовита содржина  –  или, 14-тата беседа Поученија кон епископите и поповите ја надополнила втората руска редакција на прологот. Ваквите излекувања од интегралната содржинска структура се познати како кратка редакција на Беседата против богомилите. Не се зачувани протографот или постарите македонски и јужнословенски преписи. Кон крајот на XV век се извршила руската компилација на основниот текст. Иницијатор бил новгородскиот архиепископ Генадиј, а со цел ова дело да послужи во борбата против новопојавената ерес. Руската редактирана текстуална редакција е единствената зачувана форма на Беседата, која натаму доживувала нови јазични, стилски, па дури и содржински напластувања и прередактирања преку бројните преписи, извадоци, трансформации и компилации. Се евидентираат 25 преписи датирани од XV до XIX век, а во пораното јужнословенско ракописно наследство се среќаваат и 30-тина компилации, преработки или фрагменти на различни беседи од интегралната структура на текстот. (И.В.)


Библиографија

Ангеловска-Панова, Маја. 2004. Богомилството во духовната култура на Македонија. Скопје: Аз-Буки, Прилеп: Институт за старословенска култура, стр. 17-21; Антиќ, Вера. 1977. Низ страниците од јужнословенските книжевности. Скопје: Наша книга, стр. 105-185; Бегунов, Юрий. К. 1973. Козма Презвитер в славянских литературах. София: БАН; Велев, Илија. 2011. Беседа против богомилите на Презвитер Козма. Скопје: Македонска реч; Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност. т. 1.Средновековна книжевност (IX-XIV век). Скопје: Гирланда, стр. 218-223; Златарский, Васил Н. 1908. „Сколько бесед написал Козма Презвитер“ во: Сборник статей по славяноведению, посвящтнный професору Марину Степановичу Дринову. Харков, стр. 37-43; Киселков, Васил. 1949. „Векът на Презвитер Козма“. Език и литература, кн. 3, стр. 179-197; Киселков, Васил. 1942. Презвитер Козма и неговата беседа против богомилите. София: Крнобат; Македонска книжевност IX-XVIII век. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена, стр. 181-202; Минков, Цветан. 1936. Презвитер Козма. Беседа против богомилите. София: Древна България.