• Наслов

    ОПИС НА СВЕТИТЕ МЕСТА ВО ПАЛЕСТИНА

  • Автор

    АРСЕНИЈ СОЛУНСКИ

  • Година на издавање
  • Категорија

    средновековна книжевност

  • расказ автор

Опис на делото

Патописно-поклонички расказ пишуван од дијак Арсениј во Солун во последната четвртина на XIV век, како лични духовни и книжевни импресии од неговиот 17-годишен престој во Ерусалим. Составот на солунскиот духовник има оригинален творечки статус, зашто не претставува компилација во однос на текстолошкото клише од латинските, византиските, руските, па и од другите јужнословенски истородни книжевни творби. Во содржината се опишуваат знаменитостите на светите места и храмови што се непосредно поврзани со божествените преданија за Исус Христос, проследени со библиски мотиви и сижеа, со автентични толкувања на веќе популарните палестински легенди, како и со апокрифни или фолклорни мотивски епизоди. Начинот на опишувања со лични импресии и со нагласување на чуда, творечки ја пренесуваат содржината поинвентивно, стилски поеластично и авторски автентично. Описите на светите места будат впечатоци од очевидец, со оригинално импресионистичко набљудување и со директни доживеани соочувања. На извесен начин творбата излегува од строгата религиозна рамка на средновековниот патописен жанр, а нејзината посебност се однесува и во однос на подоцнежните патописно-поклонички состави. Тоа го претставува авторот како опишувач и како раскажувач кој поседува творечка слобода, но и кој се поставил на извесна инспиративна дистанца од мобилизираниот идеализам на верската преокупација. Уште во XV век од средновековната македонска книжевност творбата била пренесена во руската препишувачка традиција. Притоа и повеќето од зачуваните 13 преписи во ракописи датирани меѓу XVI и XVII век се со руска провениенција. Најстарот препис од XVI век одразува текст со примеси од македонска јазична предлошка, а се чува во Санкт Петербург (Духовна академија, Софиска новгородска збирка, бр. 1464). Од познатите преписи се класифицираат три основни структурни редакции на патописно-поклоничкиот расказ, од кои првата е најблиска до протографот на Арсениј Солунски и ја одразува македонската ракописна предлошка. Односно, од содржината на оригиналната творба подоцна еволуирале три преписни текстолошки редакции. Веројатно ваквиот творечки процес се одвивал во руската книжевна средина, а затоа во составот редакторите дополнително пренеле и содржински слоеви од руската духовна поезија. (И.В.)


Библиографија

Адріанова, Варвара П. 1913. „Хожденіе Арсенія Солунскаго“. Извѣстія Отдѣленія русского языка и словесности Императорской Академіи наукъ, т. 18, кн. 3, стр. 195-224; Ангелов, Боню. Ст. 1967. Из старата българска, руска и сръбска литература. кн. 2. София:БАН, стр. 237-241; Велев, Илија. 1996. Македонскиот книжевен XIV век. Скопје: Веда, стр. 365-366; Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност. т. 1.Средновековна книжевност (IX-XIV век). Скопје: Гирланда, стр. 402-404; Георгиевски, Михајло. 1978. „Арсениј Солунски и неговиот патопис од XIV век“. Современост, бр. 7-8, стр. 45-51; Георгиевски, Михајло. 1997. Прилози од старата македонска книжевност и култура. Скопје: Менора; Прилеп : Институт за старословенска култура, стр. 31-36; Дуйчев, Иван. 1959. „Географски описания в средновековната българска книжнина“ во: Сборник в чест на академик Никола Михов. София: БАН, стр. 157-170; Македонска книжевност IX-XVIII век. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена, стр. 255-260; Поп-Атанасов, Ѓорги, Илија Велев и Маја Јакимовска-Тошиќ. 2004. Творци на македонската литература (IX-XVIII век). Скопје: ИМЛ, стр. 186-192.