• Наслов

    КРВАВА КОШУЛА

  • Автор

    РАЈКО ЖИНЗИФОВ

  • Година на издавање

    1870

  • Категорија

    преродбенска книжевност

  • дело поема

Опис на делото

 Една од првите објавени поеми на македонски народен јазик во посебна книшка, напишана во духот на романтизмот. Поемата е составена од четири дела, во која е опеан вистински настан, потресна приказна на мајка чиј син единец бил убиен од страна на турскиот освојувач. Рајко Жинзифов бил сведок на настанот во 1856 г. во Прилеп, за што информира Марко Цепенков во својата Автобиографија. Поемата е поделена на три поголеми дела, а четвртиот дел е составен само од осум стихови. Жинзифов ја започнува поемата со описот на градот Прилеп, поточно со нагласката дека во него живеел Крале Марко, а потоа почнува да ја развива содржината. Мотивот на поетот е да го опее неподносливиот национален и економски живот на македонскиот народ. Поетската вештина на Жинзифов е што големата слика за состојбата во Македонија ја прикажува преку судбината на една старица, чиј син Божин бил убиен од страна на насилници. Поетот го слуша потресниот настан во дворот од црквата, при што мајката, држејќи ја крвавата кошула од својата син, повикува на одмазда. Раскажувањето во вториот дел тече развлечено, со повторувања и сентиментален израз. Во третиот дел исказот е течен, со еднообразен тажен ритам. Поемата е еден од примерите за симболиката на крвавата кошула која во реалниот живот се употребувала како симбол за одмазда, а врз неа се изградил мотивот во уметничката традиција. Расказот на мајката се одвива течно, со тажен ритам, па на моменти остава впечаток на народна тажачка песна. Во поемата се опеани условите во кои живеел нашиот народ, а преку исказот на мајката дека го учела синот да биде покорен и мирен, се истакнува односот на мајките спрема синовите во времето во кое живееле – време на долго ропство и на доживеани семејни трагедии. Затоа поетот упатува повик за борба против политичкото ропство, што всушност го прави уште од самиот почеток на поемата преку нејзиното мото „Зол трн – зла копачка“, со народната пословица која нè воведува и во прозниот текст „Прошедба“. Целта на Жинзифов била да порача дека со покорност нема да се извојува слободата, туку со отпор, борба. Поемата содржи тажаленки, опеани се прослави на старите времиња, идиличните места, го воспева Крале Марко. Опеаните ликови се типични за тогашното време, поради што се оценува дека поемата претставува одраз на времето. Поемата е напишана со баладично пеење, а нејзината поетика, според Ванчо Тушевски, се изразува преку историската актуализација, суптилната лиризација, присуството на фолклорниот напев и естетизацијата на трагичното.

Повикот на Жинзифов во поемата Крвава кошула, во 70-тите години на XIX станал реалност – македонската национална преродба почнала да прераснува и во револуционерна преродба на македонскиот народ. (В. М. Х.)

 

Библиографија

 Конески, Блаже. 1981. „Крвава кошула“ во: Рајко Жинзифов – Одбрани творби, приредил Гане Тодоровски. Скопје: Мисла, стр. 480 – 485; Тодоровски, Гане. 1981. „Жинзифов наспроти Прличев“ во: Рајко Жинзифов  – Одбрани творби, приредил Гане Тодоровски. Скопје: Мисла, стр. 607 – 622; Тушевски, Ванчо. 2000. „Поетика на поемата Крвава кошуља“ во: Поетика и реторика на новата македонска книжевност – XIX век. Скопје: Менора, стр. 57 – 72.