• Наслов

    БИТОЛСКИ ТРИОД

  • Автор

    ГЕОРГИ ГРАМАТИК

  • Година на издавање
  • Категорија

    средновековна книжевност

  • зборник

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван на почетокот на XII век. Еден од најзначајните споменици од редакцискиот период. Содржи 101 пергаментен лист, напишани со кирилско старословенско писмо, со чести глаголски вметнувања. Пишуван е од еден книжевник, Георги Граматик , од постара глаголска предлошка што му припаѓала на поп Георги од с. Вапа. Според правописните и јазичните особености се констатира дека ракописот е произлезен од Охридската книжевна школа. Според содржинската структура претставува посен триод. Во поглед на својот состав е доста оригинален и архаичен, при што значајно се разликува од останатите познати триодни ракописи. Службите се доста кратки и најчесто содржат само канони без вечерни и утрински стихири, без часови, паримии, па дури и без соодветни упатства од типикот. Текстот започнува со службите од четвртокот на првата седмица и завршува со шестата седмица од Велигденскит пост. Покрај преводните химнографии од византиските црковни писатели, застапени се и оригинални химнографии на Константин Презвитер, чиешто име се открива преку уникатниот акростих, како и најстар препис од словенскиот превод на Великиот канон на Св. Андреј Критски. На маргините од ракописот се наоѓаат 22 записи од книжевникот, од кои еден е глаголски (л.185), а на л.26 и л.107 се наоѓаат уште две белешки додадени од подоцнежна рака. Ракописот е значаен и од музиколошки аспект, бидејќи во него се зачувани траги од екфонетски знаци, наследени од византиската музичка традиција како и реткиот музички знак тита. Битолскиот триод во 1898 г. е донесен во Бугарското трговско претставништво во Битола заедно се некои други словенски и грчки ракописи од околните села. Подоцна, во 1907 г. таму го пронашол Јордан Иванов. Ракописот е именуван според местото каде што е пронајден, а во науката се среќава и како Кичевски триод, според местото каде што се претпоставува дека е напишан. Се чува во библиотеката на Бугарската академија на науките во Софија, сигн.  №38.   (С. П.-Ѓ.)

 

Библиографија

Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност.Средновековна книжевност (IX-XIV век). т. 1. Скопје: Гирланда; Георгиевски, Михајло. 1979. Македонското книжевно наследство од XI до XVIII век: преглед. Скопје: „Просветен работник“; Македонска книжевност IX-XVIII век. 2008. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена; Поп-Атанасов, Ѓорги. 1993. „Битолскиот триод како музички споменик“. Македонски фолклор: списание на Институтот за фолклор, год. 26, бр. 52, стр.  99-102; Поп-Атанасов, Ѓорги. 1997. „Каде и кога е пишуван Битолскиот триод и кој е неговиот пишувач?“ во: Книжевни истражувања: прилози од вработените во Институтот за македонска литература. Скопје: ИМЛ, стр. 9-16; Поп-Атанасов, Ѓорги, Велев, Илија и Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2004. Творци на македонската литература (IX-XVIII). Скопје: ИМЛ; Стојчевска-Антиќ, Вера. 1984. „Прилог кон словенските ракописни триоди од Битола и Битолско“ во: Зборник во чест на Блаже Конески по повод шеесетгодишнината. Скопје: Универзитет „Кирил и Методиј“, Филилошки факултет ‒ Скопје, стр. 437-446; Угринова-Скаловска, Радмила. 1970. „Траги од глаголската писмена традиција во македонските кирилски текстови од 12 и 13 век“ во: Годишен зборник на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје, кн. 22, Скопје: Универзитет „Кирил и Методиј“, Филилозофски факултет, стр. 571-580.